Слобода од знаење е нова диктатура

Со претседателот Путин имаме една заедничка точка на спојување – Ленин, да, да Владимир Илич, токму Ленин ѝ бил кум на мојата роднина д-р Елена Каваева Етингер, а дедото на Путин бил во безбедносните служби на Ленин. Токму Каваева, која со сопругот дојде во Струга, а потоа се пресели во Охрид пред шеесетина години, ми го има кажано ова: „Синко, комуњизам њет – ето финансиска конструкција“. Многу подоцна, во „транзицијата“ сѐ ми стана јасно, како и на вас

По неколку критички „удари“ од моите пријатели во „Нова Македонија“, кога се спуштија пердувите и прашината, почнав „подобро“ да размислувам. Што е работата? Велат дека амбасадорот на Русија се пожалил на мојата статија за „козите“. Ја прочитав повторно статијата и – да, се согласувам со неговата забелешка – невнимателно сум го повредил нивниот претседател. На амбасадорот, најискрено му се извинувам. Сум имал можност да го сретнам на една промоција – голем господин. А штом реагира, значи дека се бори за својата земја, за разлика од нашите амбасадори, кои се борат за Косово или за некои други интереси во Обединетите нации. Инаку „козите и комшијата“ се македонски фолклор и не важи за други народи. Искрено, мислев дека никој не ги чита моите текстови – на еден беден безначаен старец пензионер, но, ете, еден голем интелектуалец покажал интерес. Што се однесува до рускиот претседател Владимир Путин, нему исто му должам извинување, но се сомневам дека еден џин може да перципира една ситна пензионерска бактерија од една мала земјичка што се вика Македонија. Знаете – бедата ослободува од обврски. Кога сме веќе кај претседателот Путин, имаме и една мала заедничка точка – Ленин. Да, баш Ленин. Претседателот во едно интервју вели дека неговиот дедо бил во безбедносните служби на Ленин (веројатно „Чека“) во улога на готвач. Ете и јас имам една далечна роднина и многу блиска личност што се викаше д-р. Елена Каваева Етингер, на која Ленин ѝ бил кум. Да, да, тој – Владимир Илич Ленин. Етингерови беа руско-полски богаташи што го финансирале Ленин (меѓу другите), а тој многу ја сакал и протежирал „малата бунтовничка“ Елена. Парадоксално, д-р Елена Каваева Етингер била многу блиска пријателка и со руската кралица Александра, но тоа е долга приказна. За своето учество во револуцијата, д-р Елена има добиено два медала – „Орден Лењина“ и „Орден народни херој Совјетского Сојуза“. Со сопругот Владимир (прв министер за здравство на СССР) се пресели прво во Струга, а потоа во Охрид. Еднаш, тетка Елена уште во 1960-тите ми го кажа следното со полуруски акцент: „Комуњизм умирает – очен лажу, очен покрадут,… њет идеал њет патриотизам“… „синко, комуњизам њет – ето финансиска конструкција“. Многу подоцна, во „транзицијата“ сѐ ми стана јасно, како и на вас. И моите родители беа партизани – со медали, признанија, па и народни херои имаме во фамилијата. Сега нели го избркавме комунизмот, а уште повеќе се човекопонижува. А тој нивен син Самуел – срам да му е – изрод посткомунистички, булшит, ѓубре антифашистичко, мрсник, македо-југославо-титоисто-израелски фундаменталист. Замислете – ги критикува нашите „златни“ политичари, историски комисии, предавници, џихадисти, наркоувозници – срам да му е! Сраааам! Нека пцоиса како стока заедно со неговата „жолта литаратура“, „жолто-антифашизам“ во оваа колективна балканоканализација!

Повторно кај Русите. Го споменаа на телевизија Курск – на каналот „Хистори“. Скоро милион руски војници загинаа за да ги потиснат нацистите назад – слава на маршалите Жуков, Коњев, Рокосовски, Василевски, Толбухин, операцијата „Луси“, агентот Николај Кузњецов, Александр Демианов, Дмитри Медведев… колку милиони Руси, но и други, изгинаа за ние да немаме нацизам и фашизам денес овде? Забораваме, нели? Ама нацистите во Европа – опа цупа – повторно се враќаат на терен. Европа си ги сака фашистите – си ги сака бре! Што би рекле Србите „љубав велика је вечна и лека нема… тралалааа…“ Сега повторно Курск го „грицкаат“ Украинците. Богами ефектот на модерното оружје се гледа. Мислам дека Русите пак ќе го употребат методот на Кутузов – повлекување, па напад. А во Америка нацистите се на втор план, бидејќи сега навалуваат џихадистите. По изборите ќе имаме циркус. Им го кажувам тоа на моите пријатели таму, ама тие се смеат. Си велат – „оваа стара балканска бактерија мрмори нешто – изгледа дека израелско-џихадистичката бул-турлитава му удрила во глава“. А и Русија ќе има проблеми. Вистинските непријатели се внатре. Најопасни се. Па и ние научивме нешто од балканштинава. Имам една порака: на сите политичари во светот – им пожелувам Господ да им даде она што тие му го прават на својот народ.
Пак кај Русите. Дали треба да му се извинам и на рускиот народ? Можеби да – под услов ако баш толку си ги сакаат политичарите. Јас сум голем љубител и почитувач на рускиот народ, а политичарите се нешто друго. Жално е што денес дневната политика се изедначува со негација на нечија култура. Имам пријатели што ми се нашле многу-многу во животот кога бев во Америка. Зар може да се заборават руските кралеви и војсководачи? Историјата, науката, книжевноста? Зар ќе ги заборавиме Пушкин, Чехов, Достоевски, Толстој, Тургењев, Шолохов, Шчедрин, Еесенин, Лермонтов, Њекрасов, Блок, Вознесенски, Јевтушенко, Бродски, Манделштам, Пастернак, Солженицин, Рибаков, Хлебников, Ахматова, Цветаева, Мајаковски, Салников, Иванов, Ландау, Гинзберг, Там, Јавлински, Сахаров, Богољубов, Фридман, Капица, Ломоносов, Лобачевски, Колмогоров, Ковалевска, Перелман, Минковски, Китаев, Арнолд, Кондратиев, Леонтиев, Лјапунов, Полианов, Канторович, Соболев, Менделеев, Мечников, Таљ, Петросијан, Ботвеник, Карпов, Свидлер, Каспаров, Дубов, Рубљов, Дионизиј, Рјепин, Шишкин, Ајвазовски, Мусатов, Кандински, Сутен, Јавленски, Маљевич, Беридзе, Шагал, Рерик, Старјеците од Саров – Серафим, Амфилохиус, Сергиус, Великовски итн. Ова се само некои на кои ад хок се присетувам, а колку се тие што не ги знам? А сега едно многу безобразно прашање – имаме ли ние вакви великани? Скромно да, ама нашата бивша министерка за образование и наука го укина предметот историја и други. Демек човек со амнезија е среќен. Но слобода од знаење е нова диктатура – конформизам со лажен либерализам.

Повторно Курск, Русите таму дадоа еден милион жртви и колку милиони загинаа за да ги потиснат нацистите, за ние денес да немаме фашизам… ама Европа си ги сака фашистите, си ги сака бре!

Ај да се пофалиме сега – имаме нов џихадист, млад дечко во Виена, бравоооооооо! Дечкото го има на слика со два големи ножа – така бе златен, а не како нашиве џихадисти со калашникови, заостанати бреее! Многу ги „сакам“ џихдистиве, еееј – ни ја красат земјичкава, а и општо цивилизацијата. Нашиве се малку понапредни, па и со дрогичка се занимаваат. Велат од ФБИ дека целиот бизнис со кокаин, а третина од хероин го држат нашиве мафии. Тоа се пари бе брат! За нив е сеедно дали се во позиција или опозиција. А не ние пензионери, голтараана, парталаана, демек инте-лелеле-ктуалци се прчосуваме. А тие кољачите џихадисти се исто интелектуалци. Некаде на половина пат од учењето сфатиле дека демократијата значи пара, декаденција, а парата е духовна помија. Ама со тоа не се слагаат нивните „колеги“ од Македонија, тие си ги сакаат паричките. Сега дознав дека криминалецот Рамадани избегал во Косово. Нашите обезбедувачи се „невини“ – ајјј ј ј ј мајката! Поранешниот началник Ѓуровски вели дека тоа е малфункција на безбедносната логистика. Ама ние им веруваме на политичарите, особено ако се коалициски партнери – не бе неее – тие поим немаат! Ова ме потсеќа на романчињата на Хенри Милер што ги читкавме во пубертет – од прегратката може да избега жената или љубовницата. Овој пат избега љубовницата. Пак ќе повторам – кај нас сите се учесници во борбата со џихадизмот – УЧК се борците, а нашите се постелувачи! Зар не? (Во комунизмот Маркс тоа го викаше поделба на трудот, а кај нас – СВОЗ). Сега ИСИС навалуваат во Африка – како што беше мешаницата во Ангола. Некој ги финансира, се разбира, а службите помагаат. Досега најмногу страдаа муслиманите, но овој пат виенскиот – нашиот генијалец направи „квалитативен скок“ – демек ќе ги касапеше рок-фановите заради бласфемија, без разлика дали се христијани или муслимани. Така бе брат џихад. Следните цели се Русија (не се доволно само двапати) и Кина. Нив ги држи цврстата рака (на Запад велат диктатурата), но тоа има граници. Чекај да прашам – ако Иран и Русија се сојузници, тогаш зошто Иран дозволува нивни терористи (Корасан) да убиваат руски граѓани? Не верувам дека се договараат. Роварат западни агенции? – Може, но е малку несмасно, оти подоцна ќе им се свртат.

Се разбира дека има покер меѓу играчите Русија, Америка, Иран и Израел. Тука се вртат нафта, гас, одржување на доларот, оружја, борба со правните системи на Израел и Иран, воведување во игра на Турција, Кипар, Азербејџан и Ерменија. Ги заборавив Ерменците, мои драги пријатели, најстар народ, прва христијанска држава и столб во стариот дел на Ерусалим. И Ерменија е цел на џихадизмот. Ќе зборуваме за тоа во некоја друга пригода. Америка ќе притиска за мир меѓу Израел и Хамас пред изборите, за да добие изборни поени, контрола на теренот, контрола на нафтата и гасот, со што ќе ја продолжи доминацијата на доларот. „Мајмунски сипаници“ (мпокс) може да се појават и во САД, а може и да направат „политички“ проблем и манипулации аналогно на ковидот. Вакцината е иста како за вариола вера, што отвора посебен наратив. Мировен договор значи пораз за Израел, бидејќи Хамас повторно ќе напаѓа по пет или 10 години, со нови оружја („war of attrition“), а немање мир значи неконтролирана состојба на теренот. Русија сака да биде втор контролор на теренот (што и е), плус влечење финансии за борбата во Украина и промовирање на БРИКС, со вовлекување на Кина и нејзините милијарди, што ќе направи дар-мар во „покерот“. Генезата на оваа војна (Украина) е историски многу длабока – уште од поделбата на Римското Царство на Источно и Западно и не можеме овде тоа да го дискутираме. Експерти предупредуваат дека следна цел на џихадистите е Канада, а Америка им е веќе во џебот – штом изборите им зависат од нив, работата е завршена. Моиве браќа Евреи веќе се во дефанзива и хипноза. Голем дел се „како ноеви“ – ја бутаат главата во песок, кој го нарекуваат демократија. Кога сме кај Евреите, да напоменам само дека никаде во Европа не е пожелно да кажуваш дека си Евреин, освен во Македонија, и тоа внимателно – барем засега.

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио