Фото: „Нова Македонија“

Како прв предизвик за политичките субјекти што имаат намера да излезат на изборите, и на претседателските и на парламентарните, се наметнува прашањето за уставните измени, како оставено „наследство“ од т.н. француски предлог од изминатиот период. За тој предизвик, граѓаните со исклучително префинет осет знаеја што значи и така и реагираа. Што се однесува на политичките партии и државните институции, какофонијата беше голема. Сега, во пресрет на изборите, од она што може да се забележи од досега претставените изборни програми, навидум уставните измени не се во главниот програмски фокус на партиите. Но се чини и дека габаритот на предизвикот на уставни измени наметна товар под кој е неопходно партиите и кандидатите за претседател да излезат со посилни и прецизно формулирани ставови пред граѓаните

УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ – ВАЖНА „СПОРЕДНА ТЕМА“ ВО ПРЕДИЗБОРНИТЕ ПРОГРАМИ НА ПАРТИИТЕ

Повеќе или помалку, веќе се отвораат картите, односно изборните програми на партиите што имаат сериозни намери за учество на претстојните парламентарни избори во Македонија, кои би требало да бидат и соодветно комплементарни со политичката понуда на нивните кандидати за избор на претседател. Имено, во сите предизборни анализи се проценува дека совпаѓањето на двата изборни процеси на 8 мај, освен за постигнување цензус во вториот круг на претседателските избори, треба да се одрази и на заедничкиот резултатски исход за претседателските кандидати и партиите што ги предлагаат.
Како прв предизвик за политичките субјекти што имаат намера да излезат на изборите, и на претседателските и на парламентарните, се наметнува прашањето за уставните измени, како оставено „наследство“ од т.н. француски предлог од изминатиот период. За тој предизвик, граѓаните со исклучително префинет осет знаеја што значи и така и реагираа. Што се однесува на политичките партии и државните институции, какофонијата беше голема. Сега, во пресрет на изборите, од она што може да се забележи од досега претставените изборни програми, навидум уставните измени не се во главниот програмски фокус на партиите. Но се чини и дека габаритот на предизвикот на уставни измени наметна товар под кој е неопходно партиите и кандидатите за претседател да излезат со посилни и прецизно формулирани ставови пред граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ: Одложена примена на уставните измени

Во програмата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, „Платформа 1.198“, се чини дека доминантни се прашањата за реформите на институциите, како и економски и социјални проекти, но во дебатата за програмското претставување сепак беше истакнато дека – полноправното членство во ЕУ е основниот приоритет на надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ, но беше повторено и дека ставот на партијата за спорот со Бугарија е јасен, а тоа е дека нема да има уставни измени во постојните политички услови.
– Без никаков сомнеж, одложената примена на уставните измени е една легитимна алтернатива што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ. Истовремено, од наша страна ќе се бараат гаранции од ЕУ за македонскиот идентитет и јазик, но и гаранција дека веќе нема да имаме билатерализација на европската интеграција на нашата држава – рече Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, една работа што ќе ја прави идната влада е Македонија да биде држава што ќе биде силно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а како клучен приоритет го спомна и „негувањето на стратегиското партнерство со САД“.

За СДСМ уставните измени се апсолвирана работа и врз таква премиса ја темелат цела партиска програма

Сѐ уште актуелната владејачка партија, СДСМ, која всушност е и политички креатор и спонзор во Македонија за спроведување на условите од францускиот предлог, во своите десетина точки како програмска определба за претстојните избори се чини дека веќе оперира со ситуации како да се спроведени уставните измени и активно започнат преговарачкиот процес со ЕУ. Во програмата на СДСМ зачестено се оперира со синтагмата „европска иднина“.
– Ако во изминатите седум години покажавме дека СДСМ ги исполнува ветувањата и дека работи за доброто на сите, сега уште поодлучно одиме понатаму, заедно да ја градиме европската иднина на земјата – се наведува во соопштението, во кое се тврди дека, со новата програма, СДСМ го објавува планот за европска иднина за сите граѓани.
Во завршните точки на програмската определба на СДСМ се оперира со завршување на преговорите до 2028 година и полноправно членство во ЕУ до 2030 година, а како реална извесност се ветуваат и повеќе фондови за македонската економија.
– Повеќе фондови за македонската економија. Со отворање на поглавјата ќе обезбедиме дополнителни фондови за посилна македонска економија и за повеќе знаења и стручност. Вложуваме повеќе домашни и европски фондови за градење инфраструктура, за реновирања јавни објекти, за модернизирање на училиштата, за обуки за наставниците и младите. Уште повеќе фондови за обука и практика за подготовка на младите за добро платени работни места по стандарди на ЕУ – се наведува во деветтата програмска точка на СДСМ, за финално да поентира со ветување за „завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година“.

Албанскиот политички кампус со мегалонационални аспирации за промена на Уставот и промена на карактерот на Македонија

„Европскиот услов“ за отворање на Уставот (Бугарите во Уставот во пакет со познатите политичко-амбициозни барања на Албанците…), ги „инспирира“ политичките субјекти од албанскиот блок да ги додадат и своите барања. И покрај процесот на групирање на албанските партии во два политички спротивставени блока, се чини дека програмските идеи и цели што (си) ги поставуваат не се разликуваат нималку суштински. Условот од францускиот предлог за внесување на Бугарите во македонскиот устав, двете коалициски опции од албанскиот блок го искористија да ги додадат и своите услови за „постизборно коалицирање“: избор на претседател на државата во Собранието, воведување функција потпретседател (една функција да им биде етнички загарантирана), како и албанскиот јазик да биде уставно службен јазик на целата територија на државата?!
Кандидатот за претседател на опозициските партии на етничките Албанци, Арбен Таравари, осврнувајќи се на ситуации по изборите, односно формирање на идната влада, во неколку наврати нагласува дека единствен услов коалицијата „Вреди“ да биде дел од новата влада се уставните измени, односно членството на земјата во ЕУ.
– Ние сме пред важен момент за нашата иднина и мора да го искористиме ова – рече Таравари.
Конкурентот на Таравари од албанскиот политички блок, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи и претседателски кандидат од редовите на ДУИ најавува дека меѓу темите на неговата кампања ќе бидат и уставните измени заради регистрирање на Бугарите. Како еден од главните носители на проектот на францускиот предлог, Османи смета дека без отворање на поглавјата од преговарачката рамка, земјата не може да оствари сериозен чекор во процесот на евроинтеграциите. Османи исто така најавува дека во неговата кампања тема ќе биде и изборот на претседател на државата во Собранието.
Забележливо е дека во досегашното претставување на програмските цели на другите тројца претседателски кандидати и на партиите што ги предлагаат, од македонскиот блок, изразени се несогласувањето и неприфаќањето на уставните измени и како услов за почеток на преговорите со ЕУ, т.е. нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот устав, но и на „додадените услови“ од албанскиот политички блок на партии.