Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шпекулација е дека се следат разговори на сите, се следат само оние за кои има судска наредба, одговори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прашањето од пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Игор Јанушев на денешната собраниска седница за пратенички прашања, во врска со набавката на новата опрема за следење на комуникациите. Спасовски е дециден дека набавката не е на МВР.

– За сите прашања кои сте ги поставиле до МВР испратен е писмен одговор и за едното и за второто. Сето друго е класифициран податок. Тоа не е моја набавка, за да се прават вакви набавки има надлежни институции, тоа не е набавка на МВР. Единствено нешто што е целосна шпекулација и лага е тоа дека некој може да ги следи сите, следењето за сите беше до 2017-та година кога следевте 20 и кусур илјади луѓе, кога милион и кусур разговори завршија во јавност – кажа Спасовски.

За јавноста, како што рече, следењето во овој момент е само врз основа на судски нареди и ништо повеќе, за оние за кои имаат индиции дека учествуваат во кривични дела и за нив се добива судска наредба и се следат.

– Ова е само заради јавноста не за вас да не ги плашите луѓето, помина времето во кое сите викавме не смееме д разговараме заради тоа што се следи – потенцира Спасовски и дополни дека тоа време завршило во 2017-та година кога биле следени над 20 илјади граѓани и над милион разговори.

Јанушев го праша Спасовски, дали МВР има издадено одобрение за набавка на новата опрема за следење на комуникациите, затоа што, како што рече, ова е од особена важност затоа што има сериозни индиции дека сте запознаени си предметот на набавката, сте имале увид во техничката спецификација, а наводно, подвлече, сте биле и лично брифиран на состанок.

– Веројатно мислите за набавката којашто треба да ја прави Оперативно техничката агенција не МВР. Ако мислите за таква набавка преземени дејствија итн., имате комплетно доставена документација до Комисијата за сите прашања, вклучително и за овие коишто сега ги поставувате. Од моја страна имате доставено писмени одговори до Комисијата и тие ги знаете. Ова е класифицирана информација и повеќе информации не може да се изнесат – истакна министерот Спасовски.

Јанушев не беше задоволен од одговорот затоа што, како што рече меѓу другото, министерот треба да го следи членот 20, со кој може да се декласифицира некоја информација ако е утврдено незаконско постапување.