Тоскана е регион во Италија што со својата природа, убавина, уреденост, инфраструктура го плени секој посетител, кој кога ќе заврши со разгледот ќе има одлични впечатоци и спомени што долго ќе се паметат
Репортажа на нашата дописничка Каролина Мицевска од патувањето во Италија
Тоскана е предел во средината на Италија, меѓу планините на исток и Лигуриско и Тиренско Море на запад, со површина од околу 23 илјади квадратни километри, во кој живеат речиси 3,5 милиони луѓе. Таа е област со ридест дел во внатрешноста и со низина. Покрај морето е ниско и песочно, со средоземна и континентална клима. Околу 36 проценти од Тоскана се покриени со шума, а околу 30 проценти се плодно земјиште со земјоделски култури. Се одгледуваат пченица и зеленчук, а најмногу има површини со лозја, каде што се произведува прочуеното тосканско вино. Во овој дел има и индустрија за обработка на мермер, околу областа Карара.
Сепак, најмногу пленат културно-историските споменици, сликовитите пејзажи, морските одморалишта и градовите што ги посетуваат милиони туристи – Фиренца, Пиза, Сиена… Тоскана или некогашна Етрурија има богата историја, уште од античко време. Тоскана станала во римскиот период. Еден период овој регион бил под франачка власт, за потоа да премине во рацете на грофовите од Каноса. По смртта на макрогрофицата Матилда, која Тоскана и областа Емилија му ги оставила на папата, дошло до судир меѓу папата и царевите. Во тие борби се создале комуните Пиза, Сиена, Фиренца. По превласта на Сиена, водството по 14 век го презела Фиренца, која станала важно ренесансно седиште, кога со неа владеело семејството Медичи. Во тој период Тоскана многу се развила како политичка и административна целина, а последниот војвода бил Џ.Г. Медичи, кој го наследил мажот на Марија Терезија. По неговата смрт, Тоскана била под хабзбуршка власт, а потоа и под француска… Со плебисцит во 1860 година Тоскана станала дел од Кралството Италија.
Сиена – градот ривал на Фиренца
Сиена се наоѓа во средината на Тоскана, меѓу питорескните ритчиња. Убав „културен пејзаж“, кој никако не се нарушува. Како и сите други тоскански градови, Сиена е основана од етрурски племиња, за подоцна модерниот град да го создадат Римјаните. Легендата вели дека е основана од Сениус, синот на Рем, кој заедно со брат му Ромул го основал Рим. Некогаш Сиена била слепо црево, град надвор од трговските патишта. Но подоцна почнале да се менуваат состојбите и Сиена започнала да се развива и да напредува. Во 13 век станала независна република и се натпреварувала со Фиренца, особено во културата и во уметноста. Двата града во еден подолг период бил лути ривали и противници. Во тој успешен период Сиена го добила универзитетот, кој и ден-денес е еден од најпознатите во Италија, особено катедрите по право и по медицина. Сиена настрадала во 14 век, со појавата на чумата, и оттогаш не се вратил стариот сјај на градот, кој останал под сенката на Фиренца.
Само што ќе стапнете на нејзино тло, Сиена ќе ве освои со старото добро зачувано средновековно градско јадро. Полека шетајќи по улиците, додека од сите страни се слуша врева од илјадниците туристи, ќе стигнете до плоштадот – импресивниот „Пјаца дел кампо“ и 102 метри високата кула „Торе дел манджа“. Необичен плоштад на кој нема ни клупи ни скали, поплочен со црвена тула и накосен. Додека седите на него се чувствувате како да сте на трибини на некој натпревар. Одлична е атмосферата на плоштадот, дури во одреден период можете да ја чуете и химната на Италија, која ја изведува градскиот оркестар. Плоштадот е опкружен со преубави палати, а во приземјето има голем број ресторани и кафулиња. Некои од палатите се во црвенкасто-розова боја. И, додека слушате музика се чувствувате романтично, опуштено, задоволно. На плоштадот двапати годишно, налето и наесен, е многу живо и бучно, бидејќи се одржува Палио, традиционалната трка со коњи од 17 независни градски подрачја – контради, која е традиција што е уште од 14 век. Победникот од трката, која трае многу кратко, добива знаме посветено на Девица Марија. А целиот град тогаш е закитен со боите на победникот. Вистински спектакл со знамиња и со жива музика.
Градската куќа „Палацо публико“ е седиште на властите од 13 век, а до неа гордо се извишува кулата „Торе дел манджа“, вистинска „убавица“. Ако имате време, качете се на кулата, од каде што има преубав величествен поглед што го одзема здивот. Ќе го видите целиот град, црвенкастите покриви и зелените ритчиња.
Од плоштадот појдете до „Дуомо ди Сиена“, катедрала што изгледа како зебрест колач, а е една од најубавите во светот, која ќе ве воодушеви. Импозантна градба, на која во 13 и 14 век работеле најголемите ренесансни уметници и архитекти. Била градена да биде најголема на светот, но не ја завршиле поради недостиг од пари. За мермерната фасада бил задолжен Џовани Писано, а Никола Писано ја резбарел. Пинтуричо ја насликал одличната фреска во делот Пиколомини, додека скулптурите ги работеле Микеланџело, Донатели и Џ.Л. Бернини. Црно-белиот дел е и во внатрешноста, а сините сводови се со ѕвезди. На подот има 56 плочки со историски и библиски сцени, кои во период од 200 години ги изработувале 40 уметници. Покрај катедралата е и библиотеката „Пиколомини“, градена од Франческо Пиколомини, кој подоцна станал папата Пио Трети, во која се чуваат скапоцени книги. Ѕидовите се насликани со фрески со живи бои, а се дело на сликарот Пинтуричо…
Уживајте во убавата Сиена, како што уживав и јас, во градот полн со убавина по мера на човекот.
Сан Џимињано украс на Тоскана
Сан Џимињано е средновековен град во Тоскана во кој можете да видите голем број знаменитости, тесни улички, кули, цркви и други градби од средниот век. Сан Џимињано е град на средновековните кули. Од некогашните седумдесетина, останати се само 14 кули, кои создаваат прекрасен хоризонт, кој се забележува од која било страна да му приоѓаш кон гратчето. Историскиот центар е наследство на УНЕСКО и, кога шеташ низ уличките, можеш да се вратиш во минатото, да го почувствуваш духот на стариот град. Освен кулите, во градот има и други значајни туристички атракции. Влезете во катедралата „Ла колеџата“ од 11 век, со богата внатрешност и со фрески од 11 век. Посетете ги градскиот музеј „Палацо дел пополо“, со автентични уметнички творби и фрески од 13 до 15 век, Музејот на тортурата, Археолошкиот музеј и Музејот на современата уметност, како и малата црква „Сент Агостино“ и остатоците од тврдината Ла Рока од 14 век. И кога ќе разгледате сѐ, седнете околу средновековната фонтана „Фонти медиевали“ од 9 век, купете сладолед и вкусете го. Најдобар на светот, со документ. Уживајте уште малку при вашата посета на средновековниот град и забележете ги сите убавини. Дури и овековечете ги за долготраен спомен.
Пиза и легендарната Крива кула
Пиза е италијански град сместен на реката Арно во регионот Тоскана и главен град на истоимената покраина. Градот е познат по многубројните културно-историски споменици, од кои најзначајна е Кривата кула. Заедно со Бранко Карески и моите други пријатели го посетивме еден убав сончев ден во октомври. Времето погодно за прошетка. Со вовче се упативме до центарот на градот. Беше убаво доживување, иако возењето беше кратко. Кривата кула е бела градба, позната по своето нерамно тло и затоа е накривена. Таа е една од најпрепознатливите градби во светот, градена во три фази, во период од 200 години, висока 56 метри. Конструкцијата започнала во 1173 година, а градбата требало да биде трета и последна зграда во црковниот комплекс. Кога се изградиле првите два ката, било забележано дека тоне во земјата. Дополнителната градба продолжила со цел да се најде решение за проблемот. Сепак на крајот накривената кула е изградена во 1372 година. Главен архитект бил Бонано Писано, кој направил грешка поради плиткоста на темелите. Сега накривувањето е стабилизирано, а од 1987 година Кривата кула е културно наследство на УНЕСКО, која годишно ја посетуваат милиони туристи, се фотографираат, а фотографирањето претставува вистинско доживување и забава.
Фиренца – ренесансен главен град на Тоскана
Фиренца е централен град во покраината Тоскана. Сите патишта водат до неа. Во овој град, низ историјата, се создавала најубавата уметност во секој чекор, на секој агол, на секој плоштад, пренесена преку стихови, преку музика, овековечена преку ликовната уметност… Во Фиренца има многу нешта да се видат и посетат, но овој пат мојот избор е за десетината значајни споменици на културата што ќе ве остават без здив. Започнете од „Фонтана дел порчелино“, која се наоѓа на плоштадот „Меркато нуово“, во близината од стариот мост „Понте Векио“„, која е во облик на вепар од чија уста тече вода. Се верува дека ова прасе носи среќа ако го погалиш и му ставиш пара во устата. Парите што се слеваат во устата се делат за добротворни цели. Потоа прошетајте по Понте Векио“, еден од шесте моста што ја поврзуваат реката Арно, еден од најубавите во Европа, кој потекнува уште од антички Рим, иако во документите првпат се спомнува во 996 година. Ова е единствениот мост што не е урнат во Втората светска војна. Тој се состои од три дела, односно три лака. За овој мост се врзува и легенда дека е мост на љубовта, бидејќи се верува дека двојка што ќе закачи катанец на мостот и ќе го фрли клучот, ќе се завети на верност и долга љубов. Тука се чувствува вистинскиот дух на Фиренца, а ако ја посетите ноќе, глетката е уште повеличествена. Околу мостот има голем број кафулиња, сувенирници, многу уметници што изработуваат портрети и слики. Мостот е спој на тосканската традиција и италијанската енергија.
Друг симбол на градот е ренесансната палата, проектирана од Филипо Брунелески, за банкарот Питиј, која е на јужната страна на реката Арно. Семејството Медичи ја купило палатата во 1539 година, претворајќи ја во резиденција на големото војводство на Тоскана. Палата со многу паркови и уредени патеки. Оваа палата ја користел и Наполеон Бонапарта. Во неа има седум музеи и 140 простории отворени за посетителите. Тука се изложени делата на Рафаел, Рубенс, Тицијан… Еден од плоштадите, кој не смеете а да не го видите, е плоштадот „Сињорина“, со скулптури на отворено, дела што предизвикуваат восхит. Тој е еден од двата најубави во Фиренца, на кој шетаат илјадници туристи што ја сакаат уметноста. Тука е старата палата, која има исклучителна важност на политички план низ годините. На плоштадот е преубавата Нептунова фонтана од 1575 година, која е симбол на многубројните тоскански поморски победи – место за овековечување на посетата на Фиренца.
Галеријата „Уфици“ е сместена во уличката што води до реката Арно. Изградена е во 16 век. Во прво време била архив со канцеларии на министерствата, за подоцна да стане храм на уметноста. Таа е најголемата галерија во Италија, во која за да влезеш треба да чекаш со часови. Внатре се гледа најголемата и најбогата колекција од сликарството од антиката, барокот и ренесансното сликарство на Италија. Тука се делата на Микеланџело, Рафаел, Леонардо, Тицијан и многу други уметници. Годишно галеријата „Уфици“ ја посетуваат над 1,5 милион туристи од целиот свет.
До плоштадот „Санта Кроче“ се стигнува по тесните улички. Тука се наоѓа готската црква, една од најубавите бесценетости на Фиренца. Црква со статус на базилика, изградена кон крајот на 13 век. И црквата го носи името „Санта Кроче“. Во нејзината капела почиваат Макијавели, Микеланџело и Галилеј.
Плоштадот „Дуомо“ е срцето на Фиренца. Тука шетаат илјадници туристи. Наоколу има голем број културно-историски знаменитости, како што се катедралата „Санта Марија дел Фјоре“ и крстилницата „Сан Џовани“. Катедралата „Дуомо“ е со импозантна купола и еден од најзначајните симболи на Фиренца, чија градба завршила во 1436 година. Ја конструирал архитектот и сликар Џото и е четврта најголема градба во Европа и највисока во Фиренца. Катедралата е прекриена со белиот мермер карера, црвениот од Марем и зелениот од Прата. Внатре има исклучително значајно фрескосликарство. Плени и куполата дело на Брунелески, градена 16 години, со распон од 43 метри.
Доколку шетате низ Фиренца со водич, убаво е да ја видите и Дантеовата куќа, каде што Данте ја гледал својата Беатриче и ја пишувал Божествената комедија. Откако убаво ќе прошетате низ Фиренца, задолжително седнете и уживајте. Во овој град е грев да не се вкусат некои од специјалитетите како лазањи, брускети, фокача, пица. Или фирентинскиот стек, специфичност на градот, или колачот панфорте.
Фиренца треба да ја видите и доживеете во сите нејзини бои, звуци, мириси. Тоа е град во кој секогаш се враќаш со радост. Тука завршува патувањето низ магичната Тоскана, која ви ја препорачувам од срце. Барем еднаш појдете да уживате во Тоскана и во нејзините убави предели и градови.
Текст и фото: Каролина Мицевска