Долгогодишната професорка по македонски јазик во Словенија, Соња Дожан, вели дека ставовите на соседна Бугарија за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот воопшто не се научно одржливи. Според неа, бугарската позиција спрема македонскиот јазик е чисто политичка и научно погрешна. Притоа, македонистите порачуваат дека на земјава ѝ е потребна национална стратегија за македонскиот јазик, како и отворање катедри по македонски јазик на што повеќе странски универзитети
Првичната идеја на постоењето на Семинарот за македонски јазик, да се потврдува и развива македонскиот јазик според тенденциите на современите лингвистички текови за да ги одржи својата живост и функционалност, набрзо е надградена со сознанието дека неговата најдобра афирмација е да го учат оние што не се негови родени говорители. Меѓународната летна школа на Семинарот во Охрид, веќе 55 години ја поддржува желбата на лингвистите за запознавање и ширење на вистината за посебноста и автентичноста на македонскиот јазик. Последниве години, под влијание на обидите од политички вид од Бугарија, за оспорување на постоењето на македонскиот јазик, се создаде предизвик и во научните кругови за реафирмација на неговата веќе докажаната лингвистичка посебност и специфичност, што го прави различен од другите словенски јазици.
Долгогодишната професорка по македонски јазик во Словенија, Соња Дожан, вели дека ставовите на соседна Бугарија за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот воопшто не се научно одржливи. Според неа, бугарската позиција спрема македонскиот јазик е чисто политичка.
– Таквите бугарски ставови за македонскиот јазик ги оценувам како многу подли, затоа што не може некој од страна да дојде и да каже дека луѓето овде зборуваат некој друг јазик. Македонците ако велат дека зборуваат македонски јазик, што има Бугарите да кажуваат дека тоа не е македонски јазик. Јас апсолутно ги поддржувам Македонците. Го познавам и бугарскиот јазик и можам лично да потврдам дека тоа апсолутно не е ист јазик. Се разликува многу: и граматички и лексички. Не знам од каде воопшто идејата дека тоа може да биде ист јазик. Јас мислам дека не премногу, туку апсолутно има само политика во ова – вели Дожан.
Македонистите порачуваат дека на земјава ѝ е потребна национална стратегија за македонски јазик, како и отворање катедри по македонски јазик на што повеќе странски универзитети.
– Треба да се направи еден вид стратегија. Ние сѐ уште немаме национална стратегија. И по 30 години, национална стратегија за зачувување на македонскиот јазик немаме – нагласува директорката на Семинарот, Весна Чепишева-Мојсовска.
Универзитетскиот професор Максим Каранфиловски смета дека додека постојат говорители на македонски, ќе постои и македонскиот јазик. Според него, нападите од соседна Бугарија периодично се засилуваат, секогаш кога земјава сака да направи чекор напред. Но исто така смета дека постојано треба да се работи на афирмацијата на македонскиот јазик низ светот.
Сметам дека треба да се вложат уште повеќе напори и средства за да се афирмира македонскиот јазик низ светот. Ако погледнеме, не треба да сме самозадоволни со она што сме го постигнале. Ние имаме присуство на околу триесет светски универзитети. Тоа на прв поглед е добра бројка, но јас би бил позадоволен да бидат над триста. Да не речам и над три илјади. Ако вложиме напори, многу поголема поддршка ќе добиеме низ светот, затоа што мора да сме свесни, многу луѓе и не знаат надвор од славистичкиот свет кој е тој македонски јазик, каде е таа Македонија. Се разбира, тоа не се прави прекуноќ. Треба континуирано државата да вложи многу повеќе во ваквите активности, за да бидеме побезбедни, посигурни и попознати низ светот – вели Каранфиловски. Ј.П.
Рефлексиите на еден оглас
Како општествена рефлексија на имплементацијата на билатералните договори со соседите, во кои се наведени многу рестриктивни клаузули поврзани со споменувањето и именувањето на македонскиот национален идентитет, јавноста во Македонија е внимателна и сомничава на секоја „случајност“ во која се препознаваат одредени тенденции за релативизирање и обезличување на она што претставува карактеристичен белег на македонското постоење. Секако, еден од најважните белези на македонскиот идентитет е токму македонскиот јазик.
Откако беа обелоденети препораките на македонскиот дел од мешаната историска комисија со Бугарија, за измени во учебниците по историја во македонскиот (а наводно и во бугарскиот) образовен систем, како и препораки за заедничко чествување историски ликови од средновековниот период, претпазливоста на јавноста е подигната за секакви индикации што наведуваат дека преку образовниот систем може да се прават обиди за навидум „ненамерна прекоректност“ во спроведување на комисиските препораки.
Еден таков „невнимателен“ оглас за вработување на наставник по „мајчин јазик“ во училиште во Неготино, објавен во „Службен весник“, предизвика сериозни реакции на социјалните мрежи. Реакциите беа во насока на сомнежите дека предметот Македонски јазик е преименуван во неодредениот Мајчин јазик.
– Толку многу е заштитен македонскиот идентитет од нашите официјални политики што предметот Македонски јазик во образовните институции ќе се викал Мајчин јазик, наставниците се по мајчин јазик, а мајчин е секој и никој. Прикривањето на името на еден конкретен државен јазик во сопствената држава зад општи генерички поими е увод во домицилен културоцид. Да нема дилема – напиша на социјалните мрежи академик Катица Ќулавкова.
Сепак, во подоцнежните објави за истото работно место во училиштето во Неготино, наставната позиција беше коригирана како „наставник по Македонски јазик“, што засега ги демантира сомнежите за „проширување“ на препораките на Историската комисија и на именувањето на македонскиот јазик во образованието.