Повторно со старите тенденциозни изјави: Момент од гостувањето на Билал Касами на албанската телевизија / Фото: Принтскрин

За изјавите на Билал Касами, градоначалникот на Тетово и лидер на партијата Беса, при гостувањето во емисијата „Реал стори“ на телевизијата АБЦ њуз од Албанија, нашите соговорници, политички аналитичари и професори, ни изјавија дека таквите негови ставови „не се ништо ново, но е вредно да се обележи и да се регистрира како деградирачка тенденција со умисла“. Имено, соговорниците подвлекуваат дека тие одамна регистрирале „перманентни вербални истапи кај градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кои излегуваат од рамките на коректни политички изјави и влегуваат во сферата на етноцентризам, па и сецесионизам, искажани во последните две години“… Затоа, според нив, „ваквата тенденција треба, во најмала рака, да се издвои како тенденциозна и искажана со одредена политичка намера и волја“…

Мегафоните на албанскиот етноцентризам повторно се огласија од Тирана

„Тетово е главен центар на Албанците во Македонија. Албанците се автохтони во Македонија“… „Ние имаме напреднати разговори со премиерот во следниот пакет на уставните измени да се отстрани дефиницијата „20 проценти“ и во Уставот да се дефинира како „албански јазик“… „Во однос на албанскиот јазик, ние гарантираме дека нема да има деградација на законот за јазикот, туку ќе се унапредува, да не биде 20 проценти, туку како албански јазик“… „Во овој процес на уставни измени ќе се подготви пакет со кој ќе се регулираат повеќе прашања, од кои едно ќе биде отстранување на 20 отсто од албанскиот јазик“… Ова се делови од изјавите на Билал Касами, градоначалникот на Тетово и лидер на партијата Беса, во гостувањето во емисијата „Реал стори“ на телевизијата АБЦ њуз од Албанија. И тоа не е ништо ново, бидејќи нашите соговорници алармираат дека регистрирале перманентни вербални истапи кај градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кои „излегуваат од рамките на коректни политички изјави и влегуваат во сферата на етноцентризам, па и сецесионизам, искажани во последните две години“. Според политичките аналитичари, од позиција на градоначалник, тој ја игра ролјата на некаков „албански државотворец“ во македонската држава?!

Репетиции на пораките на Касами од Тирана дека „Тетово е главен град на Албанците во С. Македонија“

На 22 март 2023 година Касами на својот фејсбук-профил веќе го означи Тетово како „албански главен град во С. Македонија“, објавувајќи фотографија со градоначалници Албанци од косовски и српски општини, кои беа тогаш во посета на овој град. Три недели по таа објава на социјалната мрежа, првиот човек на Тетово и на Беса го пречека косовскиот премиер Курти со зборовите: „Драг пријателе Албин, добре дојдовте во Тетово, главниот град на Албанците во С. Македонија!“ Која е причината што Билал Касами зачестено го нарекува македонскиот град Тетово, град во Република Македонија, како „албански главен град во С. Македонија“?
Имајќи ги предвид неговите најнови активности да преименува дури 300 улици во овој град со имиња од албанската историја и култура, што е своевидно ставање „албански печат“ врз тој дел на територијата на унитарната држава Македонија, дали Билал Касами веќе две години игра улога на „албански државотворец“ во македонската држава?!
Во текстот со наслов „Албанскиот ќе стане дел од Уставот во Скопје“ – Билал Касами: Нема да има деградација на законот за јазици, туку ќе напредува, АБЦ њуз од Албанија ги пренесува овие искажувања на Касами во емисијата „Реал стори“: „Билал Касами зборуваше за политичката ситуација во С. Македонија. Тој се задржа и на одлуката на САД да го стават Артан Груби на својата т.н. црна листа. Касами обрна внимание на прашањето на албанскиот јазик, објаснувајќи што го попречува законот за јазиците“.
– Официјалната употреба на албанскиот јазик во Уставот на С. Македонија е одобрувана најмалку трипати, а законот за негова употреба е изменет. Неодамнешните промени беа нагласен напредок во употребата на албанскиот јазик, иако остануваме во позиција што не е формализирана. Затоа што официјализирањето се прави со Уставот, а не со закон. Од Уставниот суд велат дека многу прашања се регулирани со посебни закони, во случајов каде што има закон, кој го регулира и законот за полициски униформи. Значи, во овој случај кога имаме посебен закон е поважен – рече Билал Касами.

Касами: Со уставни измени албанскиот јазик нема повеќе да се означува како „20 проценти“ (?!)

Според него, „со општ закон е потешко да се регулира употребата на албанскиот јазик“.
– Имаме случај со судиите, правосудниот систем, каде што албанскиот јазик никогаш не се користел. Законот за обвинителство или судови не е сменет за да се воведе албанскиот јазик во институциите. Ние велиме дека со коалицијата Влен и оваа влада ќе се унапреди употребата на законот за јазици. Имаме напреднати разговори со премиерот за отстранување на дефиницијата „20 отсто“ во следниот пакет уставни измени и да се дефинира како албански јазик во Уставот – посочи градоначалникот на Тетово и лидер на Беса во „Реал стори“ на АБЦ њуз.
Тој исто така посебно изнесе дека во однос на албанскиот јазик тие гарантираат дека нема да има деградација на законот за јазици.
– Во однос на албанскиот јазик, ние гарантираме дека нема да има деградација на законот за јазици, туку ќе се унапредува, да не биде 20 проценти, туку како албански јазик. Тоа се поврзува со еден договор, имајќи предвид дека Уставот не се менува често. Во овој процес на уставни измени ќе се подготви пакет, со кој ќе се регулираат повеќе прашања, од кои едно ќе биде отстранување на 20 отсто од албанскиот јазик – нагласи Касами. Р.Н.М.


Употребата на изразот „главен град“ се однесува на една држава. Но главните
градови може да имаат и функција на темелници на една федерација или на една сложена држава. Па така, кога градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, Билал Касами, во последниве две години веќе неколкупати го употребува изразот
„Тетово – албански главен град во С. Македонија“ или „Тетово – главен град на
Албанците во С. Македонија“, на која и каква држава мисли дека Тетово е „главен град“?!

За да нема дилеми во јавноста што значи употребениот израз на Касами – „главен град“?

Во својата научна студија со наслов „Структура на политичката географија“ (стр.11), објавена во 2011 година, д-р Роџер Е. Касперсон, професор по географија во универзитетот „Кларк“ во Масачусетс, САД, и д-р Џулијан В. Минги, професор по географија во Универзитетот на Јужна Каролина, САД, прецизираат дека употребата на изразот „главен град“ се однесува на една држава и посебно нагласуваат: „Главните градови можат да имаат и функција на темелници на една федерација или на една сложена држава“.
Употребувајќи го последниве две години веќе неколкупати изразот „Тетово – албански главен град во С. Македонија“ или „Тетово – главен град на Албанците во С.Македонија“, на која и каква држава мисли Билал Касами, градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, дека Тетово е „главен град“?!
Во изјава за анализа за „Балкан инсајт“, објавена на 11.10.2026 година, Билал Касами ја изнел својата заложба за „редефинирање на Македонија“, за, како што посочил, „да се спречи само една етничка група, македонската, да ја држи власта“. „Само така Македонија може да функционира“, нагласил Касами во таа статија.
Во интервју за ТВ АБЦ њуз од Албанија, објавено на 14.9.2018 година, Билал Касами подвлекол дека „Албанците се државотворен чинител во Македонија“.
Имајќи ги предвид овие негови заложби како политичар и лидер на Беса, а сега веќе и како градоначалник на Тетово, Касами актуализира сериозна дилема: дали тој се стреми да воспостави една „нова политичка географија“ во Македонија преку нејзино внатрешно-територијално редефинирање и преку редефинирање и на политичкиот систем, при што Албанците во западниот дел на државата Македонија би си имале некаков свој посебен „државен ентитет“ со „Тетово како главен албански град“ на таа „албанска држава во држава“?! Р.Н.М.