Несомнено, во македонската надворешна политика во моментот постојат два спротивставени концепта за брзината со која треба да се решава наметнатиот проблем со Бугарија. Тие спротивставени концепти во себе кријат предности и мани, но приодот кон двата концепта е што тие треба добро да се анализираат, да се преиспитаат, да се постигне сеопшт консензус и од нив да произлезе единствен пат по кој ќе движиме со разумна динамика на преговорите, со почитување на македонската собраниска резолуција, која е едногласно прифатена од сите политички субјекти во земјата и која нуди заштита на македонските национални интереси, кои не можат да бидат предмет на никакви преговори, без оглед дали се брзи или бавни
Различни пристапи за надминување на бугарската блокада
Целосна какофонија се создаде во јавноста по изјавите на дел од политичката елита во земјава за динамиката со која треба да се решаваат отворените прашања со Бугарија, што внесе целосна збунетост меѓу граѓаните, кои сè повеќе добиваат впечаток дека државата води две паралелни надворешни политики.
Имено, сè започна по формирањето на новата бугарска влада на почетокот на месецот и сигналите што ги испрати новиот бугарски премиер Кирил Петков, што кај дел од овдешните партнери во власта беше протолкувано како добра можност спорот со Бугарија да се реши во многу краток период и земјава веќе во јануари да ја одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Најголем оптимист во тој поглед беше првиот вицепремиер Артан Груби, кој изјави дека проблемот може да се реши за шест дена. Малку поумерен во изјавите беше неговиот партиски колега и министер за надворешни работи Бујар Османи, за кого отворените прашања со Бугарија би можеле да бидат затворени до крајот на јануари следната година.
Од друга страна, друг дел од политичката и интелектуалната елита во земјава не го дели оптимизмот на владиниот партнер и се залага да не се избрзува во решавањето на прашањата што задираат длабоко во македонскиот идентитет, јазик и историја. На тоа повика и претседателот на државата Стево Пендаровски во неодамнешното годишно обраќање пред пратениците во македонското собрание.
– Во актуелниот контекст, со нашите црвени линии, не треба да бидеме преокупирани колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Ние треба да се посветиме на подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани. Брзањето не е секогаш најдобар сојузник – рече Пендаровски.
Некои од академиците во МАНУ, на чело со претседателот Љупчо Коцарев, спокојно и аналитички искусно побараа да не се носат избрзани одлуки и да не се прават непромислени отстапки, кои би биле погубни за македонизмот.
Несомнено, во македонската надворешна политика и во самиот политички врв во моментот постојат два спротивставени концепта за брзината со која треба да се решава проблемот со Бугарија и кои во себе кријат предности и мани, но единствено за двата концепта е што тие треба добро да се анализираат, да се преиспитаат, да се постигне сеопшт консензус и од нив да произлезе единствен концепт, кој ќе овозможи разумна динамика на преговорите, со почитување на македонската собраниска резолуција, која е едногласно прифатена од сите политички субјекти во земјата и која нуди заштита на македонските национални интереси, кои не можат да бидат предмет на никакви преговори, без оглед дали се брзи или бавни.
Решавање на повеќевековниот спор набрзина
Главни заговорници за брзо решавање на отворените прашања со Бугарија се владините претставници од редовите на ДУИ, првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Едниот ќе го решел проблемот за шест дена, другиот до крајот на јануари. Нејасно е врз што се темели нивниот оптимизам, ако се имаат предвид цврстите позиции на бугарскиот претседател Румен Радев, но и на премиерот Петков, кој полека почнува да ретерира од првичните изјави, па сега вели дека која било бугарска влада што би донела брзо решение за Македонија би паднала.
Концептот за брзо решавање на проблемот што го застапува ДУИ нуди неколку позитивни аспекти, а тоа е конечен почеток на пристапните преговори со ЕУ, што ќе ја врати разнишаната доверба кај македонските граѓани во евроинтегративниот процес. Тоа несомнено ќе доведе до создавање една нова енергија во општеството, која е и повеќе од потребна за започнување и спроведување на неопходните реформи, што ќе придонесат и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Започнувањето на преговорите со ЕУ ќе овозможи отворање на европските фондови и прилив на поголем европски капитал во земјава за разни инфраструктурни и други проекти, што би требало да влијае и врз заживувањето на економијата. Тоа на некој начин ќе ја врати и вербата кај младите луѓе перспективата да ја бараат во својата земја наместо да се иселуваат.
Но брзото решавање на проблемот со Бугарија истовремено подразбира и целосно прифаќање на ултимативните барања на Софија. Тоа во старт би значело бришење на македонскиот народ како народ со своја историја, свој јазик и свој идентитет, односно негово исчезнување од картата на народи и формирање нова вештачка етничка група, без корен, со ограничена историја и без идентитет. Вметнувањето на Бугарите во македонскиот устав широко ја отвора вратата за создавање нова етничка група во земјава, во која ќе постојат сите, само не Македонците, што впрочем е главната бугарска намера. Со брзите решенија, несомнено, македонскиот народ ќе биде целосно избришан и ќе нема своја матична држава, како што тоа го имаат сите народи што се спомнати во сегашниот македонски устав. Згора на тоа, Бугарија ги наметнува овие барања само за да одобри почеток на пристапните преговори, кои ќе траат деценија и подолго, истовремено задржувајќи го ексклузивното право да блокира и да наметнува нови барања кога и да посака. Најдобар пример за лошите искуства со брзањето во преговорите е Преспанската спогодба, за која никој не знае со сигурност какви импликации ќе произведе во иднина, иако веќе новото име на државата почна да конструира нов „северномакедонски“ идентитет.
Дополнително, промотори на „спринтот“ се македонски политичари од албанскиот кампус, што наметнува дилема дали некој намерно работи на штета на македонските национални интереси само што поскоро да ги одблокира пристапните преговори на Албанија, која е во пакет со Македонија и која исто така е жртва на бугарското вето. Министерите од редовите на ДУИ веќе покажаа дека истовремено работат и за Косово и за Албанија, користејќи ја македонската функција да лобираат настрана за двете соседни земји. На крајот, брзањето да се реши проблемот со Бугарија може само да го продлабочи јазот меѓу Македонците и Албанците и да доведе до нови поделби внатре во општеството.
Без брзање: идентитетот, јазикот и историјата се поважни од ЕУ
Втората концепција во врска со начините како да се надмине бугарското вето подразбира да не се наседнува на дневнополитичките изјави што доаѓаат од Софија и да не се брза при носењето одлуки, односно земјата да се посвети на реформите дома, а отворените прашања со Бугарија да се решаваат на подолг рок.
Кон оваа концепција се приклонија претседателот на државата Пендаровски, дел од политичарите во македонскиот политички блок од власта и опозицијата и најголем дел од интелектуалната и научна елита во земјава, на која ѝ е кристално јасно дека Софија нема да запре со уцените и со обидите преку Македонија да го исчисти делот од нејзината валкана историја.
Позитивен момент во овој концепт на „маратон“ во преговорите со Бугарија е тоа што одлуките ќе се носат без брзање и без притисок од некакви рокови, тие ќе можат да бидат плод на една поширока јавна дебата, во која би се вклучиле политичари, интелектуалци, бизнисмени, односно сите оние што со своето искуство би можеле да дадат придонес во подготвувањето решенија што ќе бидат од најголем интерес за државата и за граѓаните. Тоа ќе доведе и до намалување на политичките тензии во земјата во врска со ова прашање, ќе ја врати довербата меѓу партиите, што, од друга страна, ќе придонесе да се постигне консензус за започнувањето на домашните реформи, кои повеќе ќе немаат алтернатива, оти македонските граѓани не се подготвени да ги жртвуваат сопствениот идентитет, јазик и историја заради ЕУ.
Немањето рокови и очекувања ќе овозможи меѓу Бугарија и Македонија да почне да се развива соработка втемелена на реалните потреби на граѓаните од двете држави, инфраструктурно поврзување, научно, образовно, културно, туристичко, спортско, што, секако, ќе придонесе двата народа полека да забораваат на несогласувањата од минатото и да гледаат кон иднината. И во едни такви услови, Македонија преку заедничка соработка со Бугарија може да користи средства од ЕУ за проекти што би донеле бенефиција за двете земји, пред сè од областа на енергетиката и економијата.
Сепак, бавниот колосек во преговорите со Бугарија носи и опасности. Прво, Албанија ќе биде одвоена од пакетот со Македонија и таа ќе ги започне пристапните преговори со ЕУ, што, секако, ќе предизвика фрустрација кај овдешните етнички Албанци, кои ќе посакаат земјава да го следи овој пат. Тоа, несомнено, ќе доведе до опструкции во процесот на реформи, особено во ресорите што ќе бидат предводени од Албанците. Ваквиот развој на настаните ќе го комплицира и секое идно составување на влада, а коалицирањето ќе биде условувано со постигнување брз договор со Бугарија. На крајот, најлошото сценарио е федерализација на земјата и внатрешна безбедносна криза, која, без оглед на изјавите на претседателот Пендаровски дека е невозможна, сепак не треба да се занемари, иако земјава е членка на НАТО.
Останувањето подолго настрана од евроинтегративните процеси може да доведе до назадување на демократските процеси во земјата и формирање автократски режими, кои никогаш немале чувство за вистинските интереси на граѓаните, туку само за задоволување на сопственото политичко его.
Аналитичарите сметаат дека треба „да се побрза, побавно“
Некои од аналитичарите сметаат дека избрзаните решенија никогаш не се добри и дека треба добро да се промисли пред да се прифати што било, особено ако едната страна е оптоварена со некакви рокови.
– Се прави еден таков филм да треба да слушаме на секои 15 минути приказни. Османи вика во јануари ќе добиеме датум, Груби за шест дена ќе го решел проблемот. Некој ги лаже од надвор и тие буквално не знаат што прават. Одат како во темница. Не е фер да им се кажуваат такви нешта на граѓаните – смета првиот македонски амбасадор во Атина и дипломат од кариера Љупчо Арсовски.
Според него, не е можно брзо решавање на проблемите со Бугарија, бидејќи и новиот бугарски премиер не дава охрабрувачки изјави, без оглед што кај нас беа така протолкувани.
– Петков вели дека ќе направеле надградба, но треба да знае дека надградба се става врз нешто што има добри темели. Не може да се надградува нешто што нема добра основа, а добрата основа е пријателството. Бугарите првиот ден кога ја признаа Македонија, не ја признаа со јазик и идентитет. Уште тогаш ми беше јасно дека овој проблем не може да се реши брзо. Ако сегашниве политичари имаат прочитано барем 10 отсто од документите што ги третираат македонско-бугарските и порано југословенско-бугарските односи, ќе знаат за каков проблем станува збор. Ова не може брзо да се реши без да биде на наша штета – истакнува Арсовски, притоа додавајќи дека е потребна сериозност кај оние што сакаат да се занимаваат со надворешна политика.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во суштина не препознава никакви концепции во однос на Бугарија, туку едноставно немање никаква концепција.
– Имам впечаток дека ние немаме концепција што правиме, односно секој си го зборува она што мисли во моментот дека треба да го каже и сè се сведува на дневнополитичка основа. Реалноста покажува дека ниту имаме план, ниту стратегија, ниту идеја како да го решиме тој проблем – вели Пекевски.
Тој смета дека овој проблем најмалку зависи од нас, бидејќи ниту една заедница не сака да внесува проблеми.
– ЕУ погреши кога ги внесе Бугарија и Романија без да бидат подготвени, така што сега не сака да ја направи истата грешка со Македонија. Нам тоа требаше да ни биде јасно многу одамна и без некој да ни кажува требаше да почнеме да си ги решаваме проблемите дома и тоа да го правиме цело време. Пет години изгубивме на глумење на решавање на проблемите, а само дополнително ги продлабочивме. Ние на куќата однадвор ставаме фасада, а од внатре нека се распаѓа. Сега излезе дека и однадвор куќата се распаѓа, а одвнатре веќе е распадната – сликовито појаснува Пекевски, додавајќи дека избрзаните решенија само ќе ги продлабочат проблемите, споменувајќи го примерот со Преспанската спогодба.