Судењето за воени злосторства на поранешните највисоки претставници на власта на Косово (претседател на државата и двајца претседатели на собранието) треба да резултира со доверба во правдата и дека државна или висока политичка позиција и моќ не смее да биде заштита за злосторниците
Заврши судскиот процес за лидерите на т.н. Ослободителна војска на Косово (УЧК) во Хаг… за годинава
Судењето на лидерите на т.н. Ослободителна војска на Косово, Хашим Тачи, Кадри Вејсели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, е завршено за годинава и ќе продолжи на 15 јануари 2024. Во првата година од судењето на оваа „четворка“, која се товари за воени злосторства и злосторства против човештвото, за најмалку 102 убиства, противправни затворања, мачења…, досега говореле 39 сведоци на Обвинителството.
Сведоците говореле за злосторствата на т.н. ОВК, шаблоните според кои киднапирале луѓе, ги мачеле, ги убивале, опишувајќи ги како импровизирани логори, но и дека по заминувањето на српската војска од Косово, во јуни 1999 година, почнала одмаздата врз Србите.
Во текот на судењето претставничката на ОБСЕ, Сандра Мичел, рекла дека „ОВК (УЧК) имала власт над институциите“ и дека кога и да се обидела да укаже дека оваа воена организација го малтретирала населението, добивала одговор дека „тоа не е ОВК, туку само бандити, кои ги користат нивните униформи“.
Во текот на судењето многу е говорено и за заштита на сведоците, односно за постојаните обиди за нивно застрашување! Обвинителството утврдиле дека гореспоменатите обвинети Тачи, Селими и Вејсели, дури и од затвор, преку посетителите што им доаѓале, се обидувале да влијаат на сведоците, па им бил воведен посебен режим на посети, кои во еден период им биле и сосема забранети.
Во судницата како сведоци се појавиле и оние што се обиделе да ги бранат обвинетите од „четворката“, правејќи се дека не се сеќаваат на одредени настани, за кои веќе давале изјави. Некои барале и да не сведочат… На судењето се говорело и за „страдањата на Албанци што се сметале за нелојални“.
Долгата рака на правдата ќе достигне уште понатаму
Специјализирани совети на Косово (ССК) е официјалното име на специјалниот суд со седиште во Хаг, во кој за воени злосторства им се суди на поранешни команданти и борци на парамилитантните структури на УЧК и нејзините деривати. Формално, овој суд започна да работи во јануари 2021 година, но судењето на „четворката“ – Тачи, Вејсели, Красниќи, Селими – тече од оваа, 2023 година.
Поранешниот косовски претседател Тачи и тројцата сообвинети, вклучувајќи ги и поранешните претседатели на парламентот Весели и Красниќи, како и пратеникот Селими, се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи и незаконски притвори, тортура, убиства, присилни исчезнувања и прогонство во времето кога командувале со парамилитантните структури.
Во обвинението се наведува дека тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“ што имал цел да ја преземе контролата над одредена територија „со средства што вклучуваат незаконско заплашување, малтретирање, извршување насилство и отстранување на оние што се сметаат за противници“. Повеќето од злосторствата во обвинението, наводно, биле извршени во притворските центри на УЧК во Косово и во Албанија.
Обвинението ги товари за злосторства против Албанците, Србите и Ромите во Косово и во Албанија во 1998-1999 година. За жал, Македонија сѐ уште недостасува. Почетното обвинение засега е проширено само за наводи за злосторства на ОВК во селата Будаково, Семетиште, Сува Река и Гнилане. Но, според соговорници и правни експерти, сѐ уште има простор и понатаму да се проширува обвинението, во текот на 2024 година, и тоа токму за злосторствата извршени во Македонија.
Споменатите Специјализирани совети на Косово (ССК) формално се дел од судскиот систем на Косово, но се сместени во Холандија и екипирани со меѓународни експерти. ССК се формирани по иницијатива на западните земји, кои се согласни дека „косовскиот правосуден систем нема доволно капацитет да ги суди случаите на УЧК и да ги заштити сведоците од влијание“. Ваквата квалификација, според правните експерти, важи и за судскиот систем во Македонија, при што се нагласува дека по иницијатива до западните земји, на истиот начин како што беше сторено тоа за Косово, меѓународни правни експерти може да бараат и кооптирање во Специјализираните совети и да ги внесат „македонските случаи“, односно предмети, при што споменатите Специјализирани совети на Косово (ССК) ќе бидат проширени како Специјализирани совети за Косово и Македонија. (ССКМ)
Судењето за воени злосторства на поранешните највисоки претставници на власта на Косово (претседател на државата и двајца претседатели на собранието) треба да резултира со доверба во правдата и дека политичката моќ не смее да биде заштита за злосторниците.