Се чини дека беа потребни неколку години за нашите носители на преговорите со соседот и воопшто со европските институции, поединци и авторитети да заклучат дека секое попуштање води кон барање за нови отстапки, кои се надвор од меѓународноправната јурисдикција, барања што воопшто се и надвор од јуреспруденцијата, ирационални барања што се граничат со ниво на безобразлук. Во тој контекст, во последно време конечно почнаа да стигнуваат и реакции од македонските власти на провокациите од бугарска страна
Промената на тоналитетот кон Бугарија да биде дел од хармонизирана политичка стратегија
Мислењата што во домашната јавност преовладуваат подолг период е дека македонските власти се премногу толерантни кон сите (правно неосновани) провокации што доаѓаат од страна на Бугарија, а тоа очигледно е јасен сигнал за политичарите во земјава конечно да покажат достоинство и карактер, а пред сѐ правдољубивост во пакет со храброст, кога станува збор за односите со соседите, но и воопшто со меѓународните институции.
Според нашите соговорници, малку е симптоматично зошто сега одеднаш се заострува тонот кон официјална Софија ако се има предвид дека изминатите неколку години Македонија молчешкум ги толерираше сите испади што доаѓаа од бугарските политичари, кои флагрантно ги кршеа и меѓународното и внатрешното право, па дури и кога се случуваа среде Скопје, со единствена цел евентуалната реакција да не предизвика бугарска контрареакција и со тоа да се попречат евроинтеграциите на земјава.
Се чини дека беа потребни неколку години за нашите носители на преговорите со соседот и воопшто со европските институции, поединци и авторитети да заклучат дека секое попуштање води кон барање за нови отстапки, кои се од меѓународноправната јурисдикција, барања што воопшто се и надвор од јуреспруденцијата, ирационални барања што се граничат со ниво на безобразлук. Во тој контекст, во последно време конечно почнаа да стигнуваат и реакции од македонските власти на провокациите од бугарска страна. Некои наши скептични соговорници, сепак, реторички ја отвораат дилемата сретната во јавниот дискурс по ова прашање, а тоа е дали станува збор за искрени реакции или, пак, се работи за добро пресметан политички потег во пресрет на изборите во земјава.
– Обвинувањата наведени на овој самит од страна на претставникот на Бугарија се целосно неосновани и доаѓаат од земја што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права – изјави неодамна премиерот Ковачевски, при што истакна дека „С. Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество каде што се почитуваат сите права, а и сите извештаи го потврдуваат тоа“!
За споменување е дека дел од аналитичарите се на ставот дека ваквата реторика од политичарите во власта доаѓа бидејќи „подготовките за изборите веќе се во тек“, а тие го забележуваат тоа бидејќи „забележливи се кампањите што партиите веќе извесно време ги водат на терен“.
– Станува јасно дека нема да има 80 пратеници што ќе гласаат за уставни измени и на некој начин оваа изјава наликува на подготовка за избори – и претседателски и парламентарни. Не очекувам тие да бидат предвремени, иако не го исклучувам и тоа, ако во соодветен момент се констатира дека нема двотретинско мнозинство за уставни измени – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), јавува ДВ.
Според него, голема е веројатноста дека поагресивниот тон кон Бугарија е начин како партиите да им се доближат на незадоволните граѓани, кои не сакаат нивната држава да биде навредувана и негирана.
– Можеби сметаат дека тоа носи поголеми политички бенефиции – нагласува Кржаловски, притоа додавајќи дека секоја партија тргнува од сопствената позиција и прогнози како да ги постави во одреден момент политиките кон Бугарија.
Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека ако се искрени и чесни ваквите изјави, треба на секој начин да биде демонстрирано политичко поведение со кое ќе бидат отфрлени какви било дилеми дека ваквите настапи се брзоплето испланирани, без некаква посебна стратегија и дека се наменети исклучиво за домашна употреба.
– Да не биде што би рекол нашиот народ, по свадба тапани. Тој став и реториката без поткрепа со практични и конкретни политички потези, би бил несомнено реторика за домашна употреба – заклучува Пекевски.