Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во моментите кога Владата на премиерот Димитар Ковачевски бара европски пари за да ја надмине кризата, кога се соочува со штрајкот на просветарите и со најавите за масовни синдикални протести, со нова „софиска саботажа“ на преговорите со Бугарија…, редно е да се потсети на ентузијазмот на пред нешто повеќе од три месеци избраниот премиер, но и на аналитичките опсервации по изминатите сто дена и да се направи споредба на почетниот оптимизам на премиерот и на постигнатите резултати потоа

ИЗМИНУВА ПЕРИОДОТ НА АДАПТАЦИЈА НА НОВИОТ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИН КАБИНЕТ

И пред медиумите да ја отворат темата за резултатите од првите сто дена на актуелната влада, таа сама се отвори со избивањето на уште една криза во односите со Бугарија, кои досега, барем според најавите, требаше да бидат нормализирани, а со тоа, барем како што некои се надеваа, и отстранета последната блокада од евроинтегративниот пат на Македонија, но и многу други нешта. Развивањето на кризата со штрајкот на просветарите и преговорите со СОНК, разрешувањето на директорите на државните претпријатија и фондови, се само некои од нив. Во меѓувреме, во исчекување на завршници за старите корупциски афери, дојдоа нови и уште еден генерален секретар на Владата заврши во притвор, системите во правосудството, здравството, образованието, дипломатијата продолжија да еродираат, а економијата никако да излезе од спиралата надолу. И да, паднаа маските. Не метафорички, туку навистина. Носењето маски до пред некој ден беше задолжително во затворените простории како дел од антиковид-мерките, така што народните избраници, на најавената седница за пратенички прашања во текот на наредната недела ќе имаат шанса, во духот на добрата парламентарна практика, барем вербално, да го демаскираат актуелниот состав на Владата. Претходниот, како што е познато, замина без отчет, исто како и речиси сите владини состави во изминативе години, кои за да ги одбегнат соочувањата со судот на јавноста и подвлекувањето црта под придобивките и загубите, упорно прибегнуваа или кон предвремени избори или кон владини реконструкции.
Имено, владата на премиерот Димитар Ковачевски беше избрана на 17 јануари, наследувајќи ја Владата на неговиот сопартиец Зоран Заев, кој во декември минатата година поднесе оставка. И понатаму со главни коалициски партнери СДСМ и ДУИ, Владата доби девет нови имиња, додека 11 беа дел од Владата на Заев, во која Ковачевски беше заменик-министер за финансии. Следствено на тоа, но и поради она што го налагаше ситуацијата, Ковачевски тогаш најави дека неговата влада ќе им се посвети пред сѐ на економијата, енергетскиот развој и зголемувањето на вработеноста, како и на напорите за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Што се случува со економијата?

Во моментот кога владата на Ковачевски бара европски пари за да ја надмине кризата, редно е да се потсети на ентузијазмот на пред нешто повеќе од три месеци избраниот премиер.
– Нудиме продолжување и интензивирање на политиките за забрзан економски раст и развој на државата, базиран на континуирани високи стапки на раст, зголемување на домашните и на странските инвестиции и директна поддршка на личната потрошувачка преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите. Ќе сториме сè стапката на инфлација да биде стабилна, како предуслов за одржување на предвидливото и растечко економско окружување и активност, според обезбедениот план за поддршка и зголемување на животниот стандард и куповната моќ на населението… Очекуваме рапидно зголемување на реализацијата на капиталните инвестиции, пред сè во стратегиската инфраструктура во Коридорот 8 и регионалните и локалните инфраструктурни проекти. Планираме на објективна основа, како резултат на владината поддршка, но и како последица на одлуките на економските субјекти, зголемување на нивото на домашни и странски инвестиции – најави, меѓу другото, Ковачевски како мандатар.
Три месеци потоа, по ублажувањето на антикорона-мерките и одредено ослободување на економијата, но и по, за некои очекуваното, а за некои неочекуваното, избивање на војната во Украина и на сите нејзини импакти врз Македонија, прогнозите за очекуваниот економски раст на глобалното ниво, а со тоа и во Македонија, се неповолни. Освен тоа, во Македонија се очекува ребаланс на буџетот, кој, според упатените, нема да биде и единствениот во текот на оваа година. Сето тоа, се разбира, не може да им се припише само на политиките на Владата, но, секако, може да се објасни со нејзината (не)умешност да го антиципира развојот на неповолните настани и навреме да одговори со мерки што барем би ја ублажиле штетата. Економистите убаво го објаснуваат тоа, но оние што решија да глумат „политичари“ како да немаат време или волја да слушаат.
– Прогнозите за намалувањето на очекувањата за глобалниот економски раст ги вклучуваат и очекувањата за поголемото намалување за овој регион, затоа што украинската криза, пред сѐ, ја таргетира Европската Унија, а ние како дел од европскиот континент сме исто така засегнати и веќе забележавме дека и прогнозираниот раст за нашата економија од страна на Светската банка е намален од 3,7 на 2,7 проценти. Сѐ уште овој раст е позитивен, но ова намалување не е за занемарување – објасни во јавноста Благица Петрески од „Фајненс тинк“, која очекува дека корекцијата што Светската банка веќе ја направи, ќе ја следат и другите светски институции, бидејќи, како што вели, веќе се забележуваат одредени надолни ризици и за економијата.
Освен тоа, економистите предупредуваат дека покрај неповолностите предизвикани од војната во Украина, повторно е регистрирано прогресирање на заразата од коронавирусот во Кина и во некои други делови од светот, така што постојат реални ризици од дополнително влошување на состојбата. Притоа, тие потсетуваат и на последното затегнување на монетарната политика со зголемувањето на каматите и за граѓаните и за компаниите од страна на Народната банка, што, според нив, е негативен сигнал за инвестициските планови на компаниите. А она што се добива како информација од теренот е дека реализацијата на капиталните инвестиции поради многубројните, повеќе или помалку оправдани причини, е во застој и покрај речиси неподелените мислења дека токму тие се вистинскиот одговор на секоја криза.
И кога ќе се сумира сето тоа, може да каже оти за економистите и за стопанствениците, повеќето од досега преземените мерки служат само за гаснење пожари, а не за системски, развојни решенија, кои одамна се бараат.

Енергетската политика препуштена на стихија

Исто така во застој или во бавно движење е и енергетската транзиција, која во сегашниве услови претставува само мисловна именка за тие што навреме и реално ја согледаа глобалната ситуација.
– Во 2022 година прв и основен приоритет ќе претставува националниот одговор на енергетската криза. Конечно мора да преземеме суштински, долгорочни и стратегиски мерки за да ја спроведеме енергетската транзиција. За да се случи тоа, имаме план, кој ќе го комуницираме и разработиме со домашната и со меѓународната експертска јавност… – рече тогаш Ковачевски.
Но, и со сиот напор неиздржаноста на ваквите амбиции да се оправда со непредвидливоста на ситуацијата, експертите велат оти многу тешко е да се најде издржано оправдување и за проблемите во производството и снабдувањето со електрична енергија од традиционални извори.
– Сегашнава влада и другите надлежни институции во енергетскиот сектор не реагираа соодветно и при најавите и при почетокот на енергетската криза. Како пример ќе ја спомнам состојбата со ископот на јаглен во РЕК Битола. Наместо зголемени количества на јаглен во депонијата на почетокот на грејната сезона, имаше невообичаено мали количества. Покрај тоа, техничката состојба на блоковите за производство на електрична енергија не беше на ниво за сигурна и непрекината работа, па имаше повремени прекини, а третиот блок е во дефект веќе неколку месеци. Поради тоа, количеството на произведена електрична енергија беше намалено и државата мора да увезува електрична енергија по многу високи цени – објасни во својот напис доставен до медиумите Ристо Цицонков, редовен професор од Машински факултет во Скопје, кој смета дека има огромен простор за работа, но, како што потенцира, не е убеден дека сегашнава државна администрација може успешно да ги води и реализира сите потребни активности поради нестручниот кадар, некомпетентноста поради партиските вработувања, непостоењето на системот на вредности…

Кадровската и административната стапица

А и пошироката јавност веќе подолг период е сведок на упорните кадровски промашувања на клучните позиции во извршната власт и во државните и во јавните служби. Како поинаку да се објасни фактот што речиси сите генерални секретари на Владата, завршуваат во притвор и со кривични пријави. Ковачевски, и покрај сите предупредувања, не ја научи лекцијата од своите претходници и ризикуваше со она што, меѓу другото, го наследи од Заев во ликот и делото на нереализираниот новинар, но политички и кумашински добро позиционираниот Мухамед Зеќири и сосема непотребно си дозволи една голема афера. Слични грешки направи и со многубројните други назначувања на раководните кадри, поради што, токму деновиве, повеќе или помалку забележително се случуваат „смени“ на челните позиции во голем број државни институции, органи, фондови и претпријатија. Разрешувањето на Јани Макрадули од функцијата генерален директор на „Македонски пошти“, со владиното образложение дека тоа е „заради подобрување на состојбите во компанијата и јакнење на капацитетите на менаџментот“, е само уште една потврда за тоа со каква леснотија одредени личности се назначуваат и нафаќаат на високите функции.
Шпекулациите за разрешувањето на директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, што деновиве се вртат во јавноста, пак, укажуваат на уште еден проблем – (не)усогласеноста и (не)координираноста на активностите на политичките партии што партиципираат во Владата.

И борбата против корупцијата подмитена

Разбирливо дека сите веќе наведени проблеми ќе беа помали доколку го немаше општественото зло наречено корупција на кое Ковачевски, како и сите негови претходници, му објави бескомпромисна војна, но заглави веќе на првите барикади.
– Сосема сме свесни дека ефикасна, растечка и продуктивна економија подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и целосно и ефективно владеење на правото и правната држава на сите нивоа. За Владата овие политики се највисок приоритет и примарен фокус, со обврска за видливи резултати и сигнификантни позитивни промени во текот на мандатот – рече тогаш тој, а потоа направи и некои формални чекори, но антикорупционерите се категорични дека ниту една влада не може да се справи со корупцијата, сѐ додека и таа е учесник во неа.
Поранешниот член на Државната комисија за спречување корупција Ариф Муса е еден од тие што сметаат дека и актуелната власт не само што не се бори суштински против корупцијата, туку и самата таа учествува во неа?!
– Ако се гледаат последните случаи токму во генералниот секретаријат на Владата, тоа значи дека политичките партии што го сочинуваат мнозинството се дел од корупцијата – објасни Муса, а тоа го потврдуваат и голем број извештаи на релевантни организации, како и сѐ уште бавните процесирања на случаите поврзани со корупцијата на највисокото ниво.

Наставниците штрајкуваат, синдикалното незадоволство се излева на улица

Но затоа фронтот со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) барем до пишувањето на овие редови беше активен. И додека Владата бараше „избалансирано решение за раст на платите во образованието“, кое штрајкуваше, децата повеќе од една недела не одеа на училиште. Охрабрени од оваа ситуација, протести најавија и од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) и од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Од ССМ ги повикаа сите работници да се приклучат на протестот најавен за Први мај, Меѓународниот ден на трудот, поради неусогласувањето на преостанатите плати со минималната плата, посочувајќи дека повеќе стотици илјади работници во државата се директно засегнати од потребата за зголемување на нивните плати.
– Борбата за достоинствени плати се пренесува на улица, а од сите зависи колку гласно и колку јасно ќе биде упатена пораката дека платата треба да се зголеми веднаш – рекоа од ССМ.
А дека „ќе има пари и за плати и за пензии“ уверуваше Ковачевски како заменик-министер за финансии во ноември додека во Собранието се расправаше за годинашниов буџет.
Како тогаш да се објасни толкаво незадоволство на вообичаено мирните синдикалци?
– Судот на улицата и јавното мислење станаа алтернатива на потрагата по правда во општеството. И тоа не треба да нѐ изненадува кога само осум проценти од населението во Македонија имаат доверба во судовите – одговара универзитетски професор Звонимир Јанкулоски во неговата колумна.

И „разбудените духови од минатото“ ја вознемирија Владата

Конечно и во однос на за многумина најболната тема, преговорите со Бугарија и продолжување на евроинтегративниот пат на Македонија, се покажа оти премиерот беше преголем оптимист при стапувањето на функцијата.
– Очекуваме, низ директен, транспарентен и инклузивен дијалог, да ги надминеме предизвиците за формален и институционален почеток на преговори за полноправно членство во Европската Унија, со зачувување на нашиот национален и државен идентитет и засебност – кажа тогаш Ковачевски.
Три месеци потоа, не само опозицијата туку и некои од партнерите во владината коалиција тврдат дека не биле консултирани за ниту едно прашање поврзано со Бугарија откако Димитар Ковачевски е премиер.
Демократски сојуз на Павле Трајанов, кој е дел од владината коалиција, наведувајќи ги последните скандалозни случувања поврзани со спорот со Бугарија во своето соопштение од пред некој ден, констатира оти сето тоа се „факти што сугерираат темелно преиспитување на стратегијата на Македонија за полноправно членство во ЕУ (ако воопшто ја имаме), која е очигледно погрешна, како и тајните разговори што се водат со Бугарија за деблокада на овие процеси.“
Ковачевски пак, како во меѓувреме сѐ да течело мазно, заклучи дека „со последната посета на бугарската делегација во Битола се разбудија духовите од минатото“, а на прославата на 31-от роденден на СДСМ, во средата, најави дека ќе продолжи да бара решение со Бугарија, но и ќе го чува националното достоинство.
– Одовде, пред сите вас, на нашиот роденден, како претседател на СДСМ, ви велам, повторно ќе успееме – вети тој.
Но политичките аналитичари не се толку убедени дека ќе има успех во преговорите со Бугарија, барем не наскоро и особено по последните настани.
– Јас одамна велам дека не сум оптимист дека воопшто ќе се постигне некаков договор. Со ова само се засилува тоа чувство дека всушност сме многу далеку од решение – оцени извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски.


Премиерот и понатаму е оптимист, но уште подобро е ако оптимизмот се преточи во мерливи резултати

А како, по сето тоа, самиот премиер Димитар Ковачевски го оценува работењето на својата влада можеше да се слушне од неговото обраќање на прославата на 31-от роденден на СДСМ во средата вечер.
– Не се изминати ниту 100 дена откако ја презедов одговорноста да ја водам актуелната влада, предводена од СДСМ. За само 90 дена, во време на најголема економска и енергетска криза, успеавме: да ја стабилизираме цената на струјата, со помош на субвенционирање на сметките на граѓаните и да имаме најниска цена на енергијата во регионот; ја покачивме минималната плата, двојно повеќе од времето на ВМРО-ДПМНЕ, на 18.000 денари; ги покачивме рекордно пензиите и воведовме дополнителна помош за секој пензионер; донесовме 26 мерки вредни 400 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и компаниите; спречивме силен ценовен шок, цените ги одржуваме стабилни; финансиски ги поддржавме најранливите категории на граѓани, 35 илјади наши најранливи категории на сограѓани примаат дополнителна месечна помош; нема застој во снабдувањата со храна, со гориво, гас, греење, кога гледаме што сѐ се случува околу нас и разговараме за нови покачувања на платите, во образованието, но и во други сектори. Република Северна Македонија ќе ги продолжи реформите во сите области, со кои ќе ја подготвиме земјава за полноправно членство во Унијата… – наведе, меѓу другото, тој.      Д .М.М.