Разрешувањето на специјалниот претставник на македонската влада во разговорите со Бугарија, Владо Бучковски, отвори простор за дебата во македонската јавност дали воопшто постои потреба за медијаторска фигура од каков било вид во овој специфичен спор. Нашите соговорници по ова прашање истакнуваат дека „за прашања за кои не се дискутира, логиката вели дека нема ни потреба од медијатор. Надвор од цивилизациските норми е некој посредник да решава за правото на постоење на нашиот (мојот) идентитет, јазик и култура“…
По разрешувањето на специјалниот
претставник на македонската влада
во разговорите со Бугарија
Во привидната динамика на настани поврзани со барање решение за надминување на бугарското вето за македонските евроинтеграции, речиси невозможно е да се процени каков сигнал носи одреден политички потег, одлука или изјава. Секако, освен оние што се со исклучително тврди позиции и обично произлегуваат од бугарска страна. Разрешувањето, пак, на специјалниот претставник на македонската влада во разговорите со Бугарија, Владо Бучковски, во денот кога мандатарот Димитар Ковачевски ги предаде во Собранието предлогот за состав на новата влада и програмата за мандатот, отвори простор за дебата во македонската јавност дали воопшто постои потреба за медијаторска фигура од какво било вид во овој специфичен спор, со чие надминување би требало (повторно без гаранции) да бидат отворени преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Полуофицијално, во заднинскиот фон на македонско-бугарскиот случај, сѐ уште се споменува некаква понуда од Франција, како претседавач со Советот на ЕУ, за преговарачко посредништво во балканскиот билатерален спор. Блиското минато на Македонија од меѓународното посредништвото во случајот со Грција, искуствено покажа дека медијаторството во спор од национално-идентитетска природа, во кој притоа страните немаат рамноправни позиции, не може да биде со праведен исход. Она што на своја кожа го искуси Македонија е дека вклучувањето преговарач во некој спор подразбира компромис и отстапки… Потребна ли ѝ е на Македонија нова авантура со посредништво во билатерален (апсурден) спор, повторно со ЕУ како мамка и без маневарски простор за какви било отстапки?
– Улогата и дејствата на Владо Бучковски во разговорите со Бугарија не беа никаква медијација. Бучковски беше застапник на ставовите на македонскиот премиер, овластен да разговара, но не и да преговара. Односно немаше ингеренции да носи одлуки, да прифаќа или да одбива предлози. Тоа не беше медијација, како во Преспанската спогодба со Грција. Едни принципи функционираат во медијацијата, други при склучување договори. При медијацијата е вклучена и трета страна во преговорите. Затоа со Грција имаме спогодба, а со Бугарија билатерален договор. Тоа е суштинска разлика – вели Панде Колемишевски, првиот лиценциран медијатор во Македонија.
За опционалноста на посредништвото во македонско-бугарскиот спор, Колемишевски вели дека за идентитетски прашања не се преговара(ло) никогаш и никаде во светот.
Специфичната тежина на македонско-бугарскиот спор е зголемена со фактот што македонското собрание има донесено резолуција со која ја одреди автентичноста на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик како црвени линии, кои не смеат да се преминат во какви било преговори и процеси за евроинтеграциите. Притоа и бугарското собрание има изгласано декларација во 2019 година, според која бара од Македонија да ги признае бугарските корени на својата нација и јазик, а подоцна надградена и со барање за внесување на Бугарите во македонскиот устав. Во услови на така декларирани позиции на двете страни, кои претставуваат суштински антипод една на друга, се чини дека нема простор за медијаторски маневри од кои двете страни би излегле задоволни.
– За прашања што не се дискутира, логиката вели дека нема ни потреба од медијатор. Надвор од цивилизациските норми е некој посредник да решава за правото на постоење на нашиот (мојот) идентитет, јазик и култура. За жал, со Преспанската спогодба, Македонија остави простор Западот да си дозволува да наметнува идеи за некаква медијаторска фигура што би посредувала за спор со вековно историски нерешени прашања, испреплетени со многу емоционално-психолошки моменти, во каков што се претвори договорот со Бугарија. Каков и да е тој посредник, таа трета страна во спорот, ќе гледа прашањето да го реши политички, а со такво решение Македонија, како условена страна, секако ќе биде оштетена. Зашто македонската позиција во спорот со Бугарија не е рамноправна по две основи. Прво, Бугарија, иако ја има признаено Македонија како држава, не ја признава нацијата. Кога не му се признава идентитетот на соговорникот, од почеток позицијата е нерамноправна. Потоа, во услови кога Бугарија е членка на ЕУ, и од таква позиција идентитетско-историски ја уценува Македонија за влез во таа Унија, секој посредник од ЕУ не може да биде неутрален кога е во прашање член на сојузот. Кога Бугарија би ја признала македонската нација, во извесна мера би биле порамноправни позициите во некакви преговори, кога би преговарале како Македонци и Бугари, а не според бугарската перцепција како Бугари со Бугари. Но конечно, историско-идентитетските прашања се нешто за што не се преговара, дури ни со посредници – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Согледувајќи ја идејата за медијаторство во македонско-бугарскиот спор, дури и од политичко-прагматичен аспект, политичкиот аналитичар Александар Пандов смета дека за Македонија тоа би било влегување во уште една стапица со непристоен предлог, без никакви гаранции за исчекор во евроинтеграциите.
– Ако ја поставиме на базично ниво идејата за медијаторство во македонско-бугарскиот спор, кој е историско-идентитетски (зашто историјата го создава идентитетот), прво што се наметнува како размислување е за какво решение би посредувал хипотетичкиот медијатор: дали помалку или повеќе би биле Бугари или Македонци? Никој од страна не може да олесни, ниту има право да преговара со некого за нечиј (во случајов, нашиот македонски) идентитет. Конечно, имаме резолуција на македонското собрание со јасни позиции, кои треба да им се кажуваат и на Бугарија и во Брисел, дека не разговараме за никакво предефинирање на сопствената историја и национален идентитет. Евентуалната согласност за посредништво во спорот е влегување во уште една стапица со непристоен предлог од Бугарија, без никакви гаранции за нашите евроинтеграции – вели Александар Пандов.