фото: Пикселс

Според претставниците на македонското малцинство во Република Албанија, доколку бидат усвоени потребните регулативи за Законот за национални малцинства, тогаш нештата ќе добијат позитивен тек во унапредување на човековите и малцинските права. Од една страна, споменатиот закон ќе овозможи изучување на македонскиот јазик во образованието секаде каде што живеат Македонците, како што се Тирана или Корча, а од друга страна, Албанија како држава и општество на најдиректен начин ќе овозможи да се негуваат националните особености на припадниците на македонскиот народ, преку финансирање одделни проекти и потреби. Според нашите соговорници, претставниците на македонското малцинство во Република Албанија за оваа проблематика неколкупати се обратиле до албанските институции, но и до македонските државни институции и политичките субјекти во Република Македонија, за жал, досега добиле само ветување, без конкретни активности

Извештај на Стејт департментот за состојбите со човековите права во Република Албанија

Припадниците на македонскиот народ во Република Албанија, како признаено малцинство, најголеми права уживаат во општината Пустец, каде што 99 отсто од населението го говорат македонскиот јазик и имаат право да го изучуваат во наставата. Но неколкупати досега претставниците на македонското малцинство, кај нашиот западен сосед, укажаа дека бројката на Македонците што живеат надвор од областа Мала Преспа изнесува околу 120.000 луѓе и немаат статус на малцинство и малцинско право, нешто што е спротивно на меѓународното право за човекови и малцински права. Според нашите соговорници, припадниците на македонскиот народ во Република Албанија имаат одредени права, како што се друштвата што се насочени кон промоција и зачувување на македонскиот јазик, историја, култура, традиција итн., како и политичка партија, која ги застапува нивните интереси во албанскиот парламент, меѓутоа постои голем простор за унапредување на малцинските права на Македонците.

Идентични констатации и во извештајот на Стејт департментот за состојбите со човековите права за 2023 година за Албанија

Споменатото се констатира и во извештајот на Стејт департментот за состојбите со човековите права за 2023 година. Конкретно во него се вели дека нема значителни промени во состојбата со човековите права во Албанија, како и дека албанската влада во 2017 година го усвои Законот за национални малцинства, но не ги усвои сите регулативи што се потребни за негово спроведување, се вели во извештајот на Стејт департментот.
– Законот предвидуваше официјален малцински статус за девет национални малцинства: Грци, Македонци, Ароманци (Власи), Роми, Балкано-Египќани, Црногорци, Босанци, Срби и Бугари. Законот предвидуваше образование на малцински јазик и двојна употреба на службен јазик за локалните административни единици во кои традиционално живееле малцинствата или во кои малцинската група сочинувала најмалку 20 отсто од населението – се наведува во извештајот на Стејт департментот.
Според претставниците на македонското малцинство во Република Албанија, доколку бидат усвоени потребните регулативи за Законот за национални малцинства, тогаш нештата ќе добијат позитивен тек во унапредување на човековите и малцинските права. Од една страна, споменатиот закон ќе овозможи изучување на македонскиот јазик во образованието секаде каде што живеат Македонците, како што се Тирана или Корча, а од друга страна, Албанија како држава и општество на најдиректен начин ќе овозможи да се негуваат националните особености на припадниците на македонскиот народ, преку финансирање одделни проекти и потреби.

Претставници на македонското малцинство неколкупати се обратиле до албанските институции, но и до македонските државни институции и политичките субјекти во Македонија, но…

Според нашите соговорници, претставниците на македонското малцинство во Република Албанија за оваа проблематика неколкупати се обратиле до албанските институции, но и до македонските државни институции и политичките субјекти во Република Македонија, за жал, досега добиле само ветување, без конкретни дејности.
Дека нештата не се одвиваат во вистински правец, потврдува и непоставувањето повеќејазична табла пред Комитетот за национални малцинства. Имено, македонско друштво „Илинден“ – Тирана уште на 31.1.2023 година испрати барање со бр. 953/2023 при Комитетот за национални малцинства за поставување повеќејазична табела во Комитетот за национални малцинства. На ова барање, Комитетот за национални малцинства одговорило дека ќе се земе предвид, но една година подоцна сѐ уште не е поставена повеќејазична табла.
– Повеќејазични табли беа поставени одамна во институцијата на Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана ги поздрави овие институции кога ги поставија нивните плакети на јазиците на националните малцинства. Македонското друштво „Илинден“ – Тирана бара Комитетот за национални малцинства да постави повеќејазична табла, како што направи институцијата Комесар за заштита од дискриминација и Народниот правобранител – се вели во соопштението потпишано од претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.
Останува нејасно зошто Комитетот за национални малцинства одбива да постави повеќејазична табла, откако неколку други албански институции ја испочитуваа повеќејазичноста. Според нашите соговорници, доколку се земат предвид досегашните постапки на албанските институции, Албанија како држава и општество нема искрена политика кон националните малцинства, вклучувајќи и кон Македонците, напротив таа тактизира и затоа не се усвоени сите регулативи што се потребни за спроведување на Законот за национални малцинства.
– Доколку Албанија навистина се стреми кон Европската Унија, тогаш мора да ги почитува европските вредности, но и да го почитува меѓународното право за човекови и малцински права, кое насочено кон унапредување на слободата на сите граѓани без разлика на нивната етничка или религиска припадност – велат добро упатени аналитичари за состојбите со малцинските права во Република Албанија. Д.Ст.