Поранешниот грчки министер Коѕијас во неодамнешно интервју јасно кажа дека со Преспанскиот договор се бришат македонскиот идентитет, јазик и историја (сето ова како плод на тајната дипломатија). Наедно, со тоа се прекинати крвните и другите врски на Македонците во Републиката со тие во Егејска Македонија, но и во другите соседни земји…

Натамошна демакедонизација на Македонија во насока на создавање нова „лабораториска нација“

Сега кога е јасно дека Грција има намера само селективно да го примени договорот, на Македонија ѝ останува голем простор за маневрирање на дипломатски план и објаснување на состојбата. Во еден таков контекст, се потсетуваме на изјавата на прес-конференцијата на Шон Меккормак, тогашниот портпарол на Стејт департментот од октомври 2008 година.
„Ако Македонија сака да биде Македонија ние тоа го признаваме! Ако Македонија реши пред меѓународната заедница да го смени своето име и ако е тоа со полна поддршка на македонската влада и од македонскиот народ, не верувам дека ние нема да се согласиме со тоа“. Оваа реченица во октомври 2008 година ја кажа на прес-конференција Шон Меккормак, тогашниот портпарол на Стејт департментот. Иако е искажана одамна и пред да се случи преименувањето на државата, по Преспанскиот договор и уставните измени, добро е да се повтори затоа што во себе содржи некои многу важни нешта од областа на правото. Имено, пред сѐ, да има согласност од народот, а второ и со согласност во македонската влада. Токму овде уште еднаш треба да се нагласи дека токму народот гласаше на референдум против промена на името, но тоа стана само „консултативен референдум“.
Но деновиве од историските дамари повторно се појави Никос Коѕијас, кој фалејќи се дека е креатор на (за нас монструозната) Преспанска спогодба, најотворено и бесрамно (токму пред два дена) ни кажа дека „со еден договор успеал да избрише една држава и еден народ со целата негова историја, традиција, култура и вредности“…

Цел: Формирање нова северномакедонска или славомакедонска нација

И не е само Коѕијас тој што сега форсира употреба на терминот „северномакедонци“ или, пак, славомакедонци. Со ова само се разоткрива натамошната стратегија за „армирање на името на новата нација“, која би била „или северномакедонска или славомакедонска“ (?!). На Грција ѝ е сеедно, за неа, според поранешниот грчки министер Коѕијас, е важно – да се избришат Македонците.
Имено, владата на Киријакос Мицотакис добро знае дека претседателката Силјановска-Давкова не го прекрши договорот, но тој реши да го отвори македонското прашање, да ја отвори старата рана за да продолжи пожестоко со тој процес на демакедонизација и на тоа малку што останало македонско. За издвојување, грчката дипломатија води битка низ целиот свет и бара бришење на македонските имиња на стотици македонски здруженија, клубови, граѓански асоцијации, па и добротворни организации. Тие имаат цел со лабораторискиот Преспански договор да создадат – нова лабораториска нација.
Коѕијас (а и Атина), свесен дека има нешто „матно“ со Преспа, прави фројдовска грешка, па го критикува „облачниот“ ПАСОК, кој смета дека договорот бил матен, а со тоа ја разоружувал Грција на меѓународен план. Според психолозите, „потсвеста ја кажува вистината“. Х.И.


КОЈ БЕШЕ И КОЈ ОСТАНА КОЅИЈАС?

За да дојдеме до некои одговори, добро е да се потсетиме на ликот и делото на Никос Коѕијас, зашто така подобро ќе ја разбереме филозофијата на надворешната политика на Атина. Коѕијас, кој веќе ја ситни осмата деценија од животот, е добро познат и во професорските и во политичките кругови. Во младоста за време на воената диктатура бил член на комунистичката младина на Грција. Како член на Комунистичката партија добивал овации за своите извонредни говори, а е потврдено неговото извонредно познавање на марксистичката филозофија. Со ККЕ расчистува во оној момент кога партијата ќе им стане сојузник на конзервативците од Нова демократија во борбата против премиерот Андреас Папандреу од ПАСОК, што за Коѕијас претставуваше нечесна коалиција (просто кажано левичарите застануваат на страната на десничарите) и поднесе оставка. Од 1993 година до 2008 работи во дипломатската служба, а од 2005 ја носи титулата амбасадор. Како дипломат ги водел преговорите за Амстердамскиот договор, Агенда 2000, за грчко-турските односи и за Европскиот устав. Како еден од неговите дипломатски успеси се смета тоа што на Кипар му ги отвори вратите на ЕУ. И конечно неговиот матичен број на дипломатската лична карта – го поддржуваше грчко-турскиот приод како нова политичка доктрина и го воведе принципот градење мерки на доверба. Во конкретниот случај тие мерки главно ја имаат предвид воената, односно одбранбената димензија.
Уште една негова фундаментална позиција – верува во мултидимензионална надворешна политика, како и во тоа дека државите што сакаат да ги зголемат своите капацитети и влијание би требало да бараат конкретни односи со новите сили, односно БРИКС (Бразил, Индија, Русија…).
Токму со мерките за градење доверба практично е предвидено да се почне со меко грцизирање и на „територијата на Северна Македонија“, кои треба да завршат со новоформирана инстант нација на северномакедонци. Ако некој ги заборавил духот и словото на Преспанскиот договор, Коѕијас се јави за да дообјасни и за да не се заборави.
– Со договорот од Преспа храбро беше раскинат Гордиевиот јазол. За жал, „неогрчката глупост“ не само што не дозволи нејзина целосна експлоатација (се мисли на спогодбата) туку го олесни нејзиното поткопување од северномакедонската шовинистичка десница. Договорот е во согласност и во рамките на повоеното француско-германско смирување, пријателство и разбирање. Тоа е одличен пример за тоа како луѓето од регионот можат да ја градат својата иднина во мир и оптимизам, далеку од мешање на трета страна. И ова, во време кога регионот е зафатен од војни и намери за оружени конфликти.
Договорот од Преспа е од максимално геополитичко значење – пишува Коѕијас во „Катимерини“.
Секој би се прашал – а зошто се зема како пример француско-германското примирје како основа за Преспа, кога ниту Грција ниту Македонија не се држави ни приближно по големина и влијание ниту, пак, формално биле во тежок воен конфликт. Никаков аргумент!
Коѕијас не може, а да не признае дека „пријателот С. Македонија препозна дека историјата на Славомакедонците започнува дури во 7 век од н.е. и призна дека тоа нема никаква врска со Македонија на Александар Македонски (член седум од договорот). Според тоа, нивниот јазик нема никаква врска со Античка Македонија, туку е јазик, како што пишува во договорот, „јужнословенски“, односно илјада години помлад од Македонското Кралство“.


„Алатките“ на Атина

Оние што хронолошки ја следеле состојбата пред потпишувањето на Спогодбата од Нивици се сеќаваат дека таа е постигната и под воени и под безбедносни закани од страна на Грција. Еве примери: неизбришлив факт се тогашните зачестени воени вежби во пограничниот регион. Понатаму, честите нарушувања на македонскиот суверенитет со авионски прелети на македонското небо беа секојдневие. Пуштањето илјадници имигранти преку нелегални премини беа посебна алатка за дестабилизација на нашата држава од страна на нашиот јужен сосед. А изградбата на бегалски кампови во близината на границата беше сериозна отворена опомена…


Да ги прочитаме сериозно зборовите на Коѕијас

На грчката стратегија за обид за продолжување на нашата натамошна демакедонизација може да се одговори и со барање за почитување на колективните права на Македонците во Македонија. Секој што се чувствува Македонец, а не и „Граѓанин на Република Северна Македонија“ може да бара тоа да се смени во неговите документи. Тоа е негово основно право. Треба да се обновуваат и зацврстуваат врските со нашите најблиски роднини во Егејска Македонија, да им покажеме дека не сме се заборавиле и да се поттикнува соработка со нашите Македонци и во Бугарија, Албанија, во Косово. Нашите соговорници, професори, сериозно предупредуваат да ги прочитаме сериозно зборовите на Коѕијас. Наедно, тие опоменуваат дека ако со Преспанскиот договор ѝ дозволивме на Грција да ни ја избрише античката македонска историја (која сега според Грците ни почнува од 7 век?!), зарем да ѝ дозволиме повторно на Софија, македонската историја насилно да се ревидира и да започнува од 1944 година?!