Во светските медиуми повторно беше актуализирана фразата „безгласни европски лидери“ за опис на заедничкиот настап на таканаречената европска Коалиција на подготвените во Вашингтон. Фразата укажува на недостиг од силно обединето лидерство во Европа, особено како одговор на глобалните настани како што е војната во Украина или потенцијалните промени во политиката од САД
Во Вашингтон излегоа на виделина политичката немоќ и дисфункционалноста на европската либерална елита
Европските лидери со високо сервилен однос наспрема Доналд Трамп, откако конечно дочекаа да бидат вклучени во мировните преговори за Украина, во Вашингтон го слушнаа американскиот претседател како нагласува оти безбедносните гаранции за Украина ќе бидат обезбедени од европските држави во координација со САД. Токму затоа во светските медиуми повторно беше актуализирана фразата „безгласни европски лидери“ за опис на заедничкиот настап на таканаречената европска Коалиција на подготвените во Вашингтон. Фразата укажува на недостиг од принципиелно лидерство во Европа, како одговор на глобалните настани (како што е војната во Украина или потенцијалните промени во политиката од САД), но и принципиелно лидерство кога се однесува на внатрешните прашања и предизвици на ЕУ, вклучително и тешката непринципиелност на политиките на проширувањето и перспективите на ЕУ. Повеќе од очигледно е дека тоа се должи на повеќе фактори, вклучувајќи ја најпрвин дисфункционалноста на идеолошката матрица на либералите, која е во длабока депресија. Второ, дисфункционалноста на ЕУ се должи и на ослабеното лидерство во клучните земји како Франција и Германија, намалената улога на Велика Британија по брегзит и општото чувство на неединство меѓу европските нации за натамошните движења и европски перспективи.
– Европа очајнички се обидува да влијае врз Трамп, но се чувствува длабоко немоќна. Критично е што Европа нема стратешки план, го загубила политичкиот компас во сите сфери, кои имаа традиција во изворните вредности и темели при создавањето на европската заедница: демократија, меѓународно право, ред, поредок, заеднички просперитет… Она што сега го води како политика Брисел е тоа што се потпира исклучиво на вооружување на Украина за да ја продолжи војната како единствено средство за свое факторизирање. Европа треба да се разбуди и да сфати дека нејзината улога ќе станува сè помаргинална со администрацијата на Трамп за Америка – велат експерти упатени во глобалната политика.
Толкаво количество полтронство кај Европејците беше грдо да се гледа
Останува да се види што ќе сторат Европејците следно, додека на виделина излегуваат сите нивни слабости.
– Забележливо беше дека ЕУ, па ниту НАТО немаат лидер. Дали комплетниот Запад построен пред Трамп потпишува капитулација и ја моли Русија да ја прекине војната? На средбата Европејците се трудеа да му ласкаат на Трамп, да му угодат, а особено Зеленски, кој повеќепати гласно му се заблагодаруваше на американскиот претседател. Убаво е што ќе се запре војната, но толкаво количество полтронство беше грдо да се гледа, особено од Руте, коментираат аналитичари од Европа, наши соговорници.
– Во Европа не сакаат да видат дека зад едната опција веќе стојат многу силни земји како што се Кина и Индија… потоа економскиот сојуз БРИКС… повеќе од половина Африка… Што е ЕУ за нив? Џуџе! Ќе видиме што ќе смислат сега Европејците, од кои можат да се очекуваат провокации. Од друга страна, Русите напредуваат на фронтот и веројатно сакаат да си го обезбедат Херсон. Најпогоден од ваквата состојба беше финскиот претседател Александар Стуб, затоа што неговата држава дели граница од илјада километри со Русија. Најголема грешка на Европејците е што во безбедносните гаранции се повикуваа на членот 5 од Вашингтонската спогодба, но таа важи за членки на НАТО, а членство не е опција за Украина. Најверојатно ќе се избегне варијантата според која Зеленски предава територии со терминот „трампа на територии“ (Трамп е за трампа на територии како мирно решение – н.з.) што би бил можен наслов на мировното решение – истакнуваат политички коментатори што ја следат ситуацијата со преговорите за Украина.
Се очекува претставници од таканаречената Коалиција на подготвените да се состанат неделава за да се започне со утврдување на деталите за безбедносните гаранции што поддржувачите на Украина можат да ги обезбедат. Американскиот државен секретар Марко Рубио, пак, ги предводи целокупните напори за координација на безбедносните гаранции за подготовка на трилатерална средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски, рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува „Политико“ повикувајќи се на германски извор запознаен со преговорите. Р.С.