Фото: „Нова Македонија“

„Нова Македонија“ стекна увид во алармантни статистики за демографската состојба во земјава врз основа на истражување податоци објавени од домашни и странски институции, спроведено од редакцијата

Истражување на „Нова Македонија“ за демографската состојба во државата (5)

Се осврнуваме на податоците за бројот и споредбата на склучени бракови и на разводи според припадноста кон етничка заедница на невестата и младоженецот што се однесуваат за претходната година. Пишуваме и за она што, при истражување на бројките, наведени во публикациите „С. Македонија во бројки… година“, објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС), на склучени и разведени бракови, го утврди редакцијата на „Нова Македонија“.
Од двете категории, припадност кон етничка заедница на невестата и на младоженецот (податоците во двете категории се мошне блиски и се совпаѓаат во, веројатно, околу 99,9 отсто), се определивме да ги анализираме бројките на склучени и разведени бракови според етничката припадност на невестата.

Загрижувачко намалување на браковите

Според текстуален податок во публикацијата објавена во 2024 година, на страница 13, во последниот пасус пишува дека, споредено со 2013 година, во 2023 година се забележува „намалување на бројот на склучените бракови за 9,4 отсто“. Ова го сметаме за загрижувачка бројка. Особено имајќи го предвид и податокот во публикацијата објавена во 2013 година, во која, на страница 13, во последниот пасус пишува дека, во периодот од 2002 до 2012 се забележува „намалување на бројот на склучени бракови за 3,7 отсто“. Заклучуваме дека постои тенденција на намалување на бројот на склучени бракови во двата споредени периода (од 2013 до 2023 година и од 2002 до 2012 година), што го сметаме за неповолен податок.
Од нашата анализа на бројот на склучени бракови годишно, за периодот од 2011 до 2023 година, ја издвојуваме нашата констатација дека со оглед на тоа што во 2011 година биле склучени 14.736 брака и што во 2023 година тој број изнесувал 12.672, пресметавме дека во 2023 година, во однос на 2011 година, изразено во проценти, намалувањето на склучени бракови изнесува, според нас значителни, 14 проценти.
Од 2011 до 2023 година, во вкупно осум години, споредено со претходната година, се намалувал бројот на склучени бракови, а во вкупно четири години, во однос на претходната година, се зголемувал бројот на склучени бракови.
Најголемите намалувања на склучени бракови во однос на претходната година биле следниве две. Првото големо намалување било од 14.186 склучени брака во 2015 година на 13.199 во 2016 година, што е намалување за 987 склучени брака. Пресметавме дека во 2016 година се склучени помалку бракови за околу 6,99 отсто во однос на претходната година. Второто најголемо намалување било од 13.814 склучени брака во 2019 година на 10.278 во 2020 година, што е намалување за 3.536 склучени брака, што претпоставуваме дека веројатно во најголем дел се должи на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Пресметавме дека во 2020 година намалувањето било за 25,6 проценти во однос на претходната година.
Првото големо зголемување било од 13.199 склучени брака во 2016 година на 13.781 во 2017 година, што е зголемување за 582 склучени брака. Пресметавме дека во 2017 година се склучени повеќе бракови за околу 4,41 проценти во однос на претходната година. Најголемото зголемување било од 10.278 склучени брака во 2020 година на 13.337 во 2021 година, што е зголемување од 3.059 склучени брака. Пресметавме дека во 2021 година се склучени повеќе бракови за околу 27,9 проценти во однос на претходната година. Издвојуваме колку во последните два споредбени годишни циклуси е намален овој број: од 13.337 склучени брака во 2021 година, бројката е намалена на 12.882 во 2022 година, односно на 12.672 склучени брака во 2023 година.

Охрабрува забележаното намалување на разводите за десетгодишен период

Според текстуален податок во публикацијата објавена на петти јули годинава, на страница 13, во последниот пасус пишува дека, споредено со 2013 година, во 2023 година се забележува „намалување на бројот на разводите за 13,7 отсто“. Ова го сметаме за, мошне, охрабрувачка бројка. Особено имајќи го предвид и податокот во публикацијата објавена во 2013 година, каде што на страница 13 во последниот пасус пишува дека во периодот од 2002 до 2012 година се забележува „зголемување на разводите за 47 отсто“, што сметаме дека било, мошне, загрижувачка бројка.
Од нашата анализа на разводи годишно, за периодот од 2011 до 2023 година, ја издвојуваме нашата констатација дека со оглед на тоа што во 2011 година биле разведени 1.753 брака и што во 2023 година тој број изнесувал 1.765, пресметавме дека во 2023 година, во однос на 2011 година, изразено во проценти, зголемувањето изнесува, според нас незначителни, околу 0,7 проценти. Од 2011 до 2023 години, во поголем број години се зголемувал бројот на разведени бракови во однос на претходната година, а во помал број години бројот бил намален споредено со претходната година.
Најголемите намалувања на разведени бракови во однос на претходната година биле следниве две. Првото големо намалување било од 2.200 разведени брака во 2015 година на 1.985 разведени брака во 2016 година, што пресметавме дека е намалување за околу 10 проценти во однос на претходната година.
Второто најголемо намалување било од 1.990 разведени брака во 2019 година на 1.569 во 2020 година, што е намалување за 3.421 разведен брак – пресметавме дека во проценти тоа намалување било околу 21,2 проценти (претпоставуваме дека веројатно во најголем дел се должи на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19).
Најголемите две зголемувања на разведени бракови биле следниве две. Првото, од 1.753 разведени брака во 2011 година на 1.926 разведени брака во 2012 година, при што пресметавме дека во 2012 година имало зголемување за околу 9,99 проценти во однос на претходната година. Второто најголемо зголемување е од 1.569 разведени брака во 2020 година на 1.964 во 2021 година, што изнесува вкупно 395 повеќе разведени брака во однос на претходната (2020) година. Пресметавме дека тоа зголемување изнесувало 28,6 проценти во однос на претходната година.


Се зголемила просечната возраст при склучување прв брак

За нас е загрижувачка тенденцијата на зголемување на просечната возраст при склучување прв брак, како од страна на младоженецот, така и од страна на невестата. Имено, видливо од графичките податоци во публикацијата објавена во 2012 година, на страница 13, во 2001 година просечната возраст била 26,8 години кај младоженецот и 23,8 кај невестата, додека пак во 2011 година тие бројки изнесувале 28,3 (кај младоженецот) односно 25,4 (кај невестата).
Во согласност со графичките податоци во публикацијата објавена минатиот месец, на страница 13, во 2013 година просечната возраст била 28,6 години кај младоженецот и 27,5 години кај невестата, додека пак во 2023 година тие бројки изнесувале 30,1 (кај младоженецот) односно 25,8 (кај невестата).
Можеме да воочиме дека просечната возраст при склучување прв брак кај младоженецот од 26,8 години во 2001 година се зголемила на 30,1 години во 2023 година, што е зголемување за 3,3 години, додека пак кај невестата просечната возраст при склучување прв брак од 23,8 години во 2001 година се зголемила на 25,8 години во 2023 година, што е зголемување за две години. Значи, зголемување на просечната возраст има и кај младоженецот и кај невестата.

Живко Здравкоски

крај