Станува збор за настан на приватен имот и тоа сигурно подлежи на одредени законски решенија, оти доколку станува збор за општествен имот, одобрение би требало да даде општината, но таа немала информации за тоа. Она што ние го имаме денес како општество воопшто не ги прави релевантни таквите мапи, бидејќи по 2001 година, по влегувањето во НАТО, ние во нашата држава имаме други мапи што се релевантни, а тоа е мапата на земјите членки на НАТО и, со почнувањето на преговорите со ЕУ, мапата што ние ќе ја имаме, а се надевам сите други земји од Западен Балкан, е мапата на обединета Европа. И тоа е единственото нешто што треба да го обединува целиот Балкан, реагираше во јавноста премиерот Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски со смирувачки тонови во јавноста по острите реакции за отворањето на музејот на УЧК во Сопот, Кумановско

Ставањето карти на голема Албанија е најмалку 145 години задоцнето и нерелевантно. По влегувањето во НАТО, за нашата држава се релевантни мапите на земји членки на НАТО и на обединета Европа со почнувањето на преговорите со ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со отворањето викендов на музејот на УЧК во Сопот, Кумановско, во кој е изложена и карта на голема Албанија.
Според Ковачевски, такви слични карти има секоја држава на Балканот.
– Она што е карактеристично за овој случај, од она што го имам како информација, е дека станува збор за приватен имот, каде што е направен тој настан, и тоа сигурно подлежи на одредени законски решенија, оти доколку станува збор за општествен имот, одобрение би требало да даде општината, но таа немала информации за тоа. Она што ние го имаме денес како општество воопшто не ги прави релевантни таквите мапи, бидејќи по 2001 година, по влегувањето во НАТО, ние во нашата држава имаме други мапи што се релевантни, а тоа е мапата на земјите членки на НАТО и, со почнувањето на преговорите со ЕУ, мапата што ќе ја имаме ние, а се надевам сите други земји од Западен Балкан, е мапата на обединета Европа. И тоа е единственото нешто што треба да го обединува целиот Балкан. Сето друго е, кажувам уште еднаш, 145 години задоцнето – рече вчера Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Постои ли извршено дело „загрозување на уставниот поредок на државата“?

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, викендов, во кумановското село Сопот го отвори меморијалниот центар на УЧК, пред чиј влез е поставена мермерна плоча со картата на голема Албанија, што предизвика бурни реакции во јавноста дека ова се веќе сосема отворени изјави што зборуваат каква е целта на Албанците во поглед на националната големоалбанска идеја. Експертската јавност веќе жестоко реагираше дека пораките што ги испрати Ахмети под иконографијата на голема Албанија, всушност, претставуваат загрозување на уставниот поредок на државата! Исто така во јавноста беа пренесени реакции на правни експерти дека „со тоа се искажани територијални аспирации и сецесионистички цели, при што за истото тоа треба да реагира јавниот обвинител“, бидејќи, според нив, ова е „загрозување на уставниот поредок на државата“, казниво според кривичниот законик!
И покрај смирувачките тонови на македонскиот премиер искажани вчера, факт е дека останува горчливиот вкус во јавноста дека „кога е нешто вака кажано, кога се споменуваат некакви господари и државотворци, тогаш тоа е загрижувачко бидејќи станува збор за отворени изјави и претензии за редефинирање на македонската држава“.

Кога јавноста реагира логично и објективно, веднаш е обвинета
за албанофобија

Кога на изјавите како што е последната на Али Ахмети во селото Сопот реагира македонската јавност, веднаш е обвинета дека шири говор на омраза.
– Нè нарекуваат македонски националисти и со уште многу други епитети. А тоа што тие сега го прават не само што е национализам туку би го нарекол и супранационализам.
Ахмети не може да зборува за државотворност на Албанците во Македонија од 1944 година, бидејќи тогаш тие беа на страната на нацифашистичката коалиција. Се знае како функционираше тогаш таа голема Албанија, кога под знамето на истата таа голема држава и како соработници на фашистите окупираа и пустошеа делови на западна Македонија, истите оние што сега ги гледаме во тие спорни карти и иконографии – потенцира Чепреганов.
Неговото мислење е дека намерно се работи на уништување на македонскиот државотворен супстрат за да се изгради некаква поинаква нарација, која веќе отворено се искажува.
– Со сето ова што ни се случува во последно време, македонскиот државотворен супстрат се губи. Тоа од ден на ден станува сè повеќе очигледно. Она што беше држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во неа, повеќе не важи. Полека Македонците го губат државотворниот елемент во формирањето на државата – заклучува Чепреганов. П.Р.