Фото: МИА / Архива

Бугарија продолжува да го шири наративот дека европската писменост е исклучиво бугарска заслуга, присвојувајќи и национализирајќи нешто што има наднационална димензија, бидејќи доаѓа во време кога не постоела национална свест, што е уште една потврда до каде оди бугарската експанзионистичка политика.
Имено, и претседателот Румен Радев и неговата заменичка Илијана Јотова неодамна во обраќањето на Меѓународниот форум за кирилицата, на темата „И ние сме му дале нешто на светот“, јасно истакнаа дека токму Бугарија ѝ ја дала писменоста на Европа.
– Бугарија ѝ даде букви и писменост на Европа уште пред 12 век, а благодарение на старобугарската книжевност, која никна во Преслав и во Охрид, Бугарија стана втор центар на цивилизацијата по Византија – изјавија Радев и Јотова на форумот за кирилицата.
Изјавите на бугарските челници минаа без никаква реакција во Македонија, повторно со единствена цел, да не се нарушат „добрите“ односи со соседна Бугарија, што подразбира исклучиво да се премолчува секаква провокација од Софија.
И додека овдешните институции молчат, реагираат странците, кои немаат никаква намера да им дадат легитимитет на бугарските историски небулози. Пред извесно време реагираа Чешка и Словачка, кои во духот на европските вредности сметаат дека никој нема право да си припишува заслуга за кирилицата, а најмалку Бугарија. Неодамна стигна реакција и од хрватскиот македонист Горан Калоѓера, надворешен член на МАНУ, кој побара решителна реакција од македонистичките научни институции (Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик и Институтот за историја) на провокативните и неточни изјави на бугарската потпретседателка Јотова.
– Како по ѓаволите може да поминат овие провокации без да се реагира? Јас не сум последниот „мохиканец“ што ги брани македонските интереси и прашање е до кога ќе го правам тоа. Ако Македонија е веќе толку евтина, ако нејзините политички структури се склони да ја продадат државата за неколку златници, тогаш направете го тоа веќе еднаш, да знаеме на што сме. Јас сум лут како рис и тоа не ми треба – истакнува Калоѓера во својата објава на Фејсбук, изразувајќи зачуденост и силен револт зошто никој во Македонија не реагира на бугарските провокации.
Несомнено Калоѓера е во право кога забележува дека нема соодветна институционална реакција на она што го изјавуваат Радев и Јотова, дотолку повеќе што сите научни аргументи говорат за сесловенска писменост, а не за бугарска. Кога станува збор за државни интереси и одбрана на науката, тогаш е потребен институционален одговор, а не реакции на поединци, кои и покрај сета добра намера, не можат да ја имаат истата тежина како кога ќе реагира државата со нејзините надлежни институции.

– Да имаме држава како што треба да биде, со сите институции какви што треба да бидат, требаше веднаш да се реагира и да не се чека ниту еден момент. Штом излегоа таквите изјави, потребна беше итна реакција на нашите институции и врз база на научни сознанија сето тоа да се демантира затоа што ние ги имаме тие научни сознанија. Бугарите врз база на ненаучни тврдења едноставно сакаат да воспостават културно-историски империјализам врз Македонија и се обидуваат да го наметнат тоа во Европа и Европската Унија да стане таа што ќе нè осудува нас за она што ние го правиме, а ќе ѝ го одобрува на Бугарија она што тие го бараат – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, не поединци, туку мора да постои континуиран институционален одговор на секоја бугарска провокација, без никаква задршка.
– Институциите би требало институционално да реагираат, а не да има реакции само од поединци. Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска литература, Институтот за национална историја, сите тие треба да реагираат институционално бидејќи тие се национални институции, а ги нема никаде. Клучното прашање е каде се нашите институции да реагираат, дали се и тие под контрола на МНР? Ние како поединци не можеме секој ден да седиме и да пишуваме реакции. Најголем проблем е кога историјата ќе се политизира. Тоа ни се случува нам во моментот. Сите молчат, директорите на институциите молчат, а за тоа се платени, да ги бранат македонската култура, јазик, историја, а тие се плашат да излезат со став во врска со бугарските напади. Бугарите ни прават културно-историска агресија, а овие молчат – категоричен е Чепреганов.
За него македонското министерство за надворешни работи како воопшто да не постои, едноставно како да ги одобрува сите овие небулозни провокации што доаѓаат од Софија.
– Нашето МНР како да не постои, како да ги одобрува сите овие работи што се случуваат, еве, посебно сега и со ваквите тврдења за писменоста што доаѓаат од Радев и од Јотова. Тие сега си го преземаат приматот дека од нив тргнуваат целата писменост, јазик, азбука. Сега се поставува прашањето каква е улогата на историската комисија? Па нели истата таа комисија донесе одлука дека заеднички треба да се чествуваат Свети Кирил и Методиј, Свети Климент и Наум? Што од тоа Бугарија почитува? Ништо не почитува – истакнува Чепреганов.
Тој уште додава дека сериозните држави не дозволуваат никој да навлегува во нивната сфера на историја, култура и идентитет.
– Ова што го прават и Радев и Јотова е чиста пропаганда. Пред извесно време реагираа и Чешка и Словачка затоа што тоа се држави што следат сè што се случува, тоа навлегува во нивната сфера на историја, култура и сè друго. Не можат тие сега да признаат дека Моравската мисија е бугарска мисија, дека таму им донеле бугарска азбука и бугарска писменост. Апсурд. Меѓутоа, за жал, нашата целокупна политика, а посебно онаа што ја води МНР, е таква поради тој пуст сон за ЕУ да не се реагира на ништо и затоа Бугарите продолжуваат да си ја тераат својата приказна како што сакаат – потенцира Чепреганов.