Најистакнатиот словенски просветител и рамноапостолен епископ
Историските документи и другите извори говорат дека Св. Климент ги придружувал Кирил и Методиј на нивното патување во Рим, каде што на папата му биле дадени моштите на Климент Римски. Во Рим, Климент и другите ученици на Кирил и Методиј биле поставени за свештеници. Во 869 година, Методиј бил поставен за архиепископ на Панонија и испратен во својство на папски легат, во придружба на Климент. Во Панонија дошле во судир со франкиските свештеници и околу 200 свештеници и ѓакони, сите ученици на Методиј, биле подложени на прогон. Климент, кој бил еден од главните свештеници, бил затворен, а подоцна и прогонет. Во зимата 886 година, Климент пристигнал во Белград, кој тогаш се наоѓал во рамките на Првото Бугарско Царство.
Бугарскиот владетел Борис го испраќа Климент во Македонија, поточно Климентовата дејност била пред сѐ во градовите и околината на Охрид, Девол и Главеница. Во документот што потекнува од Ватиканската библиотека се посочува дека во титулирањето на Климент се споменуваат две епархии, односно тивериополската и величката. Врз основа на споменатиот документ се верува дека Климент добил чин епископ и дејствувал во Струмица до 906 година, а потоа ја добил величката епископија, каде што епископувал до крајот на животот.
По пристигнувањето во Македонија, Климент започнал активна дејност, првенствено кон зацврстување на христијанството, како и ширење на словенската писменост. Најспособните деца ги избирал за ученици и ги подготвувал за ракоположување. Во Охрид основал манастир посветен на Св. Пантелејмон, кој послужил како основа за појава и развој на Охридската книжевна школа.
Во напредна возраст, Климент заминал во Преслав и побарал од царот Симеон да го ослободи од неговите должности како епископ, но бил одбиен. При враќањето од Преслав, Климент се разболел. Се верува дека Климент починал на речиси осумдесетгодишна возраст, на 27 јули 916 година, во Охрид и бил погребан во тремот на манастирската црква „Св. Пантелејмон“. По смртта на Климент, неговите ученици оставиле литургиски сведоштва за неговата формална канонизација во светител. Подоцна охридските архиепископи Теофилакт и Хоматијан напишале житија и химнографски творби, како поткрепа на светителскиот култ за Климент Охридски.
Голем дел од моштите на Св. Климент се чува во Плаошник, како и во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје, во црквата „Св. Климент Охридски“ во Скопје и во Поречкиот манастир. Исто така во црквата на Светите Седмочисленици во Софија има дел од неговите моштите, а неговиот череп се чува во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Бер, во Егејска Македонија. Се верува дека черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква „Св. Пантелејмон“, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата „Мал Св. Климент“, а потоа во црквата „Св. Богородица Перивлепта“.
Портретите на Свети Климент Охридски
Култот на Свети Климент е обележан со сликање негови портрети во фрескоживописот на охридскиот катедрален храм „Св. Софија“, како и во други цркви и манастири во Македонија и пошироко. Портретите прикази на Свети Климент се истражувани од повеќе истакнати македонски научници и академици. Цветан Грозданов (македонски византолог, историчар на уметноста и академик) во едно од своите истражувања вели дека „првата хомогена трупа на Климентовите портрети, надвор од диецезата на Охридската архиепископија, jа среќаваме во спомениците од втората деценија од 14 век. Тоа се Климентовите ликови во Кралската црква (Студеница) во 1314 година, во Старо Нагоричане 1316-1318 година, во Грачаница околу 1320 година, а од тогаш е и специфичната Климентова претстава во црквата „Св. Никита Бањански“ крај Скопје.
Проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, во контекст на дебарско-мијачките зографи, вели дека Дичо Зограф го слика Климент, наместо со кратка бела коса и високо чело, со бела долга коса, која се спушта по вратот и достигнува до рамената.
– Овој најран портрет на Св. Климент покажува и некои особености што не се својствени за постарите претстави од византискиот и поствизантискиот период, пред сѐ типологијата на неговиот лик, која и најмногу отстапува од востановената иконографија и традиција – посочува проф. д-р Сашо Цветковски.
Климентовиот универзитет – еден од најстарите универзитети во светот
Во последните децении на 9 век Охридската книжевна школа, која постепено се оформува во Климентовиот универзитет, придонесува Охрид и Македонија да се оформат како значајни центри на културата, образованието и религијата во поширокиот Балкански Регион, но и во Европа. Охридската книжевна школа е формирана во 886 година и е еден од најстарите универзитети во Европа, но и во светот. Зачетокот на Охридската книжевна школа е поврзан со дејноста на Свети Климент Охридски, како и со неговиот наследник Наум Охридски Чудотворец. Повеќемина историчари и истражувачи нагласуваат дека благодарение на дејноста на Свети Климент и Свети Наум, Охридската книжевна школа станува првиот словенски универзитет на Балканскиот Полуостров. Климентовиот универзитет се наоѓал во Плаошник, односно околу манастирот и црквата од времето на Свети Климент. Тука Климент Охридски ги составувал своите литературни творби, меѓу кои и „Пофалното слово за Кирил“.
Климентовиот манастир уште од самиот зачеток бил замислен како културен центар на македонските Словени.
Димче Коцо, истакнат македонски историчар на уметноста, кој долги години се занимаваше проучување на средновековната македонска уметност и археологија, вели дека манастирот на Св. Климент или, поточно, манастирската црква била реставрирана неколкупати.
– Како свидетелство за тоа ни служат не само подовите на црквата туку и други аргумента што ќе бидат разгледани во вториот дел на нашава работа. Кога и по која причина станало уривањето и кој ги извршил реставрациите, со сигурност не може да се каже. Како сигурно може да се земе само тоа дека до времето на Тефилакт и во неговото владеење црквата не била урната, зашто во спротивен случај Теофилакт тоа би го обележал во Житието на Климент, како што е обележано дека „другата“ Климентова црква подоцна станала архиепископска катедра – нагласува Димче Коцо.
Во „Опширното житие“, составено во почетокот на 12 век од архиепископот Охридски Теофилакт, се вели дека на Климент мачно „му стануело секогаш кога се навоѓал негде далеку“ од манастирот. Климент сакал да живее во него и поради убавината што „толку ја љубел“. Кога си направил според црковните закони завештание „како за своите книги, што ги напишал, така и за другиот свој имот“, тој ги разделил на два дела и ѝ ја оставил едната половина на епископијата, а другата на манастирот, се наведува во „Опширното житие“.
Од аспект на македонската култура и образование, Охридската книжевна школа е значајна затоа што во нејзините рамки се создавал свештенички и учителски кадар, кој ја ширел писменоста, но и го негувал христијанството, во еден поширок регион, вклучувајќи и територии на денешните современи држави Македонија, Албанија и Бугарија. Од Охридската книжевна школа произлегуваат повеќе глаголски ракописи, како што се „Асеманово евангелие“, „Синајски псалтир“, и „Синајски еухологиј“.