Фото: Фејсбук/МНР на Франција

Клинец во процесот на проширување. Вака познатиот албански политиколог Алтин Ѓета го гледа францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија.

– Целта на Бугарија е да го направи пакетот дел од преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија. Би било проблематично, за првпат билатерален проблем меѓу две држави да се вклучи во преговарачката рамка на целата Унија. Тоа ризикува да го направи преговарачкиот процес на Северна Македонија со ЕУ во бесконечен процес. Овој пакет, дури и да биде одобрен од Македонија, ќе остане неспроведлив, како што се случи со Заедницата на српски општини на северот на Косово. На францускиот предлог повеќе гледам како на клинец (шајка) во процесот на проширување на ЕУ во Западен Балкан отколку како решение на проблемот – оценува тој во интервју за „Ора њуз“.

Според него, третманот на Албанија во пакет со Македонија за интеграција станал проблематичен, но разделувањето го смета за тешко.

– Ова е спој кој стана проблематичен. Северна Македонија е блокирана од Бугарија, а следствено и Албанија е блокирана. Има простор да се разговара за идејата за одвојување на двете земји доколку проблемот остане, но, тоа е тежок процес. Одвојувањето на двете земји ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ и процесот на проширување. Унијата тешко е да го прифати тоа и си пука во нога – посочува Ѓета.

Додава дека со ова темпо, на Албанија ќе и требаат уште најмалку 20 години за да стане полноправна членка на ЕУ.

Претходно еден од најпознатите експерти од областа на безбедноста во Албанија, Илир Кула, излезе со оценка дека ова што се случува со Македонија е потсмев (мајтапење) и оти е неправда која не ја заслужува.

Говорејќи за бугарското вето, што го условува отворањето на преговорите со Македонија и следствено со Албанија, Кула рече дека „секој поставува услови за Македонија, без оглед на правата на граѓаните што живеат таму“.