Фото: Нова Македонија

Бугарија „на своја кожа ги почувствува изгорениците од европското вето“. Пред неколку дена на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ во Брисел, Бугарија и Романија, поради ветото на Австрија и на Холандија, не добија зелено светло за влез во шенген-зоната! Како го анализираат тоа нашите соговорници, има ли некаква нишка на поврзаност со односот на Бугарија спрема Македонија и вето-ултиматумите за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ и што може да се извлече како искуство за нас?

По одлуката на ЕУ да не ѝ дозволи влез
на Бугарија во шенген-зоната

Навидум неповрзано со односот на Бугарија спрема Македонија и вето- ултиматумите за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ, официјална Софија „на своја кожа ги почувствува изгорениците од европското вето“. Имено, пред неколку дена на состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ во Брисел, Хрватска стана 27-та членка на шенген-зоната, но Бугарија и Романија не добија зелено светло на состанокот! Австрија беше против приемот на двете земји, а Холанѓаните против Бугарија. На тој начин ветото со сета своја „жестина“ беше почувствувано од Софија, а и од Букурешт.

Вето за Бугарија бидејќи не ги почитува човековите права, а и дека е европско легло на корупцијата

Холандскиот министер за миграција Ерик ван дер Бург, по состанокот на кој им беше ставено вето на Бугарија и на Романија за шенген-зоната, откри дека проблемите на Бугарија се поврзани со човековите права и со борбата против корупција.
– Сакаме да видиме Бугарија да направи вистински чекори во оваа насока. Мора да се донесат закони и потоа тие да се имплементираат и наредната година пак ќе разговараме. Законите прво мора да се донесат од бугарскиот парламент, но потоа тие мора да се имплементираат, бидејќи носењето закони не е исто со нивна имплементација. Потоа, треба да има извештај од Европската комисија и ако Бугарија ги исполнува условите, патот до шенген ќе биде отворен – изјави Ван дер Бург.
Но холандскиот министер не се задржа само на причините за вето за Бугарија туку изрази и критика за Европската комисија, додавајќи дека е изненаден од поддршката на ЕК за Бугарија.
– Изненаден сум од позицијата на Европската комисија, која секогаш вели дека ние сме заедница на вредности и норми. Токму затоа Европската комисија мора да ги стави човековите права и борбата против корупција високо на листата на приоритети – кажа Ван дер Бург.
По одлуката на ЕУ да не ги прифати во шенген-зоната Бугарија и Романија, следуваше коментар од вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.
– Прашањето беше политичко. Две држави одлучија поинаку, а 25 нѐ поддржаа безрезервно и многу далековидо, сметајќи дека тоа беше вистинската одлука… Работата на нашето пристапување во шенген продолжува – уверува Демерџиев. Тој добил уверување од својот колега од Шведска, која го презема претседавањето со ЕУ, дека и шведското претседателство ќе направи напори во оваа насока.

Во потконтекстот на ветото се препознава непочитувањето на 17-те пресуди на Европскиот суд за човекови права

Споменувајќи ги проблемите со почитување на човековите права на Бугарија, поради кои Холандија изразува резервираност за бугарското присуство во шенген-зоната, холандскиот министер Ван дер Бург можеби не ги наведува директно 17-те пресуди на Европскиот суд за човекови права во корист на македонските малцински здруженија во Бугарија, но секако и тие се голем дел од багажот во бугарските проблеми со човековите права.
– Реакцијата на Бугарија по повод нејзиното спречување да влезе во шенген-зоната го покажува целокупниот нивни срамотилак, дека немаат систем на вредности. Ако можат тие да ја блокираат Македонија, како израз на нивната фантазмагоричност, бидејќи немаат никакви факти и аргументи да го прават тоа, сега одеднаш им пречи и се револтирани кога други членки на Унијата, сосема оправдано им го прават истото и ним. Не е спорно дека бугарските граници се порозни за мигранти и дека тоа може да има негативно влијание врз слободата на движење во шенген-зоната. Но сепак, ако се погледнат работите од друг агол, Бугарија заслужува признание, бидејќи располага со функционери што се борат за своите државни интереси, без разлика дали се во право или не. Со ова сакам да направам само мала паралела со нашите политичари, кои прифаќаат сѐ што ќе им биде сервирано од меѓународните барања, вклучувајќи ги и сите безобразни бугарски барања – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Од друга страна, одредени аналитичари на политичките односи и процеси предупредуваат дека ветото за Бугарија и за Романија за шенген-зоната треба да биде предупредување и за понатамошните евроинтеграции на Македонија, и покрај сите сопствени претходни искуства со апсурдните вета само за почеток на преговорите со ЕУ. Меѓу другото, оваа нова ситуација го поставува и го прашањето можно ли е (и на каков начин) да се одрази ветото на ЕУ за прием на Бугарија во шенген-зоната на македонско-бугарските односи, во смисла на поразумен бугарски пристап со политиката на уцени и провокации за македонските евроинтеграции… Односно, воопшто како оваа ситуација ќе влијае на македонските евроинтеграции поврзани со спроведување на францускиот предлог, т.е. инсистирање на уставните измени?
– Темата со шенген-ветото за Бугарија и за Романија нас како држава нешто посебно директно не нѐ засега, но фактот за „ЕУ-ембарго“ наметнува неколку факти: прво, Бугарија и Романија се гранични ЕУ- држави, а и двете ѝ се соседи на Турција, која не е во ЕУ и од каде што притисокот на мигрантскиот бран спрема земјите-членки на ЕУ е најсилен. На „внатрешните“ земји на ЕУ како што се Холандија и Австрија лесно им е да кренат рака за вето и не сум убеден дека сочувствуваат со мигрантскиот притисок врз граничните ЕУ-држави.
Второ, конкретно за Бугарија како наш сосед и наш децениски непријател и актуелно негаторски фактор за нашата ЕУ-интеграција, ветото зборува дека нашиот источен сосед, сепак, е неподготвен да биде рамноправна членка на Унијата и да ги задоволува сите тамошни стандарди, вклучувајќи и кризи каква што е бегалската, и покрај постојаната сесрдна финансиска и кадровска помош од ЕУ, како и одделно од членките на Унијата.
Трето, на некој начин ова шенген-вето за Бугарија и за Романија, за нас како држава што штотуку стапна на европскиот пат и за другите членки апликанти е ЕУ-порака. Потсетување дека нѐ чекаат доста предизвици и дека со критериумите на ЕУ нема импровизации и блефирања, туку дека евроинтеграцијата подразбира работа и посветеност во реализирање на критериумите и нивно функционирање во практиката.
Сѐ на сѐ, еве, ветото за Бугарија е добра поука и порака за неа, наместо да се глупира со истории и да се изживува со блокади врз послабиот, да разбере дека и од неа има посилни и дека треба да се зафати со работа и да си ги исполнува ЕУ-обврските – вели политичкиот аналитичар и новинар Зоран Иванов.

Ветото што сега го доживува Бугарија ја соочува со сопствените постапки спрема Македонија

Политичкиот аналитичар и прв извршен директор на МЦМС, Александар
Кржаловски, констатира дека ветото што сега го доживува Бугарија од ЕУ ја соочува со сопствените постапки спрема Македонија, но резервиран е дека од тоа ќе извлечат поука бугарските политичари, но и македонските.
– ЕУ-ветото (или само холандското) за Бугарија во однос на шенген-зоната ја соочи Бугарија со сопственото вето за Македонија. Од една страна се согласувам со искажаните мислења дека не треба да се ситиме на ваков исход за Бугарија и дека оваа одлука (според Боцевски) е катастрофална за македонската евроинтеграција.
Од друга страна не можам, а да не констатирам дека сегашните „плачки“ на бугарските политичари, од претседателот Радев, па надолу, до збор се идентични со тие што и ние тука во Македонија ги зборувавме критикувајќи го односот на Бугарија кон Македонија. Радев вели: „Наместо солидарност, добивме цинизам“! А што очекувавме ние од Бугарија – истото. Привремениот министер за внатрешни работи отиде и во повеќе детали: „Ги исполнивме сите барања и критериуми, а имаме и два позитивни извештаи, но сега сме дискриминирани“. А што да кажеме ние – со повеќе од 10 позитивни извештаи од 2009 година наваму и дискриминација од три земји-членки од тогаш! Уште и додава „Цената на нашето членство во шенген не може да биде достоинството на нашите полицајци“. И тука сум целосно согласен, но, за жал, кај нас има политичари за кои достоинството (загубено) е прифатлива цена (и затоа и го прифатија францускиот предлог). Привремениот министер за правда Зарков рече: „Сите земји-членки, освен една, се на страната на Бугарија“. И ова, нели, ни звучи познато.
Нејсе, би било добро овие изјави да им се препрочитаат на тие што ги дале и да се запрашаат за Македонија. Може тоа да го направат и новинари, но секако и наши политичари. Но не верувам дека ќе донесе некаков ефект. Едноставно ќе речат – ама тоа не е исто, како и многу други за слични ситуации! – вели Александар Кржаловски.