Последните активности на официјална Софија во САД се насочени директно против Македонија
Ако се тргне настрана фактот дека станува збор за целосно асиметричен договор потпишан брзоплето пред шест години, основите врз кои почива меѓународното право упатуваат на тоа дека секој договор потпишан меѓу два меѓународноправно признаени субјекти мора да се почитува. Истовремено, меѓународното право препознава и кога овие договори престануваат да важат, поточно кога едната страна сама ќе се повлече од договорот и ќе ја информира втората страна или, пак, кога една од земјите потписнички не ги почитува преземените обврски. Во таков случај ниту втората земја, во случајот Македонија, нема никакви обврски да го почитува истиот договор потпишан со Бугарија и тој станува ништовен. А, куриозитет е што и Бугарија флагрантно го погази Договорот за пријателство и добрососедство… Доволно причини да се рестартира целата ситуација на билатералните односи!
Бугарија нема никаква намера да се откаже од поставените асимилаторски цели во однос на Македонија и продолжува отворено да работи на нивно реализирање, без оглед што на тој начин го прекршува Договорот за пријателство, добрососедство и соработка склучен во 2017 година меѓу двете земји.
Неодамнешните активности на официјална Софија за спречување на носењето резолуција во американската сојузна држава Индијана, со која септември треба да биде прогласен за месец во кој ќе се одбележува македонско-американското наследство во САД, претставува најфлагрантно прекршување на меѓународен договор потпишан меѓу две земји.
Најдиректно признание дека Бугарија го прекршува Договорот за добрососедство и пријателство пристигна од шефицата на бугарската дипломатија Марија Габриел, која отворено кажа дека ќе направат сè што е во нивна можност да спречат усвојување на каква било резолуција во САД со која ќе се слави македонско-американското наследство.
– Започната е процедура, ве уверувам дека ќе направам сè што е можно оваа резолуција да нема каков било крај, таа едноставно не треба да биде усвоена – изјави Габриел.
Бугарија се меша и во Стратегискиот договор меѓу САД и Македонија
Изјавата сама по себе е доказ дека Бугарија работи на спречување на активностите на Македонија на надворешен план, а кои имаат цел негување на македонската култура и македонското наследство во САД, што во никој случај не претставува потег насочен против Бугарија. Активностите претставуваат и мешање во Стратегискиот договор меѓу Македонија и САД, а во кој, меѓу другото, се предвидува и развој на севкупните односи меѓу двете земји и двата народа.
Бугарската активност за спречување на ваквите резолуции претставува директен потег насочен против Македонија и е во целосна спротивност со членот 11, став 1 од Договорот за пријателство и соработка.
– Ниту една од договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја што имаат непријателски карактер – се наведува во првата точка од овој член.
Опструирањето на резолуциите во САД е директно насочено против Македонија и е од непријателски карактер кон македонскиот народ и Македонците што живеат на американскиот континент.
Ако се тргне настрана фактот дека станува збор за целосно асиметричен договор потпишан брзоплето пред шест години, основите врз кои почива меѓународното право упатуваат на тоа дека секој договор потпишан меѓу два меѓународноправно признаени субјекти мора да се почитува. Истовремено, меѓународното право препознава и кога овие договори престануваат да важат, поточно кога едната страна самата ќе се повлече од Договорот и ќе ја информира втората страна или, пак, кога една од земјите потписнички не ги почитува преземените обврски. Во таков случај, ниту втората земја, во случајот Македонија, нема никакви обврски да го почитува истиот договор потпишан со Бугарија и тој станува ништовен.
Формалноправно постојат сите услови за еднострано повлекување од Договорот
Добрите познавачи на меѓународното право без никакви дилеми сметаат дека изјавата на бугарската министерка за надворешни работи е најдобра потврда за директно прекршување на Договорот за пријателство и соработка меѓу двете земји.
– Министерката Габриел кажа нешто што е спротивно на најбитната точка во целиот договор со Бугарија, дека двете земји нема да преземаат непријателски активности една кон друга. Ова што Бугарија сега го прави со спречувањето на резолуциите во САД, е демонстрација на најотворено непријателство и ширење етноцидни политики. Без оглед што и самиот договор е крајно проблематичен за македонската страна, сепак ова е доволна причина да се алармира целата меѓународна заедница и да се покажат вистинските намери на Бугарија, да се сотре сè што е македонско. Со такви политики и однесување нема место за никаков договор за пријателство и соработка, кој слободно може да се нарече договор за непријателство, оти Софија во овие шест години од потпишувањето на договорот продуцира само проблеми и испорачува уцени, а односите меѓу двете земји наместо да се подобрат, станаа најлоши. Овој договор не треба да биде дел од преговарачката рамка на земјава и Македонија мора што поскоро да се повлече од него, а како аргумент да ги наведе сите бугарски досегашни прекршувања. Потписот на еден договор истовремено значи и обврски, а кога оној вториот не ги исполнува своите обврски, нема зошто и ние да ги исполнуваме – констатираат нашите соговорници, од кои дел биле и самите потписници на меѓународни договори во минатото.
Еден од оние што уште на времето предупреди дека Договорот со Бугарија е спротивен на меѓународното право, целосно асиметричен и дека бугарската страна нема да го почитува туку ќе го користи за реализација на своите етноцидни политики е професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев.
– Самиот договор со Бугарија, со кој се отвора „прашањето за македонскиот идентитет“ е нелегален, бидејќи според меѓународното право секој договор насочен кон менување или ревизија на националниот идентитет е нелегален, односно етноциден или културоциден. Секој „идентитетски договор“ е нелегален! Овој договор има недозволен предмет на склучување – појаснува професорот Јанев.
Воден од своето долгогодишно искуство, експертиза и познавања на меѓународното право, професорот Јанев истакнува дека станува збор за флагрантното прекршување на сите меѓународни конвенции и декларации, како на пример тие од УНЕСКО од 1966 и 1982, во врска со сувереноста на националниот идентитет.
– Како и со Преспанскиот договор, исто така и со овој договор со Бугарија од 2017 година грубо се ускратува правото на (наша) националност, која се поништува и заменува со вештачка (прво северномакедонска со Преспанскиот, па потоа и со бугарската импутирана националност, во финишот на целиот процес за етноцидна асимилацијата и културната негација) – нагласува Јанев.
За него единствено решение е Македонија да ги раскине и Спогодбата со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија.
– Двата етнофашистички договори мора да се раскинат еднострано. Секој политичар што држи до својот интегритет би го сторил тоа. Се испраќа дипломатско писмо од премиерот или од МНР. Пример за еднострано раскинување договор за пријателство е писмото што своевремено го испрати Георги Димитров до Тито, кога во 1949 година е раскинат договор меѓу НР Бугарија и ФНР Југославија. Договорот меѓу НР Бугарија и ФНР Југославија за пријателство беше склучен во 1947 година. Без каков било повод и објаснување, Димитров со нота (писмо) до Тито (Југославија) го раскина, без да достави какво било образложение зошто го прави тоа – наведува Јанев.