Спомен-кулата во Слупчане и пораките што од таму ги испрати раководството на ДУИ се во насока на дезинтеграција и поделба на државата и промоција на бинационалниот концепт на уредување. Останува нејасно и како истата таа општина Липково, која до пред еден месец се жалеше дека нема средства да ги плати сметките за струја и да го наплати данокот оти луѓето биле сиромашни, сега одеднаш собра толку многу пари да изгради спомен-кула од која никој нема никаква полза, туку, напротив, сите трпат непоправлива штета
Спомен-кулата за борците на ОНА како повод
Голем број реакции во јавноста предизвика откривањето на 20-метарската спомен-кула во кумановско Слупчане, подигната во чест на паднатите припадници на ОНА. Граѓаните се револтирани и вчудовидени и се прашуваат за каква хармонизација на општеството станува збор кога се креваат мегаломански споменици на оние што во 2001 година со оружје ја нападнаа државата и го тероризираа населението, додека истовремено не се дозволува да се постави ниту обична спомен-плоча за македонските бранители.
Имено, на свеченоста на откривањето на спомен-кулата, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, испрати порака дека станува збор за објект што треба да обединува, а улогата на ОНА ја поврза со македонската историја.
– Овој споменик не нѐ дели, овој споменик нѐ обединува. Ослободителната народна армија е нераскинлив дел од историјата на оваа земја. Не може да има историја на оваа земја без ОНА – порача Ахмети.
Спомен-кулата во Слупчане и пораките што од таму ги испрати Ахмети загатнуваат неколку аспекти, кои повеќе се во насока на уште поголема поделба во државата отколку на сплотување на општеството.
Имено, додека во Слупчане без никаков проблем никна 20-метарска спомен-кула за борците на ОНА, на Карпалак веќе 20 години не може да остане целосна спомен-плочата за македонските бранители, подло убиени во ракетен напад токму од истата таа ОНА. Плочата редовно се демолира неколку часа по свечениот настан, а како по правило, виновниците никогаш не се пронајдени. Во тетовското село Вејце нема никакво спомен-обележје за масакрираните полицајци за време на конфликтот, што е уште едно злосторство на некогашните припадници на ОНА, па така, одбележувањето на овој настан најчесто е во нечија приватна режија или, пак, во кругот на некоја касарна или полициска станица. Ако веќе се зборува за обединување, дали истите овие лица од ДУИ што го открија споменикот во Слупчане, активно ќе се вклучат да се подигнат 20-метарски спомен-кули на Карпалак, крај Вејце, кај мотелот „Бриони“, во Арачиново, во Матејче? Зашто ако некој заслужил споменик и сите почести тоа се македонските бранители, а не терористи, агресори и воени злосторници, како што јавноста и меѓународната заедница ја препознаваат ОНА.
Зошто четирите Хашки случаи за воени злосторства како случаите „Раководство на ОНА“, „Затворањето на Липковската брана“, „Киднапирањето цивили во Кичевско-тетовскиот Регион“ и „Малтретирање на мавровските работници“, останаа заборавени и сѐ уште чекаат на правна разврска.
Токму затоа овие настани за злоделата на ОНА не можат да бидат дел од македонската понова историја, бидејќи станува збор за извршени злодела што ги потврди и Хашкиот трибунал, што е најдобра потврда дека во македонската историја нема место за луѓе и настани што се поврзани со тероризирање на цивилното население, малтретирање, убиства, раселување…
Втор аспект е идеолошката манипулација што ја прави ДУИ на македонската политичка сцена. Пред некоја година се ребрендира во зелена партија, најавувајќи дека екологијата ќе биде во нејзиниот иден фокус, но во ниту еден момент интегративците на пропуштаат да се навратат на етничката агенда секогаш кога ќе проценат дека тоа може да им донесе партиски бенефиции. Наместо 200 илјади евра да се потрошат на еколошки проекти во Слупчане, на водоводи, канализации, прочистителни станици, се гради спомен-кула што треба повеќе да „означува“ територија, слично на „воениот плен Кичево“ кога се појави можност градоначалничкото место во овој град да го освои Македонец.
Згора на тоа, нејасно е како истата таа општина Липково, која до пред еден месец се жалеше дека нема средства да ги плати сметките за струја, уште помалку да го наплати данокот оти луѓето биле сиромашни, сега одеднаш собра толку пари да изгради спомен-кула од која најмалку полза ќе имаат обичните граѓани, кои и натаму ќе останат со своите егзистенцијални проблеми, додека поени ќе печалат токму оние што ги довеле до таа егзистенцијална загрозеност, политичарите. Тоа само потврдува дека потегот на ДУИ нема ниту јавен, а уште помалку граѓански интерес, туку напротив, внесува дополнителни поделби во општеството, кое и онака се прашува како ќе се справи со сиромаштијата што од ден на ден сѐ повеќе расте.
За социологот Илија Ацевски, откривањето на спомен-кулата во Слупчане не само што нема да го обедини македонското општество туку, напротив, со овој чин започнува завршната фаза на претворање на Македонија во целосно бинационална држава.
– За нас ова е голема психолошка траума. Дури и за обичниот човек што живее од својот труд, ова е трауматично. Кај се на тој настан македонското знаме и химната? Што нè обединува нас тука? Јас лично ова го доживувам како изживување врз македонскиот народ. По сите овие проблеми што ни се случуваат однадвор, ти да правиш монументален споменик тука и да ги навредуваш чувствата на Македонците, навистина е несфатливо – вели Ацевски.
Коментирајќи на еден карикатурален начин, за него откривањето споменик од ваков формат би било обединувачко само под еден услов.
– Спомен-кулата во Слупчане би била обединувачки фактор само ако државата се согласи да прифати дека е бинационална, односно конфедерална. Потоа до тој споменик македонската страна да изгради и свој споменик, па тогаш да зборуваме за обединувачки момент. Така, преку еден карикатурален начин би ги објаснил изјавите дека овој споменик треба да нè обедини сите – истакнува Ацевски.
Тој загатнува еден друг аспект што за него води кон основната поента, дали Македонија веќе функционира како бинационална држава.
– Се поставува прашањето дали тој споменик е легален? Ако е нелегален, а не се постапува, тогаш значи дека ние сме веќе во една федерална нетериторијална држава.
Но ако се декларираме како унитарна држава, а споменикот е нелегален, тогаш треба институциите да реагираат и тој споменик да се урне. Потоа централната власт треба да понуди како законски да се направи тоа, да се договорат сите страни како ќе изгледа тој споменик, што ќе значи и слично, за да не се најде никој навреден – констатира Ацевски.
Според него, ова е вистински момент кога државата треба да реагира и да докаже дека Македонија е унитарна.
– Сега треба да излезе претседателот на државата, премиерот, политичарите и јасно да се изјаснат што мислат за оваа работа. Времето на молчење помина. Не е сега повеќе време да се молчи, треба работите да се постават чесно и на виделина, нема повеќе затскривање – порачува Ацевски.
За него Македонија влегува во завршната фаза на федерализација на државата и сите потези досега, всушност, се школски пример како се разбива една унитарна земја.
– Во моментот почнува реализацијата на завршните елементи, вклучувајќи и на дводомниот парламент, кој наскоро ќе се случи, кои водат до дефинитивно конституирање бинационална држава. Последниот настан со споменикот во Слупчане, како и сличните споменици низ западниот дел на земјата, всушност е означување етнички територии. Таму никаде ги нема државните обележја, што е потврда за бинационалноста што постои. Овој процес во образованието е завршен, исто и на ниво на локална самоуправа, на ниво на јазик, така што целата работа што ни се одвива последните 20 години е школски пример за тоа како се формира бинационална држава – заклучува Ацевски.