Тврди „Дојче веле“ по увидот во двата документа понудени од Франција
Македонија ќе треба да се обврзе да ги внесе Бугарите во преамбулата во брз рок, а потоа и да донесе акциски план за заштита на нивните права, за да ги започне пристапните преговори со ЕУ, се наведува во францускиот предлог кој е доставен до Софија, пишува сервисот „Дојче веле“ кој имал увид во двата документа кои се понудени од Франција како решение за надминување на спорот со Бугарија.
Како што пренесува „Дојче веле“, поголем дел од планот „4+1″ на чија основа двете земји преговараат за надминување на билатералниот спор, се сели во преговарачката рамка.
Според ова, во акцискиот план кој треба да го спроведат нашите власти, освен заштитата на малцинствата и недискриминацијата, се споменува и образованието.
Дополнително, за да почнат пристапните преговори, Бугарија ќе треба да биде уверена дека повеќе не се врши дискриминација во земјата и дека нема говор на омраза. Тие прашања ќе бидат регулирани со Акцискиот план на кој Скопје ќе мора да се обврзе – пишува „Дојче веле“.
Бугарија, со овој предлог, всушност ќе може во секој момент да стави кочница за евроинтергративниот процес.
Во однос на статусот на македонскиот јазик, во преговарачката рамка се наведува дека при преводот на европското „аки“ на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните намери на Бугарија и Македонија да донесат унилатерални декларации со кои ќе ги нагласат своите ставови за ова прашање.
Во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти.
Во овој предлог за Преговарачката рамка на француското претседателство, фактички се прифаќаат сите барања на Бугарија, освен барањето за непостоењето на македонскиот јазик.