Техничките проблеми, ограничените резерви од САД и минималната контрола на ЕУ врз увозот го прават ветувањето неостварливо, велат експертите
Експерти основано се сомневаат во можноста за спроведување на договорот за купување енергенти меѓу ЕУ и САД тежок 750 милијарди долари
Европската Унија за малку избегна целосна трговска војна со САД ветувајќи дека ќе купи американска нафта и гас во вредност од 750 милијарди долари до крајот на мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп, но постигнувањето на ветеното ќе биде речиси невозможно, пишува реномираниот медиум „Политико“, анализирајќи ја европско-американската спогодба.
Досега, Брисел даде оскудни детали за тоа како би функционирале купувањата. Сепак, ограничените резерви од САД, техничките пречки и слабите овластувања на ЕУ врз договорите за увоз значат дека постигнувањето на целта ќе биде исклучително тешко, без оглед на спецификите.
– Насловната бројка е целосно нереална – смета економската експертка Лаура Пејџ, виша аналитичарка во фирмата за стоки „Кплер“.
Брисел блефира дека може да ги оствари обврските кон САД само за да добие на време за да ја избегне трговската војна против Трамп
ЕУ сè повеќе ги зголемува купувањата на течен природен гас (ЛНГ) од САД по прекините во снабдувањето поврзани со целосната инвазија на Москва врз Украина во 2022 година. Трамп, во меѓувреме, долго време ја промовираше зголемената продажба на енергија како клучно барање за ублажување на трговските тензии со блокот.
– Купувањето американски енергетски производи ќе ги диверзифицира нашите извори на снабдување и ќе придонесе за енергетската безбедност на Европа – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата, истакнувајќи дека овој потег ќе му помогне и на блокот во неговите тековни напори да „ги замени рускиот гас и нафта со значителни купувања на американски ЛНГ, нафта и нуклеарни горива“.
– Подготвени сме да се зафатиме со тие купувања. Веруваме дека овие бројки се остварливи – повтори шефот на ЕУ за трговија Марош Шефчович во понеделникот. Проблемот е што не се сите убедени дека бројките се совпаѓаат.
– ЕУ минатата година потроши 375 милијарди евра за увоз на енергија, вклучувајќи 76 милијарди евра од САД – рече Пејџ, што значи дека блокот ќе мора во суштина тројно да го зголеми американскиот увоз во следните три години – во тој процес избегнувајќи ги другите доставувачи, како што е Норвешка, која обезбедува поевтин гас преку цевковод.
Ниту отстранувањето на руските енергенти од пресметката не би направило голема разлика. Блокот потроши само 23 милијарди евра за увоз на нафта, гас и нуклеарна енергија од Москва минатата година.
Во исто време, САД минатата година испратија само 166 милијарди долари нафта и гас во странство, објасни економската експертка Пејџ, што значи дека ќе мора да го пренасочат целиот свој извоз кон ЕУ – и уште повеќе. Тоа „едноставно никогаш нема да се случи“, порача таа, особено затоа што извозот на течен природен гас од САД не е врзан за една дестинација и обично оди кај оној што нуди највисока понуда во светот.
Тоа не е единствената техничка тешкотија. ЕУ моментално купува 12 проценти од својата нафта и гориво од САД, според Хомајун Фалакшахи, раководител на анализата за сурова нафта во „Кплер“. Оваа бројка би можела да се зголеми на максимум од 14 проценти, со оглед на тоа што рафинериите на ЕУ можат да се справат само со ограничени удели од специфичната мешавина на нафта на Америка.
– Тоа е навистина фантазија – вели Фалакшахи.
Сѐ уште е нејасно зошто ЕУ се обврза на толкави високи парични суми!?
Висок функционер на комисијата, исто така, изјави дека договорот ќе зависи од специфични „околности“, како што се доволна инфраструктура за течен природен гас (ЛНГ) во Европа и „капацитет за испорака од страна на САД“.
Но бројките не се извлечени тукутака.
– Ова се базира на анализа на тоа какви се нашите потреби – инсистираше функционерот, кој побара анонимност за да зборува слободно за договорот.
Друг предизвик е како Брисел ќе ги олесни тие купувања. Функционерот на комисијата рече дека целта „не е нешто што ЕУ како јавен орган може да го гарантира“, туку е „нешто што се базира на намерите на приватните компании“. И досега, фирмите не ја гледаат економската логика.
– ЕУ не е компанија. Дали ќе ги принудат компаниите од ЕУ да купуваат гас и нафта од САД? Ако постои комерцијална причина зад ова, компаниите ќе го сторат тоа. Во спротивно тоа очигледно е само лага – рече специјалист за гас во истакната трговска куќа за енергија во изјава за „Политико“.
Она што останува нејасно е зошто комисијата би се обврзала на толку високи бројки знаејќи ги предизвиците што се вклучени, посочува Ан-Софи Корбо, виш истражувач и експерт за гас во Центарот за глобална енергетска политика.
Како што стојат работите, се чини дека „ЕУ беше подготвена да се согласи на која било бројка за да ги избегне 30-те проценти“, рече таа, осврнувајќи се на заканата на Трамп за многу повисока општа царина.