Големиот недостиг од наставен кадар во образовниот систем е сериозна актуелна мана и пропуст што може да има долгорочни последици. Во напорот да се надмине, засега се практикуваат различни импровизации, кои се далеку од системско решение. Според професорите со кои се консултиравме, ова претставува исклучително сериозен проблем, а со негово решавање се зафатија и ЕУ, ОЕЦД, САД, преку нивни специјализирани тела…
Дефицит од наставен кадар во образовниот систем
Информатика на учениците во скопското основно училиште „Лазо Ангеловски“ им предава студент од последните години на студиите. Училиштето го ангажирало по неколку неуспешни обиди да вработи професор, за учениците да не губат настава. „Лазо Ангеловски“ не е единственото училиште во кое, наместо професори, работат студенти. Недостигот од наставен кадар е сериозен проблем, кој кулминира годинава. Во Министерството за образование и наука немаат точен податок колку студенти се ангажирани и велат дека се обидуваат системски да го решат проблемот со недостигот. Освен по информатика, најмногу професори се бараат по математика, физика, хемија, биологија…
Образованието импровизира – проблемот е со тенденција да ескалира
Магдалена Петреска, директорка на „Лазо Ангеловски“, вели дека проблемот со недостиг од стручен кадар во училиштата од ден на ден сè повеќе станува евидентен, со тенденција да ескалира.
– Доколку не се преземат соодветни и конкретни чекори, за неколку години проблемот ќе биде многу голем и тешко решлив. Имено, во моментов се чувствува недостиг од стручен кадар по одредени наставни предмети, со тенденција недостигот од соодветен стручен наставен кадар да биде евидентен во однос на речиси сите наставни предмети. Периодов најмногу се чувствува недостиг од наставници по информатика, физика, хемија, биологија и математика. Многу често овие наставни предмети во училиштата ги предаваат несоодветни наставници, односно наставници на кои им недостигаат часови да оформат полн фонд или, пак, на тие работни места се вработуваат лица што имаат завршено високо образование што се смета за блиско или сродно со работното место за кое се бара наставник. Ова го кажувам водејќи се од ситуацијата што владее во училиштата од моето непосредно опкружување – вели Петреска.
Студенти од завршна година на факултети, според неа, се бараат за да се пополни недостигот од наставен кадар по информатика и математика или, пак, еден наставник мора да предава и по неколку предмети.
– Образованието импровизира, додека факултетите остануваат без студенти што се заинтересирани за наставничката работа. На огласите за вработување не се јавува никој и се прават обиди да се најдат различни законски начини за децата да не губат настава, но тоа е невозможно, затоа што ова е системски проблем, кој се провлекува со години, и едноставно и самите сме свесни дека има недостиг од таков кадар. На студиите нема доволен број студенти и, по автоматизам, како што поминува времето, се подразбира дека ќе нема кадар – вели Петреска.
Нејзин впечаток е дека станува збор за јавната перцепција на професијата наставник, која во моментов во нашето општество е девалвирана, и дека главно луѓето што можеби имаат афинитет или талент за овие науки, попрво би се ориентирале кон некакви применети аспекти на овие науки отколку да бидат наставници.
– Низ годиниве, професијата наставник изгуби од својата атрактивност, за што има многу причини. Една од причините е тоа што постигнувањето на успесите на наставниците и учениците не е вест од интерес за јавноста, за да се профилира наставникот како значајна функција во општеството, но влијанието го гледа и во работните услови.
Додека државата чека да се подобрат состојбите, училиштата остануваат без наставен кадар, што влијае и на квалитетот на наставата и образованието – додава Петреска.
Мора да се преземат сериозни мерки
Слаѓана Јакимовиќ, редовна професорка по математика на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје, објаснува дека интересот за наставни студии во природно-математичкото подрачје не опаѓа само кај нас туку и во развиениот свет.
– Младите луѓе што имаат склоност кон природно-математичкото подрачје увидуваат дека може да напредуваат во повеќе области. Тие често одлучуваат нивната професионална определба да не биде во областа на наставата, туку перспективата ја бараат во други области што овозможуваат поширок спектар на кариерен развој, подобра заработка, поголема мобилност…. Така и запишуваат други студии, често поврзани со медицината или со компјутерските науки, за чие изучување од пресудно значење се квалитетни знаења по математика или по природни науки. Недостигот од наставен кадар во природно-математичкото подрачје е многу сериозен проблем, со негово решавање се занимаваат и Европската Унија, ОЕЦД, САД… Ние како држава не располагаме со многу финансиски средства за да ги мотивираме луѓето да работат во настава. Сметам дека овој проблем мора да се решава сериозно, темелно и системски. Еве, гледате, се даваат стипендии, но младите луѓе размислуваат за перспективите што ги нудат професиите по завршувањето на студиите. Тие се свесни дека професијата наставник е комплексна, а можностите за напредување (кариерно, финансиски…) се ограничени. Младите луѓе на денешницата се информирани и прагматични. Државата мора да преземе сериозни и сеопфатни мерки, стипендиите се добар чекор во таа насока, но треба да се предвидат и други – вели проф. д-р Јакимовиќ.
Многу години недостига кадар по математика, физика, хемија…
Во МОН не располагаат со податоци колку студенти предаваат во училиштата.
– МОН не располага со такви податоци. Како министерство обезбедуваме согласности за ангажирање кадар во училишта и по предмети по кои недостигаат наставници, но постапките за нивно ангажирање ги спроведуваат самите училишта, преку објава на јавни огласи, со наведени услови и критериуми за пријавување – велат од МОН.
Оттаму веќе истакнаа дека многу години земјата се соочува со недостиг од наставен кадар по математика, хемија, физика…
– Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високообразовните установи што нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри што би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата, кој, секако, кога-тогаш заминува во пензија и мора некој да го наследи. Се трудиме да ги стимулираме младите да ги избираат овие области и да се занимаваат професионално во нивните рамки. За тоа е потребно подигнување лична мотивација, интерес и желба. Тоа се постигнува преку модернизација на наставата по овие, но и по сите други предмети во основното и средното образование. И затоа работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на содржините во наставните програми и во учебниците, обучување на наставниците заради поголема креативност при предавањето на материјата што ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места (од прво до трето место) на меѓународни натпревари по математика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади, меѓу кои и за математика, физика, хемија. Неодамна е отворена и специјализирана математичка гимназија, каде што се запишуваат исклучително талентирани ученици од овие области – објаснија од МОН.
Дополнително информираат и дека МОН доделува стипендии за студенти што се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија и ќе остварат просечен успех од минимум 7,00 во текот на претходното образование на соодветната високообразовна установа.
– Тоа се највисоките стипендии што ги доделува МОН за студирање на домашните високообразовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво. Така што се надеваме дека постепено состојбите ќе се вратат во рамките на нормалата и ќе обезбедиме еден оптимален број на наставници по овие предмети заради задоволување на потребите во сите општини и училишта – заклучуваат оттаму.