Фото: МВР

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека обвинувањата меѓу шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми штетно влијаат врз доверба во институциите.

– Ова предизвикува штета на граѓаните заради тоа што вербата во институциите се губи и секој кој носи било каква функција, мора да носи одговорност – етичка, морална…. Не може да се дозволи да се растурат институции од било кого и за тоа треба цврсто да застане секој, заради тоа што ако се изгуби вербата во институциите, тогаш е најголемиот проблем. Така што мора да се размислиме зошто институциите, обвинителство, судство имаат осум отсто доверба. Не верувам дека ова е начинот на којшто ќе ја зголемуваме довербата – изјави вечерва Спасовски во емисијата „Жешко политичко лето“ на телевизија „Канал 5“.

Обвинувањата меѓу Русковска и Муареми траат извесен период, а Русковска ги повика надлежните институции во државата и меѓународните институции и амбасади „да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“. Нејзината реакција уследи откако директорот на Финансиската полиција најави дека ќе поднесе кривична пријава против неа и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Од Европската комисија во изјава за МИА порачаа дека внимателно ги следат сите случувања со меѓусебните јавни обвинувања меѓу Русковска и Муареми и дека ова прашање треба да го решат надлежните институции.


Спасовски: Нема опасност од немири при промена на Уставот, преку дебата да ги соочиме ставовите

Рано е уште сега да оцениме како би се одвивала политичката ситуација во моментот кога ќе се одвива дебатата за уставните измени, но нема простор за никакви тензии заради тоа што само преку политичката дебата можеме да ги соочиме ставовите, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Северна Македонија нема алтернатива освен патот кон ЕУ и затоа треба сите политички субјекти, сите граѓани да направиме се за да успееме на патот на ЕУ и европските вредности да станат дел од начинот на нашето живеење, рече Спасовски во гостувањето во емисијата „Жешко политичко лето“ на телевизија „Канал 5“ запрашан дали се можни немири при дебатата за уставните измени кои се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција со ЕУ, со оглед на немирите кои се случија пред Собранието при гласањето на францускиот предлог.

Според него, владејачкото мнозинство никогаш досега немало двотретинско мнозинство за повеќе уставни измени, но очекува во отворена дебата да преовлада мислењето кое претставува интерес на државата.

– Никогаш досега владејачкото мнозинство немало двотретинско мнозинство за повеќе уставни измени. Затоа е Парламентот, затоа е домот на демократијата тука за да се отворат тие дебати, да се изнесат аргументи и на основа на аргументите да се носат и одлуките и треба да кажеме зошто сметаме дека е добро да влезат и Бугарите и Црногорците и Хрватите и Евреите во Уставот. Да ги чуеме и аргументите зошто тие не би требале да се внесат во Уставот. Тоа е легитимна дебата. На крајот да преовлада мислењето кое претставува интерес на државата – вели министерот Спасовски.