Фото: Игор Бансколиев

Синхронизирање на релациите на Македонската православна црква-ОА со Српската православна црква по отворените прашања
На Светиот архијерејски собор на Српската православна црква, кој се одржа од 14 до 20 мај 2023 година, во храмот „Св. Сава“ во Белград, меѓу другото, особено внимание ѝ беше посветено на темата на конечното решавање на канонскиот статус на архијереите на Православната охридска архиепископија (ПОА), во светлина на минатогодишната одлука на Светиот архијерејски синод за враќање во канонски статус и воспоставување литургиско единство – и последователната одлука за доделување томос за автокефалија на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, се наведува во соопштението на СПЦ.

– На годинашното заседание на Светиот архијерејски собор посебно внимание е посветено на темата за конечно решавање на канонскиот статус на архијереите на Православната охридска архиепископија во светло на минатогодишната одлука на Светиот архијерејски собор за враќање во канонски статус и воспоставување литургиско единство и последичната одлука за доделување томос за автокефалност на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. За таа цел, Соборот на СПЦ ја донесе одлуката за доделување канонски отпуст на јерархијата на оваа автономна црква од страна на Српската православна црква и нејзино интегрирање во Синодот на Македонската православна црква во согласност со свештените канони и уставите на двете помесни цркви , МПЦ-ОА и СПЦ, како и со претходно постигнатиот договор на синодите на сите три црковни структури. Тоа се наведува во соопштението на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква по редовното заседание, кое се затвори викендов во храмот „Св. Сава“ во Белград.
Наредните денови, пак, треба да следува седница на Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, која формално ќе ја прифати и потврди одлуката на СПЦ, која претходно заемно беше синхронизирана, а потоа и официјално ПОА на Вранишковски ќе биде дел од МПЦ-ОА. На седницата минатиот месец станало збор и за поделба на епархиите без да се откриваат детали поради, како што тогаш рече владиката Тимотеј, потребата да се усогласат со СПЦ.
За издвојување е фактот што во своето официјално соопштение, Светиот архијерејски собор на Српската православна црква го користеше полното име на нашата црква, Македонска православна црква-Охридска архиепископија.

С.Т.