Многу позагрижувачки е што со ваквиот игнорантски однос на актуелните власти кон препораките на Комитетот за човекови права при Советот на Европа (СЕ), всушност, работат спротивно на интересите на државата, бидејќи ја доведуваат во позиција и таа да биде обвинета дека се оглушува на препораките на Комитетот за човекови права, во момент кога и самата го вперува прстот во Бугарија пред СЕ токму за непочитување на препораките околу спроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права во полза на македонското малцинство
За техничкиот премиер дописот од Советот на Европа за реактуализирање на хашките случаи е завршен случај?!
Преодната влада засега нема намера да ги спроведува препораките на Комитетот за човекови права на Советот на Европа во врска со четирите хашки случаи, без оглед што пред еден месец прими допис во кој Европа инсистира „да се преземат конкретни чекори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување“.
Комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, го испратила писмото до Владата кон средината на минатиот месец, адресирано до тогашниот премиер Димитар Ковачевски, но досега Владата официјално не се изјасни дали ќе ги спроведе препораките на Советот на Европа.
Неодамна својот став за ова прашање го изнесе техничкиот премиер Талат Џафери, за кого нема никаква причина повторно да се отвораат хашките предмети бидејќи тоа, како што рече, било завршена работа.
– Тоа прашање е регулирано со закон и потврдено со одлуки на Уставниот суд. Меѓународните трибунали не се поврзани со домашното законодавство – истакна Џафери одговарајќи на новинарско прашање.
Според логиката на првиот човек на македонската влада, ако меѓународните трибунали не се по9врзани со македонското законодавство, тогаш не треба да се поврзуваат ниту американската и британската „црна листа“ со македонската легислатива, уште помалку билатералниот договор со Грција да се наметнува како обврска кон трети земји и на тој начин државата сама да си ги затвора сопствените граѓани без никаква причина.
Многу позагрижувачки е што со ваквиот игнорантски однос на актуелните власти кон препораките на Комитетот за човекови права при Советот на Европа, всушност, работат спротивно на интересите на државата, бидејќи ја доведуваат во позиција и таа да биде обвинета дека се оглушува на препораките на Комитетот за човекови права, во момент кога и самата го вперува прстот во Бугарија пред СЕ токму за непочитување на препораките околу спроведувањето на пресудите од Европскиот суд за човекови права во полза на македонското малцинство.
Дополнително, со тоа што македонската влада одбива да постапува по препораката на Советот на Европа, всушност, флагрантно го прекршува и меѓународното право, бидејќи во согласност со женевските конвенции, случаите со воени злосторства никогаш не застаруваат и не можат да бидат предмет на никакви автентични толкувања и законски еквилибристики.
Голем број политички субјекти, интелектуалци, професори побараа Македонија да не се оглушува на дописот на Комитетот за човекови права, туку да постапи како што бара Европа.
– Целосно го поддржуваме ставот на Советот на Европа: без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество – е пораката што деновиве е сѐ поприсутна во јавноста.
Познавачите на состојбите во областа на меѓународното право се категорични во констатацијата дека воените злосторства не можат да застарат и дека не можат да се покријат со никакви внатрешни законски интервенции и амнестии.
– По Втората светска војна, во цивилизираниот свет беше усвоена доктрина „воените злосторства да не застаруваат“. Не сме слушнале досега некој да го оспорувал тоа, така што очигледно техничкиот премиер Џафери е првиот за кого застаруваат, бидејќи тврди дека тоа е завршена работа. За жал, и по повеќе од 20 години од воениот конфликт во земјава, некои партии тука и натаму немаат никаков проблем со луѓето што на овој или оној начин се поврзани со тие хашки предмети на чие расчистување инсистира Советот на Европа – посочуваат соговорниците.
Според нив, Македонија мора да ги почитува препораките на Советот на Европа и да работи на нивна имплементација, кога веќе сите се декларираат како европски блокови и говорат дека негуваат европски вредности.
– Сите велат дека се за Европа, а се оглушуваат на она што истата таа Европа го бара од нив кога не им одговара. Го злоупотребуваат европското знаменце за закони што немаат врска со ЕУ, ги игнорираат препораките околу владеењето на правото, а сега ги игнорираат и препораките на Советот на Европа. Техничкиот премиер Џафери треба ова прашање да го изнесе на владина седница и Владата да утврди став, а не да молчи. Сите ние сме должни да им оддадеме почит на невино настраданите жртви од која било националност, за никогаш повеќе да не се повтори нешто слично, но и да му се стави точка на грдото минато и да се отвори пат кон посветла иднина. Тоа го бара СЕ и од Македонија и од сите земји во регионот, а без расчистување со минатото и незалечените рани, нема да сакаат да нѐ примат во нивно друштво, оти таквите општествени фрустрации уште повеќе ќе се манифестираат и нема да водат кон општествено сплотување, туку кон уште подлабоки поделби какви што гледаме дека ни се случуваат. ЕУ не сака такви конфронтирани општества – истакнуваат соговорниците.
Тие сметаат дека новото собрание мора да го отвори прашањето со четирите хашки случаи и еднаш засекогаш, низ соодветна правна процедура и консеквенции кон оние што ќе се утврди дека извршиле воени злосторства, да се затвори конечно приказната од 2001 година и заеднички да се тргне напред.
– Тоа ќе биде најдоброто нешто за македонското општество и за државата, да се врати меѓусебната доверба и да се гради заедничката иднина – заклучуваат некои од познавачите на меѓународноправните состојби.