Самото откажување од грижата за македонското малцинство, без оглед што некој сакаше да го претстави тоа само како чин на немешање во внатрешните работи на соседните земји, во суштина значи опасен преседан што води кон целосна маргинализација на македонската нација и вовед во нејзино обликување според новите геостратегиски потреби. Сето тоа на крајот ќе резултира со формирање „северномакедонска“ нација, со која нема да можат да се идентификуваат Македонците од соседството, но и пошироко, од целата дијаспора. На тој начин целосно згаснува една автентична нација и се креира нова, вештачка, затворајќи го трајно македонското прашање
Етноцидниот зафат над македонското малцинство надвор значи и исчезнување на матичниот национален супстрат во сопствената татковина
Процесот на бришење на македонскиот национален идентитет влегува во завршна фаза и последните настани само го потврдуваат тоа, при што преговорите со Европската Унија ќе се користат само како параван за заокружување на целата операција на бришење на македонизмот од овие простори и создавање нова вештачка нација, најверојатно „северномакедонска“, чиј зародок веќе може да се насети во сè почестите „ненамерни“ лапсуси на странските политичари.
Можеби клучниот момент во овој етноциден зафат беше барањето на Грција и на Бугарија, Македонија да се откаже од грижата за македонското малцинство во соседните земји и на тој начин де факто да потврди дека таму нема Македонци, повторно во името на некаква неизвесна европска иднина.
Но самото откажување од грижата за македонското малцинство, без оглед што некој сакаше да го претстави тоа само како чин на немешање во внатрешните работи на соседните земји, во суштина значи опасен преседан што води кон целосна маргинализација на македонската нација и вовед во нејзино реобликување според новите геостратегиски потреби.
Сето тоа на крајот води кон формирање „северномакедонска“ нација, со која нема да можат да се идентификуваат Македонците од соседството, но и пошироко, од целата дијаспора. Раскинувањето на таа врска е главна цел на дел од соседните земји. На тој начин целосно згаснува една автентична нација и се креира нова, вештачка, затворајќи го трајно македонското прашање.
Експертите се категорични дека штом Македонија се откажала од националното малцинство во соседните држави, тогаш нема национален идентитет ниту во својата држава.
– Во нашиот случај, со договорното откажување од националните малцинства во соседните држави, ние фактички и де јуре прифаќаме дека немаме национален идентитет ниту во својата држава, бидејќи во спротивно би настојувале да го заштитиме надвор од матичната држава. Доколку се гради теза дека ние од наша страна сме прифатиле дека немаме национален идентитет (ерга омнес), тогаш ние самите се претставуваме како вештачка нација што во одредни историски околности настанала под надворешен диктат за туѓи политички цели. Со други зборови, Преспанскиот договор значи комплетна нeгација на идентитетот и во дијаспората, но и во нашата сопствена држава – тврди Игор Јанев, професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград.
Тој својата теза дека без малцинства во соседните земји се губи идентитетот и во својата земја ја темели врз меѓународните конвенции и обичајното меѓународно право.
– Држава чие национално малцинство, според договорот (еден договор), не е признаено во соседната или соседните држави, а треба да се има предвид дека националните малцинства се како категорија заштитени со меѓународни конвенции и обичајното меѓународно право, тогаш таквото малцинство се смета дека не може универзално да се заштити со правото и не потпаѓа како самонепризнаено во сферата на меѓународното право. Во таков случај, ваквата состојба наведува на индиции дека малцинството не поседува универзално прифатена националност и дека правото на националност не постои, па од тие причини ниту треба да има меѓународната заштита од универзален карактер. Имено, кога национално малцинство, според еден договор (т.е. договорно), универзално не е признаено, премиса е дека ова малцинство нема национален идентитет. Од самиот овој факт произлегува и дека во матичната држава националниот идентитет не постои и, оттаму, нема потреба да се заштити според нормите на меѓународното право – истакнува професорот Јанев.
Логиката според која тој ги толкува меѓународното право и меѓународните конвенции, недвосмислено упатува на поразителниот факт дека државите што немаат национални малцинства во соседните држави (или пошироко), немаат нација ниту во сопствената држава.
Професорот Јанев, артикулирајќи ги сопствените тези низ една меѓународно правна призма, уште еднаш посочи дека на Македонија и на македонскиот народ им е ускратено правото на националност, односно на национален идентитет (јус когенс).
Набљудувано низ ваков агол, повеќе од јасно е дека процесот на создавање вештачка нација тече со забрзано темпо, па од тие причини првиот чекор беше прекинување на сите врски со малцинствата надвор од земјава, а потоа промена на името на државата со географска одредница, што, несомнено, води кон промена и на идентитетот и јазикот.
Гаранциите што во овој момент ги даваат европските политичари се обична буква на хартија, бидејќи никој од нив нема да остане на власт во следните 20 или 30 години додека Македонија преговара со ЕУ, а уште помалку никој не може да претпостави што сè Грција и Бугарија ќе испорачаат низ преговорите за да ја остварат својата главна цел – бришење на Македонците и креирање нова нација.
– Ваквата конфликтна и трауматична ситуација не е само манифестација на локалните туку и на глобални геостратегиски интереси. Токму поради тоа не смееше да се случи сами да се маргинализираме како нација, а со тоа и да ја доведеме во прашање сувереноста на македонската држава. Да се откажеш од своите малцинства, македонското малцинство во соседството и пошироко, во услови кога сите соседи и сите држави се повикани да се грижат за правата на своите малцинства, е невиден чин на повреда на основниот концепт на нацијата – категорична е академик Катица Ќулафкова.
Несомнено сите експерти, пошироката јавност, но и слободоумниот народ јасно застанаа во одбрана на македонскиот национален идентитет и се противат на обидите од надвор да се туркаат погубни политики за земјата, кои водат кон создавање нова обезличена нација и да се прекинува врската меѓу македонскиот народ и неговата држава, но и меѓу државата и малцинствата во соседните земји. Токму таа врска мора да опстои, оти, во спротивно, Македонија и Македонците ќе ги снема.