Во својата анализа, Мантон проценува дека кукавичлакот на меѓународните институции (Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права, Трибуналот за воени злосторства од Хаг, Меѓународниот суд на правдата) да ги имплементираат сопствените пресуди им даде сила на локалните политичари да се однесуваат недопирливо и неказниво
Кукавичлакот на меѓународните институции им даде сила на балканските политичари да се однесуваат недопирливо и неказниво
Последниот извештај на Советот на Европа, односно на неговиот комитет за човекови права, предупредува на опасноста дека неуспехот на земјите од поранешна Југославија да се справат со своето насилно минато може да има катастрофални последици за човековите права и на крајот може да доведе до враќање на конфликтот во регионот. Предупредувајќи за ризиците од рецидивите на нерасчистените злосторства од пред 30 години, во извештајот се кажува дека постоела надеж во европските институции „дека националните судови ќе продолжат да ги гонат илјадниците други сторители“. Но се заклучува дека нивниот моментум драстично забавил, а „етнонационалистите се политички доминантни во регионот“.
Се чини дека во овој извештај на комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ акцентот е ставен на земјите од регионот, како Србија, Косово, Хрватска и Босна и Херцеговина, но познато е дека и Македонија во својот внатрешнополитички контекст има слични предизвици на манифестации на етнонационализам, кои се провлекуваат од конфликтот во 2001 година, и покрај Охридскиот рамковен договор, кој требаше да биде решение за тогаш конструираните незадоволства, од наводно непочитување на човековите права од етнички карактер. Како што минува времето, станува сѐ појасно дека конфликтот од 2001 година во Македонија е некаков „круг на насилства“ во регионот мотивиран од етничко-освојувачки амбиции, односно дека тој се прелеа од Косово. Злосторствата сторени во тој конфликт останаа енигма за правдата во Македонија, поттурнати под тепихот на наводното општествено помирување, додека оние што ја нападнаа државата, преобратени во политички субјект се инсталираа како незаменлив политички фактор за власта и „регулатор“ за (де)стабилизирање на државата.
– Во Македонија има рецидиви од војните што го следеа распаѓањето на Југославија, но очигледно има и од многу други војни, а сме поминале доста. Бугарија сѐ уште ги буди духовите од двете светски војни и за неа се чини апетитите што доведоа до нивното приклучување на фашистичката страна сѐ уште се двигател на политичкиот дискурс. Нашите балкански апетити и болки често се злоупотребени само за политички поени и добивки. Политичарите затоа се ставаат над законите и со тоа го нарушуваат целиот систем на владеење на правото. И тогаш сѐ е можно.
Така, кај нас политичари се договараа дали да се процесираат случаите што Трибуналот ги врати не за да се заборават, туку да се процесираат во локалното правосудство! Амнестија од воени злосторства и непочитување пресуди од Трибуналот за воени злосторства од Хаг, Европскиот суд за човекови права, Меѓународниот суд на правдата… станаа рутина – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.
Во својата анализа, Мантон проценува дека кукавичлакот на наведените меѓународни институции да ги имплементираат сопствените пресуди им даде сила на локалните политичари.
– Сите инструменти на меѓународното право беа создадени за борба против неказнивоста! Но бидејќи самите потфрлија во таа борба, како меѓународните владини организации, така и водечките западни политичари – тие ја избраа стабилноста пред правдата за балканските земји. Тоа доведе до состојба Македонија и целиот регионот да се претворат „во градината во која цвета неказнивоста“. Полесно е да се дегенерира кривичниот закон, парламентарните процедури, отколку да се засукаат ракави за долгорочни решенија. Помирувањето е долг и макотрпен процес. Извештајот на Мијатовиќ е важен, тој е обновено читање на извештајот, кој го подготви Советот на Европа пред десет години. Во тие десет години никој не дојде до конечни заклучоци и затворање на овие болни поглавја. Сите локални политичари чекаат исход и никој нема ни познавање ни желба за помирување. Во таква клима нема простор за помирување и за градење заедничка иднина – заклучува професорката Мантон.
Од денешен аспект, согледувајќи ги состојбите со владеење на правото, односно феноменот на неказнивоста во регионот, професорката Мантон смета дека недостигаат храброст и конкретен ангажман на меѓународните институции да преземат одговорност за своите одлуки.
– Лично сметам дека времето на извештаи и прес-конференции помина, дека помина и времето на стискање на копчето за аларм. Ние долго време ги знаеме проблемите. Она што недостига е храброст од тие што ги имаат механизмите, кои ги граделе принципите и на кои им е оставена должноста да ги бранат вредностите со – владеење на правото – вели Мантон.