„Инвентивноста“ на министрите од т.н. техничка, преодна влада остави впечаток дека оваа влада всушност цело време од својот мандат ја саботира државата, правејќи штети и на внатрешен и на надворешен план. Со своето однесување таа предизвика и меѓуетнички тензии и провокации на внатрешен план, а на надворешен план енормно ги затегна соседските односи, во и така искомпликуваниот билатерално-соседски амбиент на Македонија. Конечно, на крајот од третото „издание“ на техничката влада според пржински концепт, се наметнуваат прашања за опсегот на надлежноста на оваа влада, но и воопшто за смислата на нејзиното постоење
ПРЖИНСКАТА ВЛАДА НАМЕСТО ДА БИДЕ ВО КОРИСТ НА ФЕР СИСТЕМСКА ТРАНЗИЦИЈА, ТАА ГИ ПОКАЖА СИТЕ АТРИБУТИ ВО АПСОЛУТНА КОРИСТ НА НАША ШТЕТА
Во постизборниот период до формирањето на политичката влада, во согласност со изборните резултати, и понатаму функционира техничката влада според пржинскиот модел. Дилемите за надлежностите на овој вид на влада, кој се применува веќе пред три циклуси на парламентарни избори, некако остануваат нерешени поради различни специфични ситуации, но потезите и одлуките што ги спроведуваат одредени министри во актуелната техничка влада се чини дека сосема го надминуваат „мандатот“ на влада што треба(ше) да организира и конструктивно да спроведе транзиција, бес системски стрес, со мирни, фер, демократски и конкурентни избори. Дури и во последните денови на техничката влада одредени министри (од ДУИ) како да се трудат колку што е можно повеќе да одработат на штета на сопствената држава, а во интерес на некои соседни држави. И тоа и на надворешен и на внатрешен план! Еве ги последните непримерни примери…
Подметнување на двојазичноста и кај приватни правни субјекти – за потпалување на фитиљот на „бомбата“ за одложено (меѓуетничко) детонирање
Во овие последни денови на управување со државата од страна на техничката влада, Министерството за правда, каде што сѐ уште е министер Кренар Лога од ДУИ, испартило допис со појаснување до Инспекторатот за употреба на јазиците дека односниот инспекторат може да постапува против банките во Македонија за (не)користење на албанскиот јазик. (?!)
Од Инспекторатот велат дека ќе вршат надзор во врска со спроведувањето на албанскиот јазик во банките. Ако тоа не се почитува, Инспекторатот ќе презема мерки, имајќи го предвид одговорот на Министерството за правда дека банките и други правни лица што вршат јавни надлежности во согласност со законот дека при собирање депозити и други повратни извори на средства, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо банките и тие правни лица мора да ги користат и писмото и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Македонија.
– Инспекторатот за употреба на јазиците ќе врши надзор над спроведувањето и усогласеноста на одредбите од Законот за употреба на јазиците од страна на банките и ако се утврди дека банките не ги почитуваат одредбите од споменатиот закон, Инспекторатот ќе постапи во согласност со овластувањата определени во Законот за Инспекторатот за употреба на јазиците – велат од Инспекторатот.
Законот за употреба на јазиците, со кој се настојува практично да се воведе двојазичност на територијата на целата држава, е со контроверзен легален статус, уставно неусогласен. Законот доби и забелешки за (не)функционалноста од Венецијанската комисија, кои никогаш не беа спроведени. Сега, пред крајот на мандатот на министерот Лога, на мала врата се подметнува „појаснување“ од Министерството за правда, своевидна „дозвола“ за контроверзниот инспекторат да спроведува казни, и тоа врз приватни правни субјекти (банки), кои не се ниту во опсегот на спорниот закон.
Македонскиот министер за надворешни работи на афирмација на соседни држави
И во текот на политичкиот мандат на сѐ уште актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи имаше забелешки дека повеќе ги застапува интересите на соседно Косово отколку македонските национални интереси. Но во периодот на мандатот на техничката влада, што делумно се совпадна и со периодот на кандидатурата на Османи за претседател на Македонија, тој како министер за надворешни работи, без консултација со другите институции, со лична одлука ја „пријави“ Македонија да биде коспонзор на резолуцијата во ОН за прогласување меморијален ден за геноцидот на Сребреница. Со таквата самоволна одлука, министерот Османи непотребно ги заостри соседските односи со Србија, која смета дека таа резолуција е тенденциозно насочена против неа, со цел да биде стигматизирана како држава и народ со геноцидно минато.
Во истиот период Османи лобираше интензивно за Косово да биде примено во Советот на Европа, како и за да стане придружна членка на НАТО.
Техничката влада и Охридскиот договор требаше да бидат за еднократна употреба
„Инвентивноста“ на министрите од т.н. техничка, преодна влада остави впечаток дека оваа влада всушност цело време од својот мандат ја саботира државата, правејќи штети и на внатрешен и на надворешен план. Со своето однесување таа предизвика и меѓуетнички тензии и провокации на внатрешен план, а на надворешен план енормно ги затегна соседските односи, во и така искомпликуваниот билатерално-соседски амбиент на Македонија. Конечно, на крајот од третото „издание“ на техничката влада според пржински концепт, се наметнуваат прашања за опсегот на надлежноста на оваа влада, но и воопшто за смислата на нејзиното постоење.
– Веќе многупати се повторува, а и постојано се докажува дека е бесмислено постоењето на институтот техничка влада во Македонија. Таа беше замислена како влада со специфична задача за премостување една состојба на нефункционална држава со недоверба во институциите, за да обезбеди услови за спроведување избори во чии резултати граѓаните ќе имаат доверба и ќе ги врати државата и институциите во рамките на демократските стандарди. Тоа беше решение за еднократна употреба и откако ја заврши својата задача со надминување на состојбата на „заробена држава“, требаше да престане да постои институтот техничка влада. Исто како и рамковниот договор, кој беше еднократен договор за мир, чии одлуки беа вградени во Уставот. Но во Македонија ваквите еднократни решенија стануваат институции, кои продолжуваат да имаат свој посебен живот, дури и кога се надминати состојбите поради кои се донесени и стануваат извор на неправо. Кога продолжуваат да опстојуваат овие решенија за еднократна употреба, стануваат рак-рана на општеството. По завршувањето на нивната улога, тие треба да отидат на полиците на историјата, а не да бидат извор на право. Изворот на правото се Уставот и законите! Така што беспредметно е веќе да се зборува за надлежностите на техничката влада – таа не смее(ше) да постои по нејзиното прво издание во 2016 година – вели професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања.