Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ уште на почетокот од собраниската седница на која треба да се расправа за францускиот предлог, го искина документот. Според неа, македонскиот народ не дал и нема да даде легитимитет на овој предлог. Таа побара пауза за владејачкото мнозинство да има можност да се предомисли и да го врати францускиот предлог кај Владата.
– Ниту еден документ нема да има легитимитет и важност додека не го добие најбитниот потпис и печат, а тоа е потписот и печатот на македонскиот народ. Зборувајте колку сакате дека сте со ЕУ вредности, јас ќе ви кажам дека овој документ не е тој за кој ќе расправаме. Овој звук на кинење ќе ви ги пара ушите што ги немате. Поради тие причини, ќе се повикам на пауза, која можеби ќе ве предомисли за овој документ да го вратите во Владата, а не Владата да ви го подметнува, а вие да давате изим на вакво предавство – рече Стојаноска.
Претседателот на Собранието Талат Џафери оцени дека ова е најдемократската можност што може да се случи во законодавниот дом и додаде дека пратеничката бара пауза по погрешен член од Деловникот, но сепак даде едночасовна пауза по која треба да продолжи разгледувањето на единствената точка на дневен ред.
– Ќе добиете еден час пауза, се надевам не сте се умориле – додаде Џафери.