Светиклиментовото време во Охрид и рефлексиите до денес

Прѣжде оубw словѣне не имѣхѫ книгь нѫ чрътами и рѣзами чьтѣхѫ и гатаахѫ погани сѫще крсъстивше же сѧ рим’сками и гръчьскыми писмены, нѫждаахон сѧ (писати) словѣн’скы рѣчь без оустоениа, нѫ како может сѧ писати добраѣ гръчьскыми писмены. Богъ или живwтъ или зѣлw или црковь или чаание или ꙗдь или ѫнзикъ и инаа подбнаа симь. И тако бѣшѫ многа лѣта.

Вака звучел јазикот на Светиот Климент, најстариот словенски книжевен јазик забележан во делото „О писменех“ од анонимниот автор Црнoризец Храбар, а една од теориите вели дека станува збор за псевдоним на самиот Св. Климент.
Во каков природен амбиент творел и работел Св. Климент зборува еден забележан впечаток на еден стар охриѓанец од 1900 година, кој вели: „Ако гордиот Цариград поради својата прекрасна романтична положба, со својот волшебен Босфор, со амфитеатралниот Златен Рог и седумтумбестите му брегови, со својата блага зимска клима и пријатно поднебје во летно време, доаѓа, по убавини, на прво место во целиот свет; тогаш веднаш по Цариград, а на целиот Балкански Полуостров доаѓа, по својата романтичност, градот Охрид, и дури потоа на трето место би дошол Воден. Кој не ги видел Цариград, Охрид и Воден, тој не може да има вистинско знаење за убавините на природата“.

Иако описот на Охрид е десетина века по Климента, тој ја уловува сета раскошност на дарежливоста на Бог за охридскиот ареал и божествената угодност што ја имал овој македонски светител.
Св. Климент е најсилниот ластар што израсна во стебло стожерник од никулецот каде што почна да ’рти писменоста, која се рашири низ половина Европа и почетокот на рушење на табуата дека писменоста, науката и културата се привилегија на тогашните елитни јазици – латинскиот и старогрчкиот, а со тоа и на тогашните самопрогласени елитни народи, а нашите први учени – свeтите Кирил и Методиј, уште пред десетина века ја зачнаа авангардата на самостојно критичко размислување и покажаа дека овој простор раѓал, раѓа и во иднина ќе раѓа личности што ќе ја чуваат самобитноста на националните признаци.
Како еден од најпроникливите следбеници на вонсериското дело на светите Кирил и Методиј, тој не само што ја продолжи нивната мисија на описменување и просветлување, ами на Охридскиот Рид создаде образовен систем препознаен во науката како Охридска книжевна школа. Тој систем беше зачнат со околу 3.500 ученици, кој во вековите што претстоеја создаде амбиент за народот, кој го прими тоа семе да не биде слеп при очи и глув при уши. Далековидоста на неговата упорност ги надминува и државотворните елементи на еден народ и империјалните амбиции на големите влијанија во светот. Образовниот систем на Св. Климент надживеа и краткотрајни средновековни кнежевства и долговечна инородна империја и световни војни! Денешницата, пред вакво дело, со сиот систем, технологија и финансии што ги поседува, треба да се запраша самата себеси за својата краткотрајност и постојаниот процес на вечните реформи. Овде се поставува прашањето – дали единката создава систем или системот ја загрозува единката!

Паралелна бразда со просветителството на Климента е црковната духовност. Какво влијание оставил врз тогашното население на македонските простори зборува податокот што неговиот лик прераснува во мит речиси непосредно по неговото упокојување, видено преку фрескоживописите и иконописите на македонските простори, додека Св. Климент во ансамблите на фрескоживописите во црквите кај источниот сосед се јавува дури во втората половина на XIX век. Тоа е несоборлив доказ дека култот кон овој светец се јавува многу подоцна од македонското поклонение кон светителот, што нумерички изразено е околу 950 години порано. И тука нема присилба, тоа е природен однос на населението кон дадената вредност. За разлика од природниот однос, „култот“ кон овој светец што се јавува безмалку десетина века подоцна во соседството има наметнат, односно креиран однос. Во креираниот однос кон одредена културолошка вредност по дефиниција е изземена автохтоноста на мислата. Во конкретниот случај имаме аспирација на империјана сила за контрола на Дарданелите, која проектира формација на државност кај нашиот источен сосед. Таа формација на државност, пак, побарува одредени државотворни столбови, а во делот на просветителството изборот паѓа на Св. Климент, како еден од ликовите околу кои треба да се гради духовната митологија.
Нималку нема случајност во духот и флуидот што ги оставил Св. Климент за по десетина века неговото вечно почивалиште да биде одгрнато од Кирил Прличев, синот на вториот Хомер, Григор Прличев, кога во 1942/1943 година при активностите на Службата за старини во Охрид, во внатрешноста на Султан Мехмед џамијата на Имарет, а сега Плаошник, биле откриени архитектонски остатоци од Светиклиментовата црква, фрагменти од живопис и гробни конструкции. Тоа се првите археолошки активности токму на ова место.

Силното влијание и инспирација на одблесоците на Светиклиментовиот дух и неговото време беа мотив за јубилејот 2.000 години христијанство во Охрид и Македонија да се возобноват и Светиклиментовиот храм (Св. Пантелејмон) и комплексот на Светиклиментовиот универзитет. На оваа амбиција претходеше речиси целосното истражување на плаошничката почва, која безмалку ја содржи целокупната историја на градот, особено како централно средиште на т.н. религиски космополитизам. Тоа беше моментот и на официјализирање на стариот топоним Плаошник на местото од накалемениот „На Имарет“. Плаошник е симбиоза на различни цивилизациски вредности и различни временски димензии, Плаошник е спој на Светиклиментовото време со нашето совремие заемно почитувајќи се, и на крајот, Плаошник е симбиоза на археолошките архитектонски вредности со архитектурата на нашето совремие, вклопени едни во други, со што археолошките свидетели не се мртви капитали, ами го осветлуваат минатото респектно заштитени со новата архитектура.
И двете значајни „општествени времиња“ за македонската наука, она за Светиклиментовиот храм и возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет, кои се случија во првите нецели две децении од XXI век, ќе останат во историјата како препознатливи вредносни полнежи за македонската научна сфера и македонското културно наследство, овозможувајќи му милениумско уточиште на Светиклиментовиот дух за премин, пак, во идниот милениум. Ако не беше доволно согледано тоа македонско „археолошко возобновување“ од нашето совремие, тогаш таа вистина сигурно ќе биде согледана од идното време.
Темата Лихнид или Охрид заедно со Волшебниот Рид со тримилениумското минато, уште толку милениуми ќе ги возбудува иднинските општествени процеси, наспроти нашата минливост.
Во оваа пригода, оддаваме почит за македонскиот народ за несебичниот влог во одржувањето и продолжувањето на писменоста, науката и културата на стожерот на македонското просветление, сега како модерни витези на XXI век.

(Авторот е лингвист и експерт за заштита
на културното наследство)

Св. Кирил и св. Климент Охридски како взаемно чинодејствуваат на светата литургија,
фреска од XVI век во пештерната црква „Раѓање на св. Богородица“ во Калишта кај Струга
Препис на Пофалното слово за св. Климент I папата Римски,
напишувано од св. Климент Охридски