Наводно во „интерес на мултиетничноста и еднакви права за малцинствата“, со секои уставни измени сѐ повеќе се потиснуваат значењето и носечката историска улога на македонскиот народ во создавањето на државата Македонија. По 23 години од уставните измени за имплементирање на Охридскиот договор, таквата тенденција како да добива сѐ појасно видлива форма. Низ едно едноставно новинарско истражување во архивите на странскиот печат деновиве направивме паралела за тоа како се правеа уставните измени тогаш, а како сега… и излегоа на површина многу интересни совпаѓања…
Каков беше политичко-правниот амбиент на собраниските седници кога се носеа амандманите за имплементација на Охридскиот договор? Кој во институциите однатре започна да ја демонтира носечката улога на македонскиот народ во македонската држава? Кој здраво ги поткопа унитарниот карактер на државата и националниот карактер на Уставот на Македонија, а кој во преамбулата го врати „македонскиот народ“, бидејќи уште тогаш, во граѓанскиот концепт протежиран од меѓународниот фактор и во согласност со воено-политичките травестити, истиот тој беше избришан… Како сето тоа е пренесувано во странските медиуми во 2001 година и каква е паралелата меѓу уставните измени тогаш и иницијативите сега?
Би-би-си: За многу пратеници,
тоа беше историска капитулација
Имено, во петок, на 7 септември 2001 година, Би-би-си објавува свое сведоштво од македонското собрание, со наслов „Историско гласање на Македонија“, наведувајќи дека за многу пратеници уставните измени биле „момент на историска капитулација“! Во продолжение, интегрално ја пренесуваме статијата на Би-би-си, за да се добие целосен впечаток за тогашната ситуација и да се направи споредба со сегашната, во врска со иницијативите за уставни промени, кои експресно минаа во собраниската комисија за уставни прашања.
Историско гласање на Македонија
(Извор: „Би-би-си“)
Собраниската сала во македонскиот парламент беше полна како никогаш претходно со присутни 116 пратеници од вкупно 120. Оние што не беа присутни имаа добри изговори – едниот е амбасадор во НАТО, а друг бараше да биде ослободен од пратеничките обврски за да може да замине и да се бори на страната на ОНА.
Галеријата за медиуми беше претесна да ги собере сите новинари и камермани што го пренесуваа она што генералниот секретар на НАТО, Лорд Робертсон, го опиша како историска одлука што ја извлекла држава, која била на раб на граѓанска војна.
Сепак, за многу пратеници тоа беше момент на историска капитулација, прво пред албанските бунтовници, за кои тие сметаа дека ги издејствувале отстапките со оружени закани, и второ пред Западот, за кој тие велат дека ги принудил да го прифатат несовршениот мир со парични закани.
Столе Попов: Оној што ќе ги убие срцето и душата на Македонија ќе биде вечно проколнат
Немаше никакво честитање, овации и ракување кога помина гласањето со толку големо мнозинство. Пратениците тивко попуштија на крајот од маратонската петдневна дебата, знаејќи дека сè уште имаат моќ да го моделираат мировниот договор по нивен вкус, кога за 10 дена ќе им бидат претставени 36 уставни амандмани и нови закони.
Лутиот коментар на пратеникот Стојан Попов за време на расправата ја покажа длабочина на анимозитетот што многумина го чувствуваа. Тој порача дека „оној што ќе ги убие срцето и душата на Македонија ќе биде вечно проколнат“.
Понатаму, медиумот „Риалити Маседониа“ во 2001 година пишува за „Драма во македонскиот парламент“.
– Македонскиот парламент наутро во петокот ја одржа 90-та седница и ја изгласа одлуката за усвојување 15 амандмани од македонскиот устав поднесени од претседателот Борис Трајковски.
Предлог-одлуката за усвојување 15 амандмани на Уставот беше изгласана со 94 гласа „за“ и 13 „против“. Македонскиот претседател Борис Трајковски, кој ги поднесе амандманите, исто така учествуваше на седницата.
Пред 90-та седница, парламентот во рамките на 86-та седница ги одобри амандманите на Уставот на Република Македонија. Деведесет и три пратеници гласаа „за“, а 14 „против“ за предложените амандмани на преамбулата.
По 90-та седница, парламентот продолжи да дебатира и со 85 гласа „за“ и само три „против“ му го одзеде мандатот на пратеникот Хисни Шакири, кој беше припадник на таканаречената ОНА.
Вековната цел на македонскиот народ за сопствена држава избледува со механичкото и ноншалантно споменување на Македонците во преамбулата!
Претходно, за време на дебатата што започна доцна во петокот, повикувајќи се на правилникот со цел да ја запознаат јавноста со нивните намери за гласање, Никола Јованов, Љупчо Анушев, Стојан Попов и Радомир Карангеловски рекоа дека нема да ги поддржат уставните измени. Според Стојан Попов, „вековната цел на македонскиот народ за сопствена држава избледува со механичкото и ноншалантно споменување на Македонците во преамбулата“ – наведува „Риалити Маседониа“ пред 21 година.
Интересно е сознанието од сегашна временска дистанца дека поради неприфаќањето на овие пратеници на „механичкото и ноншалантно споменување на Македонците во преамбулата“, „решението“ го нашол токму Хавиер Солана, во тоа време висок комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика. Решението, кое и денес е постојно во преамбулата на македонскиот устав, се препознава во формулацијата: „Граѓаните на Македонија, македонскиот народ, како и дел од (шест набројани) народи“, избегнувајќи го стандардното меѓународно именување за оваа категорија граѓани – малцинство. Тоа „решение“ денес го прави македонскиот устав хибриден (граѓанско- национален), непрецизен правно и јазично, но и подложен на интерпретации и постојани уцени за дополнување со други „делови од народи“.
Во тој контекст говори и извадокот од текстот од 2001 година, на медиумот „Мај плеин вју“.
(Извадок од „Мај плеин вју“)
– Други одредби ратификувани во изминатите неколку месеци ги дефинираат пошироките права за етничките Албанци во Владата, полицијата, армијата и образованието.
Конзервативците меѓу Македонците се бореа против амнестијата, противејќи се на сите отстапки за етничките Албанци. Пратеникот Стојан Попов изјави дека со тоа се деградира „целиот правен систем“.
Законот е клучен за привлекување милиони долари како помош за реконструкција, обезбедени од Европската Унија и САД доколку целосно се имплементира мировниот договор.
Високиот европски дипломат Хавиер Солана ја нарече амнестијата „храбар чекор“ и рече дека покажува „волја на властите и граѓаните за ставање крај на кризата и конфликтот“ – констатира „Мај плеин вју“.
Во извадокот на текстот „Македонските пратеници го поддржаа мировниот план“ на „Амарило глоуб њуз“, исто од 2001 година, оддалеку се препознава методот на „стапот и морковот“, при што се наведува дека „меѓународниот притисок и шансите за добивање голема странска помош за нацијата соочена со криза беа премногу големи за да се игнорираат. (!?)
Македонската нација ставена пред завршен чин
– Многу пратеници го окарактеризираа договорот како политичка кражба, поради што нивната децениска нација била ставена пред свршен чин.
НАТО и западните сили што го надгледуваа пактот со потсмев беа означени како соучесници. Опозицискиот пратеник Стојан Попов жестоко коментираше дека „секој што ќе ги убие срцето и душата на Македонија ќе биде вечно проколнат“.
На крајот, некои од оние што го отфрлија договорот, гласаа во негова корист.
Меѓународниот притисок и шансите за добивање голема странска помош за нацијата соочена со криза беа премногу големи за да се игнорираат – пишувал „Амарило глоуб њуз“.