Во текот на изминатата седмица Институтот за комуникациски студии (ИКС) организира дебата со новинари, за нивните искуства во справувањето со предизвикот на дезинформациите, како дел од истражувањето за проектот „Користи факти“. Резултатите ќе помогнат за создавање едукативни содржини и активности, но и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики
Во рамките на проектот „Користи факти“ на Институтот за комуникациски студии (ИКС), кој треба да ја зајакне отпорноста на широката јавност и ранливите групи во Македонија кон дезинформации, се одржаа неколку конференции на платформата Зум, во текот на изминатата седмица, со новинари од повеќе медиуми. На сесијата, во која учествуваа новинари од печатени медиуми и информативни агенции, свој придонес имаше и „Нова Македонија“, во размената на искуства во својата работа од транспарентноста на институциите и достапноста на информациите. Професорката Весна Шопар, која е дел од тимот што го спроведува истражувањето, во својот вовед на дебатата нагласи дека транспарентноста на институциите е исклучително важна во борбата со дезинформациите. Поттикнати од свеста дека (дез)информациите се силна алатка, па и оружје за остварување на целите на одредени интересни и политички субјекти и групации, како на глобален така и на внатрешен план во Македонија, ова истражување е насочено да придонесе кон развој на критичка и активна јавност – јавност што знае како да препознае веродостојни информации и вести, но и да креира и споделува медиумски содржини на одговорен и етички начин, притоа користејќи ги предностите на дигиталната технологија и мрежи. Целта на истражувањето е утврдување на нивото на транспарентност на јавните институции како предуслов за намалување на ризикот од шпекулации и дезинформации. Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје и трае од 2022 до 2025 година.
Од искуствата на новинарите споделени на зум-дебатата во петокот, општиот впечаток е дека транспарентноста на институциите во Македонија е повеќе формална, односно се излегува во пресрет за пристап до информации доколку институциите проценат дека тоа ќе има промотивен и афирмативен ефект за нив, или барем дека конкретната институција не е засегната од новинарското истражување. За таков вид транспарентност, институциите најмногу ги практикуваат прес-конференциите, неформалните брифинзи и соопштенија на портпаролите. Работите со транспарентноста на институциите се усложнуваат кога новинарите бараат информации за одредени прашања, подлабоко од официјалната верзија. Како слабост на транспарентноста беа споменати неажурираните веб-страници на институциите, но и потребата да се плати пристапот до информации на одредени институции. Како најтранспарентни институции беа споменати Централниот регистар и Катастарот, а државните институции, како министерствата и Владата, сепак се релативно попрофесионални во комуникацијата со новинарите од општините, односно локалната самоуправа. Министерството за политички систем беше наведено како најнетранспарентно министерство, а транспарентноста на Министерството за надворешни работи е од видот на одржување прес-конференции и брифинзи, но речиси никогаш не се одговара на конкретни новинарски прашања за новинарски теми.
Наодите од истражувањето ќе бидат презентирани на конференција што ИКС ќе ја организира во декември 2022 година. Резултатите ќе помогнат за создавање едукативни содржини и активности, но и да се изврши влијание врз властите за зголемена транспарентност во работењето и во процесите на носење одлуки за јавни политики. Ј.П.