Фото: принтскрин

Повод: Умешноста на преговарањето во функција на заштита на националните интереси

Умешно и вешто тактизирајќи, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган замина како една од „ѕвездите“ на самитот на НАТО во Вилнус. По повеќемесечно противење, Турција изненадувачки се согласи Шведска да ѝ се приклучи на воената алијанса. Со тоа Ердоган ја поврати малку подизгубената важна позиција во НАТО и ги подобри влошените односи со Американците, кои вложија големи напори да загуби на избори и да го симнат од власт, откако не успеаја да го направат тоа со државен удар. Плус Анкара очекува дека Америка конечно ќе ѝ одобри на Турција купување борбени авиони „Ф–16“, зделка вредна неколку милијарди долари, што беше стопирана подолго време од американскиот Конгрес. Всушност тоа беше еден од условите Ердоган да попушти по прашањето за приемот на Шведска. Вториот услов беше барањето до Европската Унија да го оживее замрзнатиот процес за прием на оваа евроазиска држава. Иако дел од шефовите на држави од ЕУ рекоа дека двата процеса не може да се поврзат, дека се два раздвоени процеса, Ердоган го постигна саканиот ефект. Всушност, стави до знаење дека ако веќе се кршат многу принципи во НАТО за Украина зошто да би биле недопирливи оние за Европската Унија.
Откако приемот на Шведска во НАТО беше прогласен и прославен, претседателот на Турција ја намали радоста изјавувајќи дека турскиот парламент најмалку до октомври нема да ја ратификува кандидатурата. Говорејќи пред новинарите, како причина за одложувањето го наведе тоа што пратениците се на одмор два месеца, по што „има многу (други) предлог-закони за дискусија“.
Всушност, даде согласност, но го одолжи (одложи) времето на конечниот потпис, со намера да биде сигурен дека ќе го добие она што е договорено во корист на Турција, односно ќе има соодветна компензација за направената отстапка. Нема да биде измамен. Така е во големата политика, така се штитат државните интереси.
Само еден ден по средбата во Вилнус дојдоа во Скопје министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка, Александар Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски, со порака за усвојување на уставните измени ако Македонија сака да го продолжи европскиот пат. Навистина не се случува секој ден тројца министри на три членки на ЕУ да дојдат во земја на Западен Балкан. Прекрасно би било кога би доаѓале во мисија на добра волја, а не во мисија на заплашување и заканување. Наместо за подадена рака и понудена помош, нивните изјави за изолација и можна елиминација не може да се сфатат поинаку, освен како закана за строга казна и дефинитивна пресуда.

Македонските власти, нашите преговарачи, се однесуваат како ученичиња, кои само го пишуваат она што им го диктираат западните претставници. Пишуваат и спроведуваат, без да размислуваат за последиците. Таков е случајот и со таканаречениот француски предлог, за кој велат дека во него не смее да се смени ниту запирка. Запирка се менува и во Светото писмо, а камоли во некој друг „цивилен“документ.
Дека се менуваат многу меѓународни документи, дека се раскинуваат децениски стратегиски договори сведочи денешното време, особено по руската воена инвазија врз Украина. Значи, сешто може да се брише, да се допишува и отпишува. Само ако се сака. Францускиот предлог не би бил меѓународен исклучок.
За можните и успешни преговарачки маневри сведочи и потегот на Ердоган со одложувањето на ратификацијата во турскиот парламент на протоколот за прием на Шведска во НАТО. Ќе чека што навистина ќе се реализира од кажаното до октомври – ноември. Ако нема реализација, нема потпис.
Ние овде во Македонија мора да го прифатиме слепо тоа што го диктираат од ЕУ иако и самите тврдат дека тоа е како „сабја што ти го сече стомакот“, иако е национално голтање крастава жаба, иако промената на Уставот смрди со километри. Македонија истрчала еден маратон за да им го предаде своето име на Грците, сега треба да трча друг маратон да им го даде на дар својот национален идентитет на Бугарите. Македонците мора да го сторат тоа, инаку тешко нив – гласи нивната суштинска порака.
Интересно е што од сите што доаѓаат никој не ветува (а не може ниту да вети) дека промената на Уставот и впишувањето на Бугарите во него би биле последната пречка, последниот услов. „Успаванките“ што им ги пеат на македонските функционери гаснат уште пред да изгрее зората.

Во една од последните изјави, министерот за надворешни работи изјави дека во моментот има многу пропаганда и не можат луѓето да ја согледаат суштината на уставните измени, кои само го зајакнуваат мултиетничкиот карактер на нашата држава. Ова може да се сфати како самокритика на Бујар Османи, дека тој и неговите колеги од Владата не успеале досега да им ги објаснат на граѓаните предностите од можните уставни измени. Но таа самокритика не може да го оправда за низата изречени небулози, изнесените невистини околу протоколите со Бугарија, за дадените, а неостварени ветувања.
За граѓаните поинтересен би бил одговорот на прашањето зашто толку се брза со впишувањето на Бугарите во Уставот на РСМ и зошто тоа прашање е доведено до степен на живот или смрт за Македонија. Или Бугарите во Уставот или ќе ја нема Македонија, така велат странските главатари и дипломати, така тврдат нашите владини претставници. И второ прашање: зошто е толку потребно Македонија сѐ повеќе и повеќе да се прикажува и докажува како мултиетничка земја, а сѐ помалку како држава на македонскиот народ, чиј национален идентитет се брише сѐ почесто и на повеќе места, особено дома