Фото: Игор Бансколиев

Слободен термин за хемодијализа има дури за три месеци. За исто толкав период пациентите може да добијат термин кај дефектолог, на имунологија, за медицинска генетика или на радиологија. Првиот слободен ендокринолошки термин е дури за 35 дена. Матични лекари тврдат дека во терцијалното здравство најтешко е на клиниките за кардиологија, урологија и пулмологија, а проблематично е дури и очното во здравствените домови

Уште една негативна референција на корона-кризата

Македонските пациенти за одредени здравствени услуги во јавното здравство чекаат со недели, па и со месеци, откако ќе добијат упат од своите матични лекари да направат одредени снимања или специјалистички прегледи. Матични лекари само ја потврдуваат ваквата фактичка состојба.
Изминатите десетина дена, преку системот „Мој термин“, наша новинарска екипа, почнувајќи од 19 октомври , проверуваше слободни термини. Уште на почетокот на проверките беше констатирано дека слободен термин за хемодијализа и спермограм има дури за три месеци. За исто толкав период пациентите можеа да добијат термин кај дефектолог, термин на имунологија, медицинска генетика или радиологија. Првиот слободен ендокринолошки термин беше дури за 35 дена, а за осум дена имаше уролошки термин или за девет дена кај детски хирург. Ако некој од својот матичен лекар добил упат за пејсмејкер, тогаш за слободен термин ќе мора да чека дури 23 дена, а ден повеќе за ехо на Клиниката за радиологија. Трендот на добивање закажани термини за пациентите, во рок од повеќе денови, па и месеци, продолжи до денот на пишување на статијата. Дали е во прашање уште една негативна референција на корона-кризата што удира по здравството на најсуров можен начин?

Долгото чекање за специјалистичките снимања и испитувања не само што ги исцрпува пациентите туку и дополнително го комплицира нивното здравје. Кај одредени заболувања чекањето на лекарската интервенција или терапија може да предизвика аномалии и заболувања и на други органи, па пациентите не можат да се тркаат со термините и своите заболувања предизвикани од ненавремениот медицински третман. Компликациите што може да бидат предизвикани од одредени заболувања, за жал, може да придонесат и за смртен исход на пациентите. Токму затоа матичните лекари велат дека кога тие оценуваат сериозни здравствени состојби, им даваат приоритет на ваквите пациенти со 24-часовен упат.
– Во секундарното здравство може и да се рече дека добро ни оди со термините, кога се во прашање прегледите во здравствените домови, но во терцијалното здравство најтешко е на клиниките за кардиологија, урологија, а и на пулмологија имаме многу тешкотии. Ако пратам пациент на интерно одделение во ноември, проблематично е да добие термин дури и во декември годинава за нефрологија, неврологија, урологија. Многу е проблематично дури и очното во здравствените домови. Ако на интерно добиеме термин и најчесто има, откако ќе отидат пациентите брзо се зафаќаат термините на клиниките.

Ако како матични лекари треба да пропишеме специјалистичка терапија за хронично болните, пациентите еднаш годишно мора да одат на специјалист, па дури потоа да пропишуваме. Се бориме со термини колку што можеме, а дозволуваме пациентите да ни се јавуваат и по телефон. За пациенти што имаат тешки заболувања даваме приоритет, ние оценуваме и даваме 24-часовни упати. Но хронично болните за терапија мора да ги рашетуваме до интернист, па тој до специјалист, па потоа назад кај интернистот, па кај нас да пропишеме што е потребно. Имаме малку поволности што ни ги даде Фондот, така што ако пациентите имаат специјалистички извештај до 1 март 2019 година, ние можеме да даваме терапија до октомври 2020, а ако имаат до 1 јуни 2019 година, тогаш можеме до ноември годинава, додека ако добиле извештај до 1 септември 2019, тогаш овластени сме да пропишуваме терапија до декември 2020 година – објасни д-р Јованка Костовска, матична лекарка во здравствениот дом „Бит- пазар“.
Од Министерството за здравство ни испратија листа со термини по датуми за прв преглед на пациент со објаснување дека втор контролен и секој нареден контролен преглед лекарот специјалист е должен да го закаже сам кај себе во предвидениот потребен период за контрола надвор од термините за закажување прв преглед.

– За пациентите што имаат итна потреба од здравствена грижа на располагање на лекарите им се и итниот упат, во кој пациентот ќе добие здравствена грижа во 24 часа, упатите без термин за остварување права од здравствено осигурување, како и посета на пациент во дежурна служба или во ургентен центар доколку станува збор за итни/животозагрозувачки состојби – велат од Министерството за здравство.
Од листата што ја добивме на 19 октомври, на прв слободен термин по специјалност/апарат на ниво на држава се гледаше дека колоноскопија, комисиски преглед, коронарен стрес-тест, мамографија, медицинска биохемија, ортопедија, офталмолошки апарати, пулмологија и респираторна алергологија и радиотерапија има на 20 октомври годинава. Потоа, на 21 октомври беа запишани термини за ангиографија, градна хирургија, дигестивна хирургија, доплер, магнетна резонанца, како и други специјалистички прегледи. На 22 октомври имаше термини за биохемија, конзилијарен преглед, додека за ехорадиологија на табелата стоеше термин на 12 ноември, а ендокринологија на 17 ноември годинава.


На Пулмологија зголемен број прегледи

Во новиот модуларен амбулантско-поликлинички оддел на Клиниката за пулмологија за еден месец се извршени повеќе од 1.820 прегледи и контроли. Во просек, дневно доаѓаат меѓу 70 и 80 пациенти за преглед или за контрола, закажани преку системот „Мој термин“, како и за време на дежурство во вечерните часови.
Д-р Дејан Докиќ, директорот на Универзитетската клиника за пулмологија, информира дека во изминатиот период е зголемен бројот на пациенти за преглед. Во новиот објект се наоѓаат четири ординации, две амбуланти за пациенти преку „Мој термин“, една за прием на интервентни пациенти и приоритетни упати и една за контролни прегледи.

Две простории – дневни болници – се наменети за сместување амбулантски пациенти, како и кабинетите за спирометрија, за дифузија и бодиплетизмографија, за бронхијална провокација, за гасни анализи во крвта, за алерголошки тестирања, за ЕКГ, две посебни чекалници и други помошни простории.
– На овој начин пациентите што имаат проблеми со белите дробови ги одделуваме од сите други пациенти во преостанатите амбуланти, кои претходно беа сите на едно место, а со тоа го намалуваме ризикот од трансфер на коронавирусот на пациентите што доаѓаат овде во Клиничкиот центар и за друга симптоматологија – посочува д-р Докиќ.