И Русија и Украина се обидоа да дадат сопствено видување за воената акција и за случувањата на теренот. Практично, со ова почна и отворената медиумска специјална војна меѓу Москва и Киев
Откако вчера рускиот претседател Владимир Путин го објави почетокот на специјална воена операција во регионот Донбас во источна Украина започна и специјалната медиумска војна меѓу двете спротивставени страни.
Вообичаено, и Русија и Украина се обидоа да дадат сопствено видување за воената акција и за случувањата на теренот. Главно, информациите што беа пласирани во текот на вчерашниот ден се разликуваа околу причините за ескалацијата на спорот меѓу Русија и Украина, за што и двете страни имаат сопствено објаснување.
Во Украина е започната специјална воена операција во Донбас и тие настани не можат да се наречат војна – изјави постојаниот руски претставник во ОН, Василиј Небензја, за време на итната седница на Советот за безбедност на ОН.
Претходно, неговиот украинскиот колега Сергеј Кислица, го повика да побара од Кремљ, како што рече, „да ја запре агресијата“ врз Украина.
Различни погледи на еден ист настан имаше и околу целите на нападот на руската армија, од каде што изјавија дека „биле нападнати воени цели“, додека од украинска страна беше соопштено дека биле гранатирани и домови на граѓани. Двете страни пласираат различни податоци за бројот на воени и цивилни жртви.
Со ескалацијата на состојбата во Украина ќе продолжи и специјалното војување на кое ќе бидат изложени и граѓаните од другите земји, а меѓу нив е и Македонија, поради што се поставува и прашањето за тоа како да се однесуваат медиумите при пренесувањето вести од руско-украинскиот фронт.
Професорот по безбедност Златко Димовски, кој подолго време ги следи методите на хибридно војување во светот, предупредува дека во недостиг од навремени и изворни информации во наредниот период граѓаните во Македонија ќе бидат изложени на наменски и фабрикувани информации, а специјалната медиумска војна ќе биде еднакво практикувана од двете спротивставени страни.
– Украина, која во овој момент се смета како нападната, ќе се обиде да ја претстави сликата посложена и ќе прикажува повеќе човечки и материјални загуби, за да ја придобие поддршката од меѓународната заедница. Русија, исто така, ќе се обиде преку медиумите да ја оправда својата операција во Украина. Тоа што треба да го направиме како медиуми и како држава, во недостиг од релевантни информации, е да користиме само вести од релевантни агенции. Но и тука треба да бидеме внимателни, зашто да не заборавиме дека Украина последните години и самата беше изложена и користена за хибридни начини на дејствување од големите центри од Западот и Москва. Тоа што можеме да го направиме е да бидеме пасивни набљудувачи и медиумите и граѓаните да не се „залетуваат“ на секоја информација. Потребно е вестите да ги примаме без емоции, а истото тоа да го прават и нашите политичари, кои би требало да се воздржуваат од давање сопствени ставови за руско-украинската криза, зашто секоја информација се следи и може да предизвика и економски и политички последици за нашата земја. Најдобро е медиумите и институциите да се информираат преку нашите дипломатски претставништва – ни изјави Димовски.
Прашањето за тоа колку граѓаните во Македонија се изложени на специјалната медиумска војна што се води меѓу Русија и Украина околу претставување на сопствената вистина, преку медиумите и социјалните мрежи, треба да се разгледува од два аспекта, смета експертот за социјални медиуми Бојан Кордалов.
– Прво, геостратегиската позиција на Македонија генерално, особено сега, откако сме земја-членка на НАТО. Оттука, јасно е дека како земја учествуваме во носењето, а со тоа и во спроведувањето на заедничките одлуки по однос на ситуацијата во Украина што се и ќе бидат носени од страна на Алијансата. Оваа комуникација јасно треба да се позиционира и отворено да им се каже на граѓаните, бидејќи ова ќе биде прв наш случај во новата позиција. Втората работа се перцепцијата и ставовите на секој граѓанин или граѓанка по однос на овој конфликт. Имено, во ера на слободен проток на информации, главно преку интернет-технологиите, тешко е да се помисли дека кој било субјект ќе оствари монопол над вистината. Оттука, секоја индивидуа треба да изгради сопствен став и уверување во која од „вистините“ верува, односно на чија страна на аргументите ќе се определи. Секако, должни сме и да потсетиме дека демократијата подразбира и да изберете позиција на индиферентност, односно незаземање страна – нагласува Кордалов.
Инаку, според нашиот соговорник, што се однесува до специјалните медиумски војни, со самото тоа што спаѓаат во поткатегоријата на „војни“, станува јасно дека со нив треба да се занимаваат официјалните безбедносни структури. Тоа значи дека должност на македонските институции задолжени во овој дел, но и на пошироките безбедносни НАТО-структури со кои соработуваме, е да ги искористат сите механизми што се на располагање за цел спречување каков било тип на специјална медиумска војна од каде и да доаѓа.
Тест и за професионалноста на медиумите
– Во војна, прва жртва е вистината! И тоа не треба да го заборават новинарите кога известуваат за актуелната воена состојба во и околу Украина, колку и да звучи како клише. Известувањето на медиумите во Македонија за ова прашање се заснова врз преземање информации од големите светски медиуми, бидејќи тие самите немаат ниту сила ниту моќ да испратат свои екипи во Украина. Оваа војна се води во дигитална доба во која, како новинари, доколку доволно не ги проверувате информациите, колку што е тоа возможно, лесно можете да подлегнете на манипулации од многу страни. Но, сепак, ова е и шанса медиумите и новинарите да ја демонстрираат моќта на доброто новинарство и да ја оправдаат довербата во него, преку доследна примена на професионалните и на етичките стандарди, обезбедувајќи плурализам на мислења и ставови и водејќи се исклучиво од јавниот интерес – ни изјави Биљана Петковска од МИМ, за тоа како треба да се однесуваат медиумите и социјалните мрежи во новата војна во Европа.
М.Ј.