Зошто странците се толку убедени дека Бугарија нема да поставува нови пречки за земјава
Меѓународната заедница продолжува со засилениот притисок врз Македонија што поскоро да ги направи уставните измени и за таа цел секојдневно во земјава пристигнуваат разни европски делегации со иста порака, да се направат уставните измени доколку државата сака да оди напред по европскиот пат.
И додека разните европски „тројки“, „двојки“ и други формации притисокот го насочуваат само врз македонската страна, конкретно врз опозицијата, ниту една од овие делегации не замина во Софија да слушне директно дали бугарската страна ќе има други услови, оти добро знаат дека сите бугарски барања веќе се целосно инкорпорирани во таканаречениот француски предлог.
Неодамна и специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во дебата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД, рече дека Вашингтон е ангажиран да нема нови услови од страна на Бугарија, под услов Македонија да исполни сè што прифатила претходно во договорите.
– За да ги унапреди своите аспирации за ЕУ, Владата на С Македонија е посветена да се спроведат уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигуриме дека нема да поставува нови барања откако С Македонија ќе ги исполни своите обврски од постојните договори – рече Ескобар.
Исполнувањето на обврските од постојните договори всушност значи дека Бугарија и нема потреба од нови условувања за земјава, бидејќи сите нејзини барања и услови веќе се вметнати токму во постојните договори, а тоа најдиректно завчера го потврди бугарскиот претседател Румен Радев, поздравувајќи го почетокот на собраниската процедура за уставни измени.
– Ова е првиот многу важен и задолжителен чекор, но не и последен. Исклучително е важно да се исполнат барањата во двата потпишани протокола од преговарачката рамка. Конечно се придвижи прашањето за гарантирање на уставната рамноправност на Бугарите во РСМ – изјави Радев.
Дипломатот во пензија Драган Јањатов смета дека е апсурдно да се верува оти Софија тукутака ќе се откаже од историската шанса што ѝ се укажала само затоа што некои дипломати, било европски, било американски, се надеваат дека нема да има нови условувања.
– Бугарија ќе измислува уште многу други работи, нема да запре само со ова, не Брисел, не Вашингтон, кој сака нека ја притиска. Нив и досега ништо не ги засегна, не им рече никој ништо за блокадите што ни ги поставуваа. Странците нешто ќе изјават, Радев веднаш ќе демантира. Значи, притисокот е само врз нас и ќе мора да исполнуваме уште многу нови бугарски услови – вели Јањатов.
Според него, целиот процес околу уставните измени е голема непознаница за обичните луѓе, но за оние што ги знаат работите повеќе од јасно е што ќе се случи.
– Тие што ги познаваат работите знаат што ќе следува. Се дефокусира јавноста со еден куп други работи, само да се оттргне вниманието од уставните измени. Не очекувам ништо добро и позитивно за државата од целиот овој процес. На Запад му е битна неговата агенда, Западен Балкан да влезе во ЕУ, а другото воопшто ништо не го интересира. Тоа што нас нè засега, ним воопшто не им е важно. Каков јазик, каков идентитет, каква историја, за нив тоа не е важно. Се сменија политичката агенда и политичката иднина на Македонија, но овој процес не е завршен, уште ќе се менува – нагласува Јањатов.
Тој е песимист дека нешто добро ќе се изроди за државата и граѓаните од целиот овој процес, без оглед што Брисел и Вашингтон нè убедуваат дека Бугарија нема да има нови барања.
– Ништо добро не нè очекува. Не гледам светло во тунелот. Странците се решени да ја истуркаат целата работа со уставните измени и ќе го направат тоа. Ним им треба некоја стабилност тука во регионот и затоа ќе одат докрај. Тие мислат дека со тоа ќе го решат прашањето, меѓутоа само ќе отворат нови рани, како што било секогаш во историјата – заклучува Јањатов.
Агелер: Не е важно што велат Ескобар или Радев, фокусирајте се на работите дома
Американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека не е важно што кажува специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, или, пак, бугарскиот претседател Радев во врска со уставните измени, туку треба сите да се фокусирани на тоа што е направено во земјава.
– Не сум разговарала ниту со Ескобар по неговото излагање ниту со Радев, но не е важно да се фокусираме толку на тоа што тие го кажуваат, тука на тоа што е направено тука, бидејќи на крајот на краиштата, ако луѓето тука се посветени на ЕУ, не е важно што велат Габриел или Радев – изјави Агелер, одговарајќи на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција во Амбасадата на САД во Скопје.