Секоја држава, вклучувајќи ја и Македонија, доколку има нефункционално судство, губи еден од главните атрибути на државноста, нешто што може да доведе до губење и на државниот суверенитет, но и до внатрешни поделби поради ерозија на довербата, кога граѓаните ја губат вербата во институциите, или неправда, која создава перцепција дека сторителите остануваат неказнети
Повод: Случајот со судијата Ељведин Ферати и изречената двегодишна затворска казна за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот
Еден од главните атрибути на секоја држава е правниот систем, оттука нормалното суштествување на државата, но и нејзиното опстојување, е условено од нормалното функционирање на правосудниот систем. Стабилноста и напредокот на секоја држава се условени од почитување на правичноста, спроведување на законите и гаранција дека поединците и институциите се одговорни за своите постапки. Дека нештата не се на завидно ниво во Македонија потврди и последниот пример со судијата Ељведин Ферати, кој досуди двегодишна затворска казна за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, дело што е казниво до пет години. Оваа одлука предизвика бурни реакции кај пошироката македонска јавност, а експертите се согласни дека неказнивоста на судиите води кон уште поголемо правно безвластие, урнисување на владеењето на правото и стимулирање на несоодветно однесување, корупција и поткопување на системот. Што можеме како држава и општество да направиме за да не ни се повторат какви случаи, кои ја поткопуваат македонската држава?
Правосудниот систем е суштината на државата!
Експертите нагласуваат дека нефункционалноста на правосудниот систем доведува до недостиг од структуриран начин на функционирање, поради што институциите на државата не можат ефикасно да ги спроведуваат своите задачи и да ги испорачаат основните потреби на граѓаните. Добро упатени во оваа проблематика велат дека нефункционалноста на правосудниот систем, во комбинација со корупцијата, економската нестабилност и слабите институции, може да доведе до социјални немири, распространета сиромаштија и несигурност.
Државите со нефункционален правосуден систем исто така честопати се соочуваат со предизвици како што се политичко мешање и недостиг од ресурси. Веќе нѐ споредуваат со држави со потешки недостатоци во правосудниот систем, „на ниво на извештаите од Сомалија, која поради слабо владеење на правото се соочува со недостиг од ефективни судски процеси, а поради корупција и Конго исто така се соочува со неефикасност во своите судски процеси“. Постои одредена согласност меѓу познавачите на оваа проблематика дека нефункционалниот правосуден систем создава неефикасност и неправда во државата, а неефикасноста на судството може да биде поттикната и од мешање во судските процеси, кога поединци влијаат врз судските одлуки, но и од лоши закони, кои можат да го попречат спроведувањето на правдата.
Суштината на секој правосуден систем е заштитување на индивидуалните права и слободи (во согласност со законите или уставот), обезбедување рамноправен третман и спречување на дискриминацијата и обезбедување механизми за мирно решавање конфликти, без разлика дали се граѓански или кривични. Според нашите соговорници, недостиг од ова може да доведува и до недостиг од индивидуална слобода, јавна безбедност и општествена заедничка синергија.
– Секоја држава, вклучувајќи ја и Македонија, доколку има нефункционално судство, губи еден од главните атрибути на државноста, нешто што може да доведе до губење и на државниот суверенитет, но и до внатрешни поделби поради ерозија на довербата, кога граѓаните ја губат вербата во институциите, или неправда, која создава перцепција дека сторителите остануваат неказнети – велат нашите соговорници.
Нештата во македонскиот правосуден систем промптно да се стават во вистинска насока
Дека нештата во македонскиот правосуден систем не се поставени на здрави фундаменти и дека доколку нема здрави и длабоки реформи тие нема да се одвиваат во вистинска насока потврди и последниот пример со судијата Ељведин Ферати. Тој досуди двегодишна затворска казна за возачот што смртоносно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово. Станува збор за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, за кои казната е до пет години затвор, но судијата Ељведин Ферати досуди две години затвор за овој случај. Меѓутоа, овој судија не ја бранува првпат македонската јавност. За него имаше и предистрага од страна на скопското обвинителство, откако Антикорупциската комисија утврди дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување.
Одлуката на Ељведин Ферати за двегодишна затворска казна за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот предизвика бранување во пошироката македонска јавност, но и кај државните институции. Пресудата предизвика силни реакции во македонската јавноста. Многу граѓани изразија незадоволство и гнев на социјалните мрежи, нагласувајќи дека казната од две години затвор е премногу блага за сторителот, исто така и семејството на Теодора е длабоко разочарано од пресудата.
Македонскиот премиерот Христијан Мицкоски побара од Судскиот совет да го испита работењето на судијата Ељведин Ферати, нагласувајќи дека правдата не е задоволена и дека судскиот систем потфрлил. Со свој став излезе и министерот за правда Игор Филков, кој нагласи дека – уште еднаш се покажа дека довербата на граѓаните во судството од два отсто не е џабе.
Експертите се согласни дека неказнивоста на судиите води кон уште поголемо правно безвластие, урнисување на владеењето на правото и стимулирање на несоодветно однесување, корупција и поткопување на системот.
– Треба ли конечно да се застане на ваквите појави така што судиите што не судат според словото на законот и не го заслужиле судското место ќе се тргнат настрана од судството, но и ќе одговараат за пресудите што ги носат – прашуваат нашите соговорници.
Од што е условено нормалното функционирање на правосудниот систем?
Ефикасното функционирање на правосудниот систем е условено од еднаквиот пристап на правдата, односно секој граѓанин без оглед на неговото потекло или општествен статус има пристап до квалитетно застапување во текот на судскиот процес. Истовремено потребни се фер и транспарентни процеси, како што е зголемување на транспарентноста во правните постапки за да се поттикне довербата меѓу граѓаните. Според нашите соговорници, функционалноста на судскиот систем во голема мера е условена и од независноста на судството, односно од субверзивните политички и други надворешни вмешателства во текот на судската постапка што се силно за одлучувањето да биде – пристрасно.
Во европски и светски рамки постои согласност дека функционирањето на судството е условено и од кадровската политика, односно од квалитетот на судиите. Неколку истражувања покажуваат дека Данска, Финска и Холандија имаат едни од најквалитетните судии, а тоа беше потврдено и од Европската комисија за ефикасност на правдата според која споменатите држави се пофалени за транспарентност, ефикасност и почитување на човековите права. Податоците исто така посочуваат дека Данска се одликува со висока судска независност, транспарентно и недостиг од политичко влијание, а финскиот правосуден систем е ефикасен, со релативно кратко времетраење на случаите и високо ниво на јавна доверба.
– Ова во голема мера се должи на квалитетот на судиите, односно на кадровската политика во овие држави. Данскиот или холандскиот судија се одликуваат со интегритет и компетентност. Судиите во Данска или Норвешка исто така се одликуваат со чесност, етика и поддржување на владеењето на правото, но се одликуваат и со неутралност, односно се ослободени од пристрасност и предрасуди. Доколку сакаме да го подобриме функционирањето на македонскиот правосуден систем, државата мора да вложи во квалитетот на македонските судии, бидејќи тие на крајот ја доделуваат правдата или неправдата – велат нашите соговорници.