Неприфатливо е децата (во образовниот процес) да се задојуваат со шовинизам - основно училиште во село Калишта, Струшко

Зачестената објава на ваквите мапи е добро смислено сценарио, според кое, македонското општество треба да почне да се навикнува на оваа симболика, а кога некоја појава се толерира од надлежните институции, тогаш станува правна практика, односно кога еднаш ќе се направи правен преседан и тоа се толерира, тогаш тоа влегува во практиката понатаму како општествено прифатливо. Молкот на домашните институции се движи токму во таа насока, оваа иконографија да стане општествено прифатлива

Предизборна тактика или големодржавна стратегија?

Прагматичноста за која неодамна зборуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, при отворањето на музејот на УЧК во кумановско Сопот, веќе се покажува на дело, така што неостварена цел за освојување територии во 2001 година со помош на оружје, сега се манифестира преку инвазивни методи на освојување на територијата што некој ја замислил како голема Албанија.
– Кога ја почнавме активноста, ја почнавме за да ја направиме Албанија, да нема граница, но политиките се сменија и избравме прагматизам, а не фанатизам – порача неодамна Ахмети, потврдувајќи дека војната во 2001 година беше исклучиво за територии, а наративот за борба за човекови права беше наметнат однадвор за да се оправда освојувачката мисија.
Таа освојувачка мисија продолжува и денес, а најнов пример е грубата и дрска злоупотреба на Денот на албанското национално знаме што се одбележува и во земјава, за повторно покрај знамето на туѓа држава истовремено да се истакнат и мапите на голема Албанија, придружени со вербални восклици и интерпретации на националсепаратистички текстови на песни. Да биде агресивноста уште поголема, вакви мапи осамнаа и на ѕидовите на повеќе основни училишта во земјава, меѓу кои ОУ „Гоце Делчев“ во Подгорци, како и во ОУ „Браќа Миладиновци“ во струшко Калишта.
Интенцијата на ваквото агресивно однесување е повеќе од јасна, да се всади големодржавната идеја уште од најмали нозе и сликата за „голема Албанија“ да биде иницијална каписла во менталниот код на албанската заедница во земјава сè до остварувањето на крајната цел, создавање голема Албанија, без оглед дали тоа ќе биде во балкански или некои други рамки.
Дополнително, зачестената објава на ваквите мапи е добро смислено сценарио, според кое, македонското општество треба да почне да се навикнува на оваа симболика, а кога некоја појава се толерира од надлежните институции, тогаш станува правна практика, односно кога еднаш ќе се направи правен преседан и тоа се толерира, тогаш тоа влегува во практиката понатаму како општествено прифатливо. Молкот на домашните институции е токму во таа насока, оваа иконографија да стане општествено прифатлива.

Гледано низ ваква призма, изјавите на некои овдешните политичари за градење едно општество за сите изгледаат крајно гротескно и несериозно, имајќи предвид дека без оглед колкава улога да им се довери во управувањето со државата, голем дел од политичките претставници на Албанците во земјава и натаму ќе го сонуваат сонот за голема Албанија и ќе работат за тие интереси. Затоа кај нив постои отпор кон државната химна и желба да се интонира туѓа химна, имаат игнорантски однос кон државното знаме, за разлика од знамето на соседна Албанија, а постапката за носење нов државен грб ја опструираат со децении. Сето ова говори дека за нив ваквата Македонија е само преоден стадиум кон она што тие го замислиле и кон што отворено тежнеат, една држава во која ќе живеат сите Албанци на Балканот.
Дека е тоа така говори и сличната симболика истакната за време на неодамнешното одбележување на Денот на косовските безбедносни сили (КБС), од кои дел на своите униформи носеа амблеми што ја симболизираа „голема Албанија“.
Картата на голема Албанија стоеше и во кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама, каде што пред неколку години се собраа политичките лидери на македонските Албанци да ја подготвуваат Тиранската платформа и да ги координираат чекорите во насока на разбивање на унитарниот карактер на Македонија и полесно институционализирање на она што де факто веќе на терен функционира, прво преку федерализација на државата, а потоа и отцепување и припојување кон соседна Албанија. Косово веќе функционира како дел од Албанија бидејќи меѓу двете земји нема граница, така што единствен поголем залак во остварувањето на ваквата големодржавна цел останува Грција, односно областа Чемерија, со што конечно ќе се комплетира сеалбанскиот мозаик на Балканот. Она што е кристално јасно е дека Албанците од Македонија, Косово и од Албанија, без оглед на политичките разлики што ги манифестираат во јавноста, функционираат синхронизирано и работат заеднички на нивната кауза, а за таа нивна цел добиваат огромна поддршка од моќни надворешни центри.

– Кога некој поставува споменици на една територија и не дозволува никој друг да постави споменик или некаков свој белег, кога на таа територија се вее туѓо знаме, кога не важат законите на државата, станува збор за отцепена територија. Онаа иконографија што ја гледавме 20 години, сега станува реалност, бидејќи за да се остане на власт се жртвуваат највисоките државни интереси или, да бидам попрецизен, се жртвува државата. Кога веќе мапите на голема Албанија стигнаа и во училиштата, се слават туѓи знамиња, се интонира туѓа химна, се отфрла македонскиот јазик како заеднички, тогаш де факто тоа е туѓа територија, веќе освоена. Тоа што не успеаја со оружје во 2001 година, некој ги поучи да го направат така што ќе ги поткопуваат институциите на државата однатре. Кога стигнавме во фаза на целосно нефункционална држава и на девастирани институции, лесно ќе се отвори прашањето за нејзино редефинирање. Затоа сега зачести оваа иконографија и со мапи на голема Албанија и со албански знамиња насекаде – објаснуваат соговорниците со кои се консултиравме.
Други, пак, сметаат дека сето ова е инспирирано од предизборниот период, така што недостигот од реални проекти за граѓаните се компензира со ваквата симболика и националистичките проблесоци.
– Предизборната кампања е веќе започната и истата реторика се користи во сите кампањи. Кога не знаат да понудат мерки за подобрување на економската состојба се насочуваат кон вакви кампањи. Време е за радикални промени во државата или ни следува распаѓање – категоричен е политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.


Флагрантно прекршување на Уставот и законите и уште пофлагрантен молк на институциите

Правните експерти со кои се консултиравме се согласуваат дека истакнувањето знамиња на соседна држава, како и мапи што симболизираат големи држави, претставуваат грубо прекршување на Уставот и законите, а надлежните институции се должни да реагираат на ваквите појави со кои се нарушува уставниот поредок на државата. Според нивното мислење, токму истакнувањето знамиња на туѓи држави и мапи во кои се вклучени и делови од Западна Македонија е проблематично по неколку основи и може да биде предмет на институционална реакција.
Првата забелешка е дека со истакнувањето мапи на голема Албанија се промовираат великодржавни шовинистички идеи во кои има елементи на кривичното дело од чл. 319 на Кривичниот законик, предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга основа. Понатаму, прекршување на законот има и при истакнување на знамињата на албанската етничка заедница во земјава, што треба да се разгледа во еден поширок контекст, како изразување територијални претензии и загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата Македонија. Спротивно на Законот за употреба на знамињата е и истакнувањето на знамето на албанската етничка заедница, кое е идентично со државното знаме на Република Албанија. Законот вели дека знамињата на етничките заедници мора да бидат помали, односно една третина од државното.
Сите овие наведени елементи се во колизија со законот и Уставот, така што задача на државните институции е навреме да реагираат и да воспостават функционирање на државата врз целата нејзина територија, со полн капацитет и со сите државни симболи и обележја.