Салим Сулејмани поднесе оставка од сите функции во Алијансата за Албанците, како и од функцијата пратеник во Собранието, повикувајќи се на морална, професионална и политичка одговорност. Со неговата оставката ВРЕДИ добива нов пратеник.
Во јавна изјава Сулејмани го критикуваше доближувањето до ДУИ и го оцени како „недостоен компромис“.
-Не можам да бидам дел од сојуз што прави компромиси со луѓе спомнати на меѓународни црни листи, -посочи Сулејмани.
Објасни дека неговиот влез во политиката бил мотивиран од желбата за вистинска промена, а не од лични амбиции. Посочи дека ДУИ е „структура поврзана со клановски и лични интереси“ и додаде дека коалицијата ВРЕДИ ја сметал за „антипод на коруптивната матрица“.
-Приближувањето на Алијанса за Албанците до ДУИ е предавство на ветеното и кршење на принципите – потенцира Сулејмани во оставката.
Според кандидатската листа од последните парламентарни избори, во петтата изборна единица следна е Валбона Адили Емини, педијатар и кадар на Движењето Беса. Со нејзиното влегување, мнозинството на ВРЕДИ се зајакнува на 10 пратеници, по заминувањето на крилото на Арбен Таравари.