Сомнеж

Во центарот на градот има неколку добро опремени трговски центри, не знам која е причината ама има еден што го посетувам почесто, тоа не значи дека во другите трговски центри од градот не одам, овој ми доаѓа некако патем, од населбата Ченто, преку Аеродром, право на паркингот од трговскиот центар. Секој знае дека паркинг-простор во ова денешно време е суво злато, особено кога го има, кога го нема може да искрснат куп работи што можат да ви го расипат расположението цел ден.
Во еден таков ден паѓаше, би рекол ронеше, едно ситно дожде, со автомобилот се сместив на паркингот од трговскиот центар, се искачив угоре со подвижните скали, со ескалаторот, се најдов пред влезот во просторот со прехранбени намирници. Зедов помала метална количка со тркалца, го извадив ливчето-потсетник каде што имам напишано што треба да купам, користам ливче-потсетник бидејќи понекогаш се заборава и веднаш дома, ќе почнеш да офкаш, леле заборавив ова, заборавив она, со ливче е по сигурно и попрактично. Така опремен влегов во одделот каде што се поставени сите видови прехранбени производи, и не само тоа туку има и простори каде што се сместени алатки за во кујна, храна за домашни миленичиња и секакви производи за перење и белење. Чиниш како да е ова пештерата на Али Баба, останува уште да извикаме „Сезаме, отвори се“!
По обичај, прво почнувам од млечниот реон, ги сакам сите прехранбени производи добиени од млеко, особено киселото млеко, ако е од „Бучен“ уште подобро, тоа е добро за нас сликарите, бидејќи некои од боите содржат несакани состојки, млекото ги скротува, ги држи под контрола.
На десната страна видов прекрасни портокали, кои со нивната портокалова боја дејствуваа маестрално.

Зедов две кила портокали, покрај нив поставени јаболка „грани смит“, и јаболката ги сакам, некои велат за добро здравје треба секој ден да се јаде по едно јаболко, не случајно Ева од божјата градина одбрала да скине јаболко. Погледнав во ливчето-потсетник, на кое имав забележано суви сливи без коски. Да, кога правам чај, две-три вакви сливи ставам во чајот, тоа било добро за пред спиење. Сега во ова време се знае сѐ, нема промашување, јаболка за тоа, суви сливи за друго, сок од портокали за трето, рибите, ах, риби, тие се посебна приказна! Сакам морски риби, ама не смрзнати во длабоко, свежи скоро извадени од море, не дека речните или тие од езерата не чинат, тоа е прашање на вкус и кои риби организмот повеќе ги прифаќа. И цената игра улога, ама риба од море не јадам секој ден, туку еднаш-двапати во месецот, па така можам да си дозволам да речеме некој прехранбен испад!
Во трговскиот центар има едни мали тегличиња во кои има јајца од пастрмка, еве доказ дека ги сакам и рибите од реките, тегличињата не се скапи ама не се ниту евтини, земам едно тегличе или две, некој може да рече, види овој што јаде, види колку непотребно троши пари! Не, овие работи од пастрмка, по јадење, дават енергија за работа, на крајот кога ќе удрите калемот што губите и што добивате, ќе видите дека со енергијата сте во позитива, побрзо ќе завршите слика или цртеж, тоа значи дека е дозволено одвреме-навреме да се пробаат и јајца од пастрмка.
Кога прошетав низ просторот од продавницата, забележав дека количката е полна со секакви производи. Доста е, си реков во себе! Сега на каса, потоа производите во автомобил и право дома. Со количката се сместив врз ескалаторот, кој сега одеше кон долу, одеднаш штрак и подвижната лента од ескалаторот застана! Угоре не може, удолу исто така не може. Пробав да ја туркам количката, таа ниту да мрдне, ми се чинеше како да е залепена за ескалаторот!

Сомнеж, Коле Манев

Господине, да ви помогнам за количката, слушнав глас што доаѓаше од зад мене? Добро е што има односливи луѓе, кои можат да помогнат, си реков во себе. И без да одговорам или одобрам, човекот се фати за количката и со неговата сила ја поместивме количката дваесетина сантиметри по сега статичната лента, која мене ми се чинеше дека е цел автопат! Младо момче, од долниот дел од ескалаторот, со вешти чекори дојде до нас и се фати за количката. Остави ја количката, му се обрати на момчето господинот што стоеше зад мене! Сакам и јас да му помогнам на човекот, видете количката колку е полна, затоа и тежи, одговори момчето. Види колку добри луѓе само во еден ден, си реков во себе? Погледнав прво во господинот што стоеше зад мене, во раката држеше празна торба, потоа во момчето, кое внимателно ја влечкаше количката по површината на вкочанетиот ескалатор.
Добри луѓе! Сакаат да помогнат. Зошто да помогнат кога јас не побарав помош? Немаше да ми биде лесно, ама полека ќе ја одвлечкав количката до крајот на ескалаторот. А што ако е обратното, наместо добри, да се нешто друго, не знам што, но нешто различно од добри? Види колкава фанела носи момчето, во неа може да влезат рој риби! Таа мојата морска риба сигурно е веќе внатре, во фанелата, каде што сигурно и плива! А господинот, добриот господин, за што му служи таа празна торба, која сега сигурно е полна со намирници од мојата количка? И количката е полесна, побрзо оди по ескалаторот, а зошто да не оди кога е речиси празна, полни е торбата на господинот и фанелата, или јакната на доброто момче, кое случајно се нашло тука и сосема случајно сакало да помогне! Жал ми е за тие тегличињата со јајца од пастрмка, одамна ги немам пробано! Ќе ги пробаат моите помошници за количката, кои направија да биде полесна и да се тркала удолу побрзо! Така и ми треба, си реков повторно во себе!
На крајот од ескалаторот, и момчето и тој со торбата ја оставија количката и со тажен поглед едниот ми се обрати: Господине, да ви помогнеме да ја однесете количката до вашето возило? Не, благодарам, отсечно им одговорив! Имајте убав ден, ми возвратија двајцата. Убав ден, и возилото сакате да го ставите во торбата или во фанелата, си помислив во себе! Гневен и бесен на себе, кај возилото решив да проверам за колку ме олеснија тие што ми помогнаа за количката. Го извадив ливчето-потсетник, двете тегличиња со јајца од пастрмка, да, тука се во количката, портокалите и јаболката „грани смит“, и тие се тука, рибата морска тука е, значи жива е, и сувите сливи, питата со спанаќ, киселото млеко, кефирот, празот, пиперките и тие малите доматчиња „шери“, кои многу ги сакам, и тие се тука. Се израдував, потоа се сецнав! Тие двајцата не биле такви какви што јас ги замислував, тие биле навистина добри луѓе, кои ми помогнаа околу количката! Срам да ми е, си реков пред себе и во себе!
Сомнеж, нели? Ете како можат да се случат мали сомнежи и недоразбирања, на ист начин или речиси на ист се случуваат и големите недоразбирања. Така било, вака било и ќе се појават тие количките со многу тркалца, кои личат на метални желки и тие другите што имаат долги цевки и од скала до скала, сѐ повисоко и повисоко и одеднаш бууум! Е, по бууум нема срам да ти е, арам да ми е! Туку ај да се приберам дома, да ја испржам морската риба и да го фрлам сомнежот понастрана!