Сите спорни точки поради кои македонскиот премиер Димитар Ковачевски неодамна го одби францускиот предлог се отстранети, така што модифицираниот предлог што вчера до македонската Влада го достави француското претседателство со ЕУ нуди добра шанса за остварување на нашите европски цели, брифираат владини извори.
Според нив, станува збор за клучен момент во кој се одлучува дали земјата ќе продолжи по патот што го трасирала уште во времето на прогласувањето на независноста, или, пак, ќе продолжи да талка по Балканот и да се занимава со работи кои се неразбирливи за младите генерации.
– Со ладни глави, одговорно да ја поведеме државата на вистинскиот пат и да направиме исчекор. Од тој пат нема отстапување ни лево, ни десно и сега е време да донесеме одлука – порача премиерот Ковачевски на денешниот брифинг со новинарите.
Измените во новиот европски предлог во однос на претходната верзија се однесуваат на тоа што е прифатено македонското барање во преговарачката рамка да не се внесува протоколот што произлегува од член 12 од билатералниот Договор со добрососедство со Бугарија и спроведувањето на обврските што произлегуваат од него, односно во преговарачката рамка не се вклучени историските прашања.
Втората измена се однесува на тајмингот на почетокот на преговорите. Со првиот предлог се предвидуваше со негово прифаќање формално да се одржи првата меѓувладина конференција, но дури откако ќе го промениме Уставот за „вклучување на Бугарите“, да се одржи втора меѓувладина конференција и тогаш да започнат преговорите со сите предвидени процеси. Со новиот предлог, преговорите почнуваат со одржувањето на првата меѓувладина конференција кога ќе стартува и процесот на скрининг и во кој период треба да извршиме промена на Уставот со која во Преамбулата и во Амандманот 12, во делот каде покрај македонскиот народ се наведени припадниците на останатите народи што живеат во земјава би се додале и Хрватите, Црногорците и Бугарите. Со завршување на овие процеси по автоматизам ќе се одржи втората меѓувладина конференција и почнуваат преговорите по кластери.
Владините извори уште посочуваат дека најголем проблем во преговорите со Бугарија било прашањето за јазикот, односно бугарското одбивање да прифатат чиста формулација за македонскиот јазик. Во рамката се наведува и дека таа ќе биде преведена на македонски јазик, без никакви додавки, дообјаснувања или фусноти, туку само е оставен простор во записникот од заседанието на Советот на ЕУ, на која ќе биде усвоена рамката, Бугарија да внесе унилатерални изјави во кое би го објаснила својот став за јазикот, но таа не станува дел од преговарачката рамка. Исто такво право да додаде унилатерална изјава во записникот по ова прашање има и Македонија. Потврда за ова ќе биде потпишувањето на договорот за Фронтекс што треба да се случи во следниот период, а кој Бугарија досега го блокираше токму поради непризнавањето на македонскиот јазик.
Околу внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, владините извори наведуваат дека тоа е во согласност со копенхашките критериуми за малцински права, така што тоа би се случило откако ќе заврши скрининг-процесот, кој би можел да трае година до година и половина.
– Во Уставот каде стои за македонскиот народ и за делови од другите народи, ќе се додадат Хрватите, Црногорците и Бугарите – наведуваат изворите.
Во делот на добрососедски односи решението е компромисно и се однесува на Договорот за добрососедство и годишните прегледи. Прегледите се извештај на работата на двете влади на годишно ниво.
Став на Владата е дека околу европскиот предлог, како што тие го именуваат, потребен е широк консензус и за таа цел веќе е започната поширока дебата со политичките партии, медиумите, невладиниот сектор, стручната фела и останатите општествени чинители. Иако, Владата може сама да донесе одлука по однос на предлогот, сепак ќе биде побарано мислење и од Собранието, кое самото треба да реши дали тоа ќе го стори на пленарна седница или за документот ќе се произнесат надлежните собраниски комисии. Земјава нема временски рок до кога треба да даде одговор и од нас зависи дали ќе го почнеме нашиот пат за неколку дена или недели или ќе одолговлекуваме, како што беше посочено. С.Т.