Аерозагаденоста во Скопје да се најде на врвот на листата приоритети за решавање
- Сеопфатниот план на градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, опфаќа повеќе елементи, од кои се издвојуваат: проширување на топловодната мрежа, субвенционирање за топлински пумпи и други еколошки решенија за греење за граѓаните да имаат реална алтернатива на дрвата и јагленот, потоа поставување нови мерни станици за загадување и бучава во индустрискиот сектор, набавка на современи еколошки автобуси во јавниот превоз, субвенционирање за електрични такси-возила, инвестирање во велосипедска и пешачка инфраструктура, поставување пречистувачи на воздух во парковите, како и системско спроведување на редовното одржување на хигиената во градот како основна обврска…
Средно Водно. Поглед кон Скопје. Но панорамската глетка е попречена од сѐ поприсутниот смог што го прекрива главниот град. Скопје деновиве е покриено со густа бело-сива магла. Планинари околу нас, на минување, се жалат дека сè потешко се дише, не само навечер туку и во текот на целиот ден, па спасот го бараат на планината. Ситуацијата е слична и во другите градови, особено откако ноќните температури паднаа под нулата.
Апликацијата „Ај-кју ер“ (IQAir) покажува дека главниот град на Македонија вчера во 11 часот бил на 13-то место меѓу најзагадените градови во светот. Во Европа, пак, македонскиот главен град беше на трето место по загаденост, веднаш зад Сараево и Приштина, а пред Белград. Најзагадени градови во светот вообичаено се Лахор (Пакистан) и Делхи (Индија) додека најчист воздух има во Даблин, Република Ирска.
Смогот ни е реално опасен непријател, но можеме да го победиме
Зимата го влошува проблемот поради користењето нечисти горива за греење и производството на електрична енергија. Невладините организации често предупредуваат дека ПМ-честичките и емисиите од термоцентралите ќе го зголемат загадувањето. Исто така, граѓаните што се соочуваат со финансиски проблеми често палат пластика, гума или отпадно дрво, што дополнително го труе воздухот.
Покрај согорувањето биомаса, индустријата, градежништвото и автомобилите се меѓу најголемите загадувачи. Надлежните апелираат за алтернативи – пешачење, велосипед, јавен превоз и користење чисти извори за греење. Чистите извори за греење се клучни за намалување на загадувањето и заштита на здравјето.
Претходно во повеќе наврати беа најавувани гасификација на Скопје, воспоставување 24-часовен мониторинг-систем врз потенцијалните места каде што се загадува воздухот, редовно и потемелно чистење на градските улици, зголемување на зеленилото…
Што содржи сеопфатниот план за решавање на загадувањето на главниот град?
Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, апсолутно стои на становиштето дека проблемот со загадувањето на Скопје не смее и нема да чека. Всушност, низа мерки се иницирани, но тој потсети дека „се работи за почнување на т.н. сеопфатен план за решавање на ова прашање, врз основа на детална физибилити-студија, изработена со поддршка од меѓународни партнери“.
Во сржта на планот, како што напомена градоначалникот, е „Екофондот“, како финансиски инструмент што ќе ги поддржи проектите за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и за намалување на загадувањето.
Ѓорѓиевски планира проширување на топловодната мрежа, субвенционирање за топлински пумпи и други еколошки решенија за греење за граѓаните да имаат реална алтернатива на дрвата и јагленот, поставување нови мерни станици за загадување и бучава во индустрискиот сектор, набавка на современи еколошки автобуси во јавниот превоз, субвенционирање за електрични такси-возила, инвестирање во велосипедска и пешачка инфраструктура, поставување пречистувачи на воздух во парковите, како и системско спроведување на редовното одржување на хигиената во градот како основна обврска.
Има решенија, како и политичка волја, па потребно е спроведување на мерките и плановите за да се справиме со загадувањето на воздухот и за Скопје повторно слободно да дише. Н.М.

































