Фото: „Нова Македонија“

Од периодот на Св. Климент Охридски, па наваму, во Македонија е создадено огромно ракописно книжевно наследство. Колку точно ракописи се создадени не може со сигурност да се каже, но според Јордан Хаџи Константинов-Џинот, кој објавувал во „Цариградски вестник“, создадени се 150.000 ракописи. Секако, оваа бројка е преголема, но според неа може да се заклучи дека Македонија имала огромно ракописно наследство, кое во текот на 19 и 20 век било разграбано од разни „собирачи“. Македонија континуирано била ограбувана! Oгромен број наши скапоцени ракописни книги сега се во најрепрезентативните збирки на најугледните европски музеи, библиотеки и други културни институции. Но благодарејќи на личните залагања на неколкумина македонски истражувачи, досега се регистрирани дел од нашите стари ракописи, заедно со земјите и институциите каде што се наоѓаат

Во шеесеттите години на 18 век, во манастирот Трескавец престојувал рускиот фолклорист Александар Гилфердинг, кој во тоа време бил конзул во Сараево. Тој од овој македонски манастир зел повеќе ракописи, меѓу кои и Трескавечкиот поменик од 17 век. Овој ракопис е однесен во Санктпетербуршката публична библиотека, каде што се чува и денес. Во 1865 година, рускиот истражувач Антонин Капустин нашол во Трескавец само 15 ракописи, а триесет години подоцна имало само 11 словенски ракописи. Постојат податоци дека многу ракописи од библиотеката во Трескавец однел велешанецот Ј.Х. Џинот, кој им ги испраќал на разни институции во Србија. Голем дел од најстарите ракописи, повеќето пишувани на пергамент, биле изгорени по наредба на некојси владика Герасим. Тоа се случило во 1863 година, кога владиката бил Грк. Две седмици манастирската фурна била потпалувана со стари пергаментни ракописи. Чадот со денови ги покривал Златоврв и Маркови кули. Преостанатите стари ракописни книги, меѓу кои имало и богомилски текстови, епитропот Мојсо Пазов и игуменот поп Никола ги зеле од манастирот и си ги однеле дома. Каде завршиле тие скапоцени богомилски ракописни книги, не е познато. Доколку еден ден се случи чудо и бидат откриени, можеби дополнително ќе разјаснат и некои многу битни факти за богомилското движење во Македонија.
Голем дел од однесените ракописи, македонските истражувачи ги имаат регистрирано, а од некои од ракописите се обезбедени и фотокопии. Сепак, нашето културно богатство и натаму е во туѓи трезори. Така, над 130 ракописни книги денес се наоѓаат во Народната библиотека во Санкт Петербург, а 55 се во државниот Историски музеј во Москва. Исто така, во Руската академија на науките има и скапоцена збирка од 84 ракописни книги донесени во Русија од македонските манастири. Мошне вредна збирка од шест ракописни книги има во Јагелонската библиотека во Краков. Нив таму ги однел во 1863 година Рудолф Гутовски, кој како лекар престојувал во Македонија.
За време на Балканските и Првата светска војна од Македонија се однесени огромен број исклучително значајни и вредни ракописни книги.

Тој број во 1920 година, според тогашната евиденција, изнесувал 964, а три години подоцна во Софија веќе биле однесени ни повеќе, ни помалку, туку дури 1.090 стари македонски ракописи. Од друга страна, во Белград, во Народната библиотека, била однесена, и до денес е таму, комплетната збирка од 30 ракописни книги од Лесновскиот манастир, која наводно била „однесена“ само на чување, со обврска по завршување на војната збирката да биде вратена во Македонија. Се разбира, со истото образложение скапоцени ракописни книги се однесени и во Бугарија, и тие никогаш не се вратени во Македонија. Така, во документите за грабежите на македонските манастири и цркви за време на Првата светска војна, стои запишано дека во Народниот музеј во Софија на „чување“ биле однесени, меѓу другото, плаштеницата на Андроник Палеолог, златната митра на Свети Климент со бесценети камчиња и крвче, неговиот жезол, пронајден во 1911 година на Плаошник, каде што Свети Климент бил погребан, потоа царските двери и бронзениот полилеј. Од друга страна, во Белград во тоа време се однесени многу ракописни книги од манастирот „Свети Прохор Пчињски“, потоа од манастирите во Лешок, Крива Паланка, Куманово и многу други.

Значајно сведоштво за континуираниот грабеж на македонското книжевно богатство, меѓу другите, оставил и познатиот македонски преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Тој бил јеромонах во Марковиот манастир крај Скопје, каде што бил и игумен од 1801 до 1818 година. Во тоа време формирал училиште за описменување, но и богата манастирска библиотека, носејќи ракописи од повеќе македонски центри. Истовремено, се разбира, пишувал и свои оригинални, но и компилаторски дела. За жал, во 1818 година овој истакнат македонски преродбеник од почетокот на 19 век бил принуден да го напушти манастирот, затоа што грчкиот владика не можел да се помири со неговата словенска просветителска дејност, па го наклеветил кај злогласниот Али-бег. Дознавајќи за тоа навреме, игуменот Пејчиновиќ тајно го напуштил манастирот со десетина товари највредни книги и икони. Со карванот со скапоцениот товар тргнал кон родното Теарце, но стигнал во Лешок, обновувајќи го за многу кусо време разурнатиот Лешочки манастир. За жал, по неговото заминување од Марковиот манастир, таму дошол за игумен Влав, Грк по душа и образование, кој, како што вели Пејчиновиќ, со сатанистичко уживање изгорел повеќе од 10 товари ракописни книги што останале во манастирот.

Автор: д-р Марјан Патлиџанковски

Крај