Министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски изјави дека ќе присуствува на седница на владата предводена од Талат Џафери, доколку тоа е приоритет за граѓаните, како и дека тој негов став не е во колизија со изјавата на лидерот на неговата партија Христијан Мицкоски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека министрите од неговата партија нема да му даваат отчет на техничкиот премиер Џафери и нема да одат на владините седници.
– Доколку е приоритет да присуствувам на седница на Влада – да, ќе присуствувам. Доколку е приоритет да го менаџирам работењето на МВР, во рамки на оваа институција, ќе го менаџирам овде. Доколку е приоритет да излезам на терен и да бидам помеѓу луѓето, ќе бидам на терен, така што се што е од приоритет и од интерес на граѓаните, ќе го спроведувам – истакна Тошковски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ1.
Се надева дека ќе имаме фер и демократски избори и дека нема да имаме, како што рече, постапки непотребни како што имаше претходно. Во врска со изјавата на неговиот партиски лидер дека „ќе биде хорор и ќе има корнење коси“, Тошковски рече дека Мицкоски треба да одговори за неговиот став.
– Но, станува збор за емпирија, како било досега. На крајот на денот, наш предлог беше и да се укине техничката влада бидејќи се покажа како неуспешна претходно – додаде Тошковски.
Според него, при вчерашниот избор на преодната влада во собраниската сала имало негативна атмосфера и енергија, а кажа и зошто не бил со другите министри за заедничка фотографија по изборот. Рече дека никој не му пристапил да му каже дека треба да се фотографира, но и да му пристапел, рече немало да оди.
– Од едноставна причина што сметам дека премиерот, начинот на којшто беше процесиран самиот овој процес, е прво нелегитимен, затоа што не ја ужива поддршката од граѓаните на начин на кој е дефиниран со закон и, второ, е нелегален, затоа што не е предложен согласно Законот за Влада. Меѓутоа, јас ќе ги преземам во рамки на моето работење, согласно закон, сите оние чекори кои треба да бидат преземени – изјави Тошковски.
Тој не смета дека е предложен за технички министер од ВМРО-ДПМНЕ поради пријателството со Мицкоски, туку дека функцијата му е доверена врз основа на големото искуство што го има во областа на правото и адвокатурата, а дека „токму владеењето на правото е она што моментално е тотално дерогирано“.