Фото: ЕПА

Француски корисник на платформата за стриминг Кик, четириесетгодишен поранешен војник, редовно бил тепан и малтретиран за време на неговите преноси во живо од две влијателни лица

Франција згрозена и потресена од смртта на стримерот Рафаел Гравен

Приказната потсетува на некои од најстрашните епизоди од британската технолошка дистописка серија „Блек мирор“ (Black Mirror). Четириесет и шестгодишниот француски инфлуенсер Рафаел Гравен, познат како Жан Порманов по неговите видеопреноси емитувани во живо, почина во понеделникот за време на пренос во живо на платформата Кик (Kick), кој траел повеќе од 298 часа. Според сликите што кружат на социјалните медиуми, другите учесници во настанот го забележале ЏП мртов и во тој момент го прекинале емитувањето.
Обвинителството во Ница отвори истрага за причината за смртта, доверувајќи ја на локалната судска полиција. Побарана е обдукција. Во оваа фаза, точната причина за смртта е непозната.
На стриминг-платформата Кик, именуван по неговиот псевдоним за стриминг и со половина милион претплатници, Рафаел Гравен првенствено се појави заедно со тројца други инфлуенсери: Овен Ченазандоти, познат како Наруто, Сафине Хамади, познат како Сафине, и некој по име Кудо.
Во видеата споделени од оваа група, Рафаел Гравен, виток поранешен војник, и Кудо, лице со инвалидитет под старателство, беа измачувани од другите двајца, односно подложени на удари, навреди, злоупотреби и понижувања. Овен Ченазандоти и особено Сафине Хамади ги удирале своите двајца партнери по главата, ги фаќале за грло за да ги задават и плукале или истурале разни супстанции врз нив.

Гледачите соучесници

И покрај нивното неподносливо насилство, овие видеа се претставени од нивните креатори како хумористични. Тие ѝ овозможуваа на групата да собира средства, во форма на периодични претплати или еднократни донации, од гледачи соучесници, од кои некои го охрабруваа извршувањето на сè подеградирачко малтретирање во своите коментари. На крајот од долгото емитување во живо, обележано со смртта на Рафаел Гравен, бројачот за собирање средства што се појавува на видеото сугерира дека собрале над 36.000 евра.
Дејствијата на овие креатори на содржини беа изнесени на виделина во декември 2024 година со статија во „Медијапар“, по што јавниот обвинител на Ница, Дамиен Мартинели, отвори прелиминарна истрага, која сè уште е во тек. Поднесени се три обвиненија: „јавно поттикнување омраза или насилство преку електронски средства против лице или група луѓе врз основа на нивниот хендикеп“, „намерно насилство во група против ранливи лица што резултира со целосна неспособност за работа помалку од осум дена“ и „ширење снимени слики поврзани со извршување кривични дела и намерно повредување на интегритетот на лицето“.
Како дел од оваа постапка, двајцата инфлуенсери осомничени за насилство, Овен Ченазандоти и Сафине Хамади, беа приведени во полиција на 8 јануари, од каде што беа ослободени. Рафаел Гравен и Кудо исто така беа испрашани.
– И лицата што веројатно се вмешани и оние што беа жртви негираа дека сториле кривични дела – изјави обвинителот од Ница. За време на претресот извршен истиот ден во Контес беше запленета целата компјутерска и аудиовизуелна опрема на групата.

Кршливо здравје

Контактиран од париски „Л’монд“, Овен Ченазандоти одби да даде коментар.
– Ги чекаме резултатите од истрагата насочена кон утврдување на сите околности околу смртта на ЏП и идентификување на одговорностите на секоја страна – коментираше адвокатот на инфлуенсерот Јасин Садуни.
– Мојот брат, мојот помошник, мојот партнер. Шест години еден до друг, без никогаш да се откажам, те сакам, брате мој и ќе ни недостигаш ужасно – реагираше Овен Ченазандоти на својот инстаграм-профил.
– Почивај во мир, брате мој – напиша 23-годишниот Сафине Хамади на својот профил.
Овие почести се во спротивност со третманот што двајцата мажи го имаа во своите видеа за Рафаел Гравен, чие кревко здравје им беше добро познато на гледачите на неговиот канал. Во клип од најновиот пренос во живо „XXL“, широко споделен на социјалните медиуми овој вторник, Овен Ченазандоти се гледа како се грижи за респираторните проблеми на својот „партнер“ при ризикот од „физички проблем“.
Во друго, постаро видео, кое повторно се појави по смртта на стримерот, се слушаат Овен Ченазандоти и Сафине Хамади како експлицитно разговараат за смртта на Рафаел Гравен во живо и го поттикнуваат да каже „пред камера, токму сега, дека ако утре умре среде пренос во живо, тоа е поради неговото лошо здравје, а не поради нив“.
– Луѓето ќе нè нападнат, иако тоа е поради вашите 46 години мизерен живот – додава Овен Ченазандоти.
-Ако нешто ми се случи во живо, тоа е целосно моја одговорност – изјавува Рафаел Гравен, откако првично одби да го стори тоа.

Апсолутен ужас

Очигледно ослабен, дали поранешниот војник бил во позиција слободно да се согласи на насилството на кое наводно доброволно бил жртва? Дали воопшто имал психолошки и физички средства да се спротивстави на тоа? Смртта на Рафаел Гравен предизвика споделување повеќе видеа на социјалните мрежи во кои може да се види како се жали на постапките на своите другари или тврди дека е принуден да ги прифати затоа што заработува пари од нив.
– Мислам дека ова оди предалеку, се чувствувам како да сум заробен од нивниот ср.ње-концепт – наводно ѝ напишал на мајка си за време на неговиот последен пренос во живо, според извадок во кој Овен Ченазандоти се чини дека чита пораки испратени од ЏП.
– Смртта на Жан Порманов и насилството што го претрпел се апсолутно ужасни. Им изразувам најдлабоко сочувство на неговото семејство и најблиските. Жан Порманов бил понижен и малтретиран со месеци во живо на платформата Кик – одговори министерката делегатка за вештачка интелигенција и дигитални работи Клара Чапаз.
Таа објави дека контактирала со Регулаторната агенција за аудиовизуелни и дигитални комуникации (Аркон) и поднела извештај за Фарос, јавната платформа за известување на луѓето за нелегална содржина што циркулира онлајн.
– Одговорноста на онлајн платформите за ширење нелегална содржина не е опција: тоа е закон. Овој вид неуспех може да доведе до најлошото и за такво нешто нема место во Франција, Европа или никаде на друго место – продолжува Клара Чапаз.
Стигна одговор и од платформата Кик.
– Длабоко сме тажни поради загубата на Жан Порманов и им изразуваме сочувство на неговото семејство, пријатели и на заедница. Итно ги испитуваме околностите и работиме со релевантните засегнати страни за да ја испитаме ситуација – одговори платформата Кик.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција