Во една нова студија, со исклучително интересни заклучоци, објавени во специјализираното списание „Нејчр фуд“, се констатира дека „дури и делумна замена на црвеното и на преработеното месо со растителни протеини може да има значителни придобивки за здравјето, за животната средина и за климата“! Значи, со еден сосема мал индивидуален исчекор на луѓето, придобивката би била огромна, „три во едно“: за здравјето на човекот, за околината и за животната средина, како и за забавување на климатските промени
Во студијата на научниците од Универзитетот „Мекгил“ и на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, кои ги анализираа навиките во исхраната на канадската популација, се посочува дека малите промени во исхраната кај луѓето можат да доведат до сеопшта придобивка за поодржлив и поздрав индивидуален и колективен начин на живот.
Истражувачите тврдат дека студијата дошла до заклучок дека луѓето може да го продолжат животниот век за девет месеци
Според авторите, студијата го истражувала влијанието на делумната замена (од 25 отсто и 50 отсто) на црвено и на преработено месо или млечни производи со растителна храна богата со протеини, како што се јаткасти плодови, семиња, мешунки, тофу и збогатени пијалаци од соја, за здравствените резултати, климата и за животната средина.
Резултатите покажаа дека замената на само половина од протеинот што доаѓа од црвено или од високопреработено месо може да го зголеми животниот век за речиси девет месеци.
Тимот истражувачи, според применетите научни методи, го припиша ова продолжување на животниот век главно на реалната зголемена веројатност дека „нема да се добијат некои видови хронични болести“!
Префрлањето на растителна исхрана им го продолжило животниот век на мажите двојно повеќе отколку на жените
Нутриционистката Маја Љубаш, сопственичка на консултантската куќа за исхрана НУТРИОМ, вели дека црвеното месо е богато со заситени масти, додека преработеното месо содржи големи количества сол, адитиви и конзерванси.
– Ако оваа храна се јаде во поголеми количества, му наштетува на нашето здравје. Од друга страна, изворите на растителни протеини се сиромашни со заситени масти и холестерол, но богати со диетални влакна, витамини, минерали и омега-3 масни киселини, кои благотворно влијаат на нашето здравје – вели Љубаш.
Интересен е и наодот од истиот труд, според кој, префрлањето на растителна исхрана би им го продолжило животниот век на мажите двојно повеќе отколку на жените.
Научниците исто така откриле дека замената на некои млечни намирници со растителни протеини доведува до мало зголемување на животниот век, додека од друга страна го зголемува недостигот од калциум за 14 отсто.
Не е прва студија што потврдува здравствени придобивки
Голем број студии покажаа дека консумирањето црвено и преработено месо е поврзано со поголем ризик од срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и некои видови рак.
Студиите, вклучувајќи ги и оние спроведени од Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ), покажаа дека преработеното месо го зголемува ризикот од колоректален карцином. Во 2015 година, ИАРЦ го класифицираше како канцероген и го стави во групата 1А, која исто така го вклучува и пушењето.
Тој го класифицирал црвеното месо како веројатно канцерогено и го сместил во групата 2А. Во Хрватска, срцевите заболувања се водечка причина за смрт, додека колоректалниот карцином е втора најчеста причина за смрт од рак, веднаш по ракот на белите дробови.
Голем број научни студии утврдиле дека исхраната базирана на растенија ги намалува заситените масти и нивото на холестерол, што директно придонесува за подобро кардиоваскуларно здравје.
Едно големо истражување покажа дека замената на само еден дневен оброк црвено месо со протеини од растително потекло може да го намали ризикот од смрт за 10 отсто.
Зголемување на квалитетот на животот и намалување на телесната тежина
Освен што го намалуваат ризикот од сериозни болести, протеините од растителна основа можат да придонесат и за подобро целокупно здравје. Имено, луѓето што внесуваат повеќе протеини преку растителна исхрана обично имаат подобар индекс на телесна маса (БМИ) и подобар метаболизам.
Љубаш вели дека исхраната од растително потекло е богата со витамини, минерали и диетални влакна, кои благотворно влијаат на метаболизмот и варењето на хранливите материи.
– Недостигот од калциум во случај на исхрана исклучиво на растителна основа може да се спречи доколку млечните производи соодветно се заменат со растителни извори на калциум, како што се тофу, сусам, суви смокви, зелен лиснат зеленчук и јаткасти плодови – посочува Љубаш.
Голема придобивка бр. 2: За климата!
Гореспоменатата нова студија, исто така, покажа дека малата промена во исхраната може да има значително позитивно влијание врз намалувањето на стакленички гасови и глобалното затоплување. Пред сѐ, важно е да се знае дека за производство на еден килограм говедско месо се потребни меѓу седум и 16 килограми добиточна храна, што значи дека месото е неекономичен извор на протеини.
Дополнително, производството на месо предизвикува повисоки емисии на јаглерод диоксид (ЦO2) бидејќи интензивното сточарство бара уништување на шумите за да се создаде земјоделско земјиште за одгледување добиточна храна, а шумите се значителни апсорбери на јаглеродниот диоксид.
Понатаму, добитокот, особено говедата, за време на варењето (ентерична ферментација) создаваат метан (со испуштањето биогасови), при што метанот како биогас е околу 30 пати помоќен стакленички гас од јаглеродниот диоксид.
Конечно, процесите како транспорт, преработка и ладење на месо дополнително придонесуваат за вкупните емисии на стакленички гасови.
Една друга студија објавена во списанието на Националната академија на науките (ПНАС) покажа дека глобалното усвојување диета базирана на растенија може да ги намали емисиите на стакленички гасови од храната за околу 70 отсто. Оваа процена ги опфати сите аспекти на производството на храна, од одгледување до транспорт и дистрибуција.
Во новото истражување, авторите откриле дека дури и делумната замена на месните протеини со растителни протеини може да ги намали емисиите на ЦО2 од храната за околу 25 отсто, што би било значаен чекор кон намалување на глобалното затоплување. Замената на половина од млечните протеини со растителни би ги намалила емисиите на ЦО2 за 5 отсто.
Намалување на експлоатацијата на ресурсите
Намалувањето на потрошувачката на месо може да го намали и притисокот врз природните ресурси, бидејќи одгледувањето добиток бара огромни количества вода и земја. На пример, за производство на еден килограм говедско месо се потребни околу 15.000 литри вода, додека за производство на еден килограм соја се потребни само 1.800 литри.
За производство на еден килограм говедско месо се потребни околу 25 квадратни метри земја, додека за производство на еден килограм соја се потребни околу два квадратни метри земја.
Зачувување на биодиверзитетот
Од веќе споменатите причини, земјоделството фокусирано на сточарството доведува до потреба од нови обработливи површини, а со тоа и до уништување на шумите и уништување на живеалиштата на дивите животни, што на крајот го загрозува биодиверзитетот.
Затоа, намалувањето на побарувачката за месо може да помогне да се зачуваат шумите и другите клучни живеалишта.
– Се надевам дека нашите наоди ќе им помогнат на потрошувачите да направат поздрав и поодржлив избор на храна и дека тие ќе ги обликуваат идните политики за храна во Канада – рече водечкиот автор на студијата, Серџо Бургос, вонреден професор на Катедрата за наука за храна во Мекгил, во соопштението за печатот.
Според Патриша Евстачио Коломбо од Центарот за климатските промени и планетарното здравје на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, зголемувањето на потрошувачката на храна од растително потекло и намалувањето на потрошувачката на црвено и преработено месо ќе имаат значителни здравствени и еколошки придобивки и би вклучиле релативно мали промени во исхраната за повеќето луѓе. Д.Т.З.