Фото: Архива

На неодамнешниот протест беше постигнат привремен договор и само делумно беа прифатени барањата на студентите за подобрување на нивниот стандард

НА 17 НОЕМВРИ, СВЕТСКИОТ ДЕН НА СТУДЕНТИТЕ

Првичниот епилог од преговорите на студентските организации со претставници на МОН и пратениците, кои првично предлагаа измени и кратење на субвенциониран студентски оброк, е продолжување на дејството на стариот закон до 15 март. Средбата се случи како резултат на студентските реакции, откако во јавноста излезе новиот закон за студентски оброк, со кој требаше тој да им биде скратен на сите студенти што земаат стипендии, на апсолвентите и на оние чии семејства имаат плата повисока од минималната. На разговорите во Собранието, на кои им се придружи и премиерот Ковачевски, договорено е студентскиот оброк до 15 март да се исплаќа според старите правила, а во периодот дотогаш да се бара заедничко системско решение преку работни групи во кои ќе учествуваат студентските претставници, пратениците и Владата.
На состанокот во Собранието учествуваа студентите од државните и приватните универзитети, додека истовремено пред парламентот се одржуваше студентски протест организиран на социјалните мрежи од новоформираното движење „Студентски отпор“.
Сепак, се чини дека овој привремен договор меѓу претставниците од студентските организации и претставниците на власта е само прво полувреме на студентското будење. Имено, универзитетските студентски собранија размислуваат, утре, на 17 ноември, Светскиот ден на студентите, да организираат студентски марш, кој би бил мирен и би имал цел да ја покаже студентската авангарда. Тоа го најави Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на најголемиот државен универзитет УКИМ, кој смета дека од Министерството за образование го добиле тоа што го барале.
– Решенијата со МОН за студентскиот оброк беа донесени од сите универзитетски собранија на ниво на Македонија и верувам дека тие универзитетските собранија го застапуваат мнозинството на студентите што студираат. Како универзитетски студентски тела размислуваме, а беше ставено и како предлог, за желбата на 17 ноември, кој е Светски ден на студентите, да организираме студентски марш, кој би бил мирен и не би имал негативната конотација. Напротив, само да го искажеме незадоволството во однос на некои прашања и притоа да ја покажеме бројката на студенти – вели Темелковски.

Но, покрај иницијативата на универзитетските собранија за мирен студентски марш, од новоорганизираното здружение „Студентски отпор“ за истиот ден предлагаат и повикуваат на продолжување на протестите со масовен студентски марш в четврток, со почеток во 17 часот. Тие не се задоволни од крајниот исход и одлуките донесени на тричасовната средба во Собранието помеѓу премиерот, министерот за образование и претставниците на студентските собранија. Оттаму велат дека како студенти остануваат на своите барања за зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк од 120 денари на 150 денари дневно; издвојување средства од буџетот за израмнување на сумата на стипендиите во согласност со измените од последното покачување на стипендиите; средства за реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање „студентски градови“ и стоп за најавената приватизација на студентските домови; издвојување доволно средства за изземање на студентите од антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење струја.
– Со оглед на тоа што единственото барање што се прифати е повлекувањето на измените на предлог-законот за студентски субвенциониран оброк, најавуваме дека нема да отстапиме сѐ додека итно не се реализираат и другите наши барања – се вели во повикот на „Студентски отпор“.
Од „Студентски отпор“ ги повикуваат сите студентски организации, универзитетските и факултетските студентски собранија, професори, здруженија и невладини организации да се придружат на маршот.